141/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 јули 1995 година донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 6 од Уредбата за начинот и условите за продажба на становите и деловниот фонд на ЈНА што се во државна сопственост на Република Македонија, донесена од Владата на Република Македонија на 21 февруари 1992 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Тунџај Хасанбеговиќ и м-р Димитар Меновиќ од Скопје, му поднесоа иницијативи за оценување уставноста и законитоста на член 6 од Уредбата означена во точката 1 од ова решение, затоа што со него се вршело ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа без притоа да има правен основ во Уставот на Република Македонија и постојните закони, како и се создавала нееднаквост меѓу граѓаните кои ги купиле становите во општествена сопственост.
Во конкретниот случај јавен интерес со кој ќе биде ограничено правото на слободно располагање со откупените општествени станови не бил утврден во ниеден важечки закон, од што произлегувало дека Владата се појавувала во улога на законодавец во однос на прашањето утврдено со член 6 од Уредбата.
Со оглед на изнесеното, подносителите сметаат дека оспорениот член од Уредбата не е во согласност со член 30 став 3 и со членовите 88 и 91 од Уставот на Република Македонија.
Исто така со иницијативата се наведува дека член 6 од Уредбата не бил во согласност со член 55 од Уставот на Република Македонија, затоа што ограничување на слободата на пазарот и правата кои произлегуваат од сопственоста не може да се вршат со уредба, туку со закон во точно со Уставот определените случаи.
3. Судот на седницата утврди дека по поднесени иницијативи од неколку граѓани веќе ја оценувал уставноста и законитоста на означената уредба, а посебно член 6 од Уредбата. Притоа, Судот со Решение У.бр.183/92 од 17 февруари 1993 година не повел постапка за оценување уставноста и законитоста на Уредбата во целина, и посебно се изјаснил дали член 6 од Уредбата не е во несогласност со Устав и со закон.
Притоа, Судот изразил став дека според член 4 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, Република Македонија како рамноправен правен наследник на СФРЈ со другите републики врз основа на договор со другите републики за правното наследство на СФРЈ и за меѓусебните односи, може да презема права и обврски настанати од создавањето на СФРЈ, а во тие рамки и во врска со располагањето и користењето на станбениот фонд со кој располагаше ЈНА, а кој, согласно член 134 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92), премина во државна сопственост на Република Македонија. Во смисла на означената одредба од Уставниот закон и член 119 став 1 од Уставот на Република Македонија меѓу овласт ени претставници на Република Македонија и на СФРЈ е склучен договор, во кој меѓу другото, е предвидено целокупниот неподвижен имот кој го користи ЈНА на територијата на Република Македонија да се предаде на органите на Републиката, а прашањето за станбениот фонд на ЈНА и остварувањето на правата во врска со неговото користење и располагање да го утврди посебна заедничка комисија. Врз основа на Договорот е склучена Спогодба за заемна соработка и за правата и обврските во врска со примопредавањето на воените недвижности, вклучувајќи го тука и станбениот фонд на ЈНА што се наоѓа на територијата на Република Македонија, во која е предвидена обврска сопствениците кои ги купиле становите од ЈНА, а не ги завериле договорите, да не можат да ги оттуѓуваат во рок од шест години од денот на заверката на договорот.
Со оглед на изнесеното, Судот оценил дека со Уредбата се уредува само начинот на извршување на Договорот и Спогодбата со кои е пропишана забрана за продажба на купените станови, поради што утврдил дека таа претставува извршен пропис во смисла на член 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија со која Владата е овластена да донесува уредби и други прописи за извршување на законите, поради што Судот оценил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената уредба, а посебно на член 6 од Уредбата, со означените уставни одредби.
Исто така, во ова решение Судот се изјаснил дека не се повредува уставниот принцип на еднаквост со тоа што се определени различни услови за продажба на станбениот фонд на ЈНА, затоа што утврдил дека положбата и карактерот на станбениот фонд на ЈНА бил уреден на различен начин од другиот станбен фонд на Републиката.
4. Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценувал уставноста и законитоста на член 6 од Уредбата, а по повод на сега поднесените иницијативи имајќи предвид дека фактичката и правната состојба е непроменета, оцени дека нема основ за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.141/95, У.бр.146/95