140/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 септември 1996 година, Судот донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 1, член 2 став 2, членовите 3, 4, 6, 7, член 11 став 3 и членовите 13, 14 и 16 од Законот за трансформација на претпријатијата и задругите кои стопанисуваат со земјоделското земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Задружниот сојуз на Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените членови од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што задругите при трансформацијата биле изедначени со земјоделските комбинати и другите претпријатија со општествен капитал, иако задружната сопственост и задругите како облик на здружување на индивидуалните производители според поранешниот уставен поредок имале посебен статус. Понатаму со Уставот на Република Македонија од 1991 година, поточно во неговиот член 30 се гарантирале сите видови сопственост, а уставно-правно било неспорно дека сопственоста здружена во задругите е еден од видовите на сопственост, така што немало уставна основа со оспорениот закон, таа поинаку да се третира. Во прилог на ова бил и член 7 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија според кој Собранието на Република Македонија било должно да донесе закон за трансформација само на општествената, а не и на здружната сопственост. Во оваа смисла сфатени оспорените одредби на законот кои се однесувале на задругите и задружната сопственост имале своевидно повратно дејство, што било во спротивност со член 52 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека по повод поднесена иницијатива, веќе ја оценувал уставноста на означениот закон во целина, па во тие рамки и сега оспорените членови од Законот. Притоа, Судот со Решение У.бр.126/96 од 19 јуни 1996 година не повел постапка за оценување уставноста на Законот и изразил став дека со означениот закон е изземена од трансформација задружната сопственост која има познат титулар, односно на која здругарите го задржале правото на сопственост. Според тоа, со оспорениот закон е предвидена само трансформација на средствата во општествена сопственост и со него не се врши одземање на приватната сопственост, поради што Судот оценил дека не може да се постави прашањето за согласноста на Законот со Уставот на Република Македонија.

4. Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценувал уставноста на означениот закон во целина, а по повод сега поднесената иницијатива не најде основи за поинакво одлучување, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.140/96).