139/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 февруари 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Заклучокот на Владата на Република Македонија бр.23-17/73, донесен на 26 март 1992 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија од Цветан Станоевски од Скопје му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што Владата на Република Македонија не била надлежна за именување заменици на министрите.
3. На седницата Судот утврди дека според оспорениот заклучок Владата заклучила постојните заменици да продолжат да ја вршат оваа функција до именувањето на нови заменици на министрите на Владата.
4. Според оценката на Судот, со оспорениот заклучок се создава основа постојните заменици да продолжат да ја вршат функцијата до изборот на нови заменици од страна на Собранието на Република Македонија, што значи дека со него не се пропишува начин на именување на замениците кој би важел во иднина при секој нов чин на именување, туку со него се решава една конкретна фкатичка ситуација. Поради тоа, Судот смета дека оспорениот заклучок не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, ниту пак поединечен акт со кој се повредуваат основните слободи и права за чија заштита, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, одлучува Уставниот суд на Република Македонија.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.