138/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 септември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 6 точка 10 од Законот за Градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/96 и 71/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Назми Маљичи пратеник во Собранието на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 6 точка 10 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба се повредувал принципот на самостојност на општините во вршењето на изворните надлежности, што не било во согласност со член 115 од Уставот.

3. Тргнувајќи од фактот дека Уставниот суд постапувајќи по предметот У.бр.40/97 ја оценувал уставноста на член 6 од Законот за Градот Скопје и притоа, утврдил дека таа одредба е во согласност со Уставот, бидејќи со неа не се нарушува принципот на самостојноста на општината во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, поради што со Решение У.бр.40/97 од 18 јуни 1997 година не повел постапка за оценување на уставноста на наведената одредба од Законот, како и од тоа дека со Решение У.бр.103/97 од 2 јули 1997 година ја отфрлил иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на оспорената одредба, што значи дека Судот за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.138/97)