139/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 јули 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на

а) – Упатството за начинот на фактурирање на здравствените услуги, донесено од Фондот за здравствено осигурување во април 1996 година;

б) – Упатството за начинот на фактурирање на здравствените услуги, донесено од Фондот за здравствено осигурување на 6 декември 1996 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Републичкото здружение на лекари – доктори по медицина кои самостојно со личен труд вршат здравствена дејност од Велес, застапувани од адвокатот Владимир Туфегџиќ од Скопје, за поведување постапка за оценување законитоста на упатствата означени во точката 1 од ова решение, затоа што Фондот не е надлежен да уредува права и обврски надвор од пропишаните со Законот за здравствена заштита, што Упатствата предвидуваат задолжително постоење на договори за укажување здравствена заштита помеѓу Фондот и јавните и приватните здравствени организации, без кои не може да се наплати укажаната здравствена заштита, а не само ориентациони договори, што Упатствата пропишуваат постоење договори за укажување здравствена заштита помеѓу јавните здравствени организации и приватните здравствени организации, а тоа Законот не го предвидува, што првото Упатство определува јавната здравствена организација, болничкото лекување на граѓанин упатен таму од приватна здравствена организација да го наплти од приватната здравствена организација, ако овие здравствени организации немаат
договори за укажување здравствена заштита со Фондот, а тоа Законот не го предвидува, и што првото Упатство определува специјалистичките приватни здравствени организации да имаат договори за укажување здравствена заштита со другите приватни и јавни здравствени организации и од нив да ги наплатуваат услугите дадени на граѓаните упатени од тие организации, а тоа Законот не го предвидува, поради што двете упатства не биле во согласност со одредбите од Законот за здравствена заштита.

3. На седницата Судот утврди дека првото Упатство престанало да важи на 6 декември 1996 година со донесувањето на второто Упатство, што произлегува од фактот дека второто Упатство претставува измена и дополнување на првото Упатство според пропратното писмо од фондот до подрачните служби.

Со оглед на тоа што првото Упатство престанало да важи пред да се поведе постапка, Судот утврди дека нема процесни претпоставки за постапување по тој дел од иницијативата, поради што, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Судот, понатаму, утврди дека второто Упатство не содржи одредби за права и обврски надвор од законските, ниту одредби со кои се воведува обврска за постоење договори помеѓу здравствените организации (јавните и приватните односно специјалистичките приватни и приватните), како и обврска за јавните здравствени организации наплатата на болничкото лекување да се врши од приватната здравствена организација која го упатила осигуреникот на такво лекување, а нема договор со јавната здравствена организација за таква услуга.

Со оглед на тоа што второто Упатство не содржи одредби какви што се оспоруваат, Судот утврди дека нема процесни претпоставки за постапување ниту по тој дел од иницијативата, поради што, исто така согласно на член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.139/96)