У.бр.140/2008

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 септември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на точката 7 од Работната единица –„Механизација и одржување на кругот на Фабриката“, предвидена во Правилникот за внатрешна организација на работењето и систематизација на работните места во Фабриката за шеќер „4-ти Ноември“ АД Битола, бр.0101-2387/1, донесен од Управниот одбор на Фабриката на 31 август 2007 година.

2. Петар Костовски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, определувањето во оспорената одредба работното место – инженер за механизација и одржување на кругот на Фабриката да го врши лице – дипломиран технолог, иако таквото образование не опфаќа знаења за возила и нивната механика, ниту за одржување на простор околу индустриски објекти, значело злоупотреба на тоа образование и доведување на подносителот на иницијативата во положба да не може стручно и квалитетно да ги изврши тие задачи, поради што оспорената одредба не била во согласност со Уставот на Република Македонија и со закон.

3. Судот на седницата утврди дека Правилникот ја определува внатрешната организација на Фабриката (I. Производно-технички сектор, чии делови се работни единици: „Техничка управа“, „Лабораторија“, „Електро- служба“, „Механизација и одржување на кругот на Фабриката“, „Сировара и варница“, „Рафинерија“, и „Енергана“, и II. Сектор за економско, финансиско, комерцијално, правно ….. работење).

Оспорената точка 7 е систематизирана како дел од Производно-техничкиот сектор и како дел од работната единица „Механизација и одржување на кругот на Фабриката“, при што одредбата предвидува работното место – инженер за механизација и одржување на кругот да го врши лице – дипломиран технолог.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за уставноста и законитоста на подзаконските прописи и колективните договори.

Со оглед на тоа што оспорениот правилник уредува прашања за внатрешна организација на работењето и систематизација на работните места во Фабриката за шеќер „4-ти ноември“ АД Битола, а не права и обврски на граѓаните во определени општествени сфери, односно Правилникот нема екстерно значење, Судот оцени дека Правилникот не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, поради што Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да постапува по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.140/2008
17 септември 2008 година
С к о п ј е
Лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски