137/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 21 став 1 точка 3, на членовите 29 и 31 од Правилникот за вршење на работите на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.12/98).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 30, 32, 33, 34, 35, 36, 37 и на член 44 ставовите 3, 4 и 5 од Правилникот.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот означени во точките 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата со отстранување од правниот поредок на членот 29 од Законот за внатрешни работи со Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.229/97 од 3 јуни 1998 година, не постоел правниот основ за оспорените одредби од Правилникот затоа што всушност тие се во функција на извршување на укинатиот член 29 од означениот закон. Поради тоа подносителот на иницијативата смета дека не се во согласност со Уставот и Законот за внатрешни работи.

4. На седницата Судот утврди дека според член 21 став 3 точка 3 од Правилникот овластеното службено лице ќе приведе лице без наредба, меѓу другото, кога постои основ за примена на мерката задржување, во член 29 е предвидено дека овластените службени лица можат да задржат лице најмногу 24 часа ако истото го нарушува или загрозува јавниот ред и мир, а воспоставувањето на јавниот ред и мир или отстранувањето на загрозувањето не може да се постигне на друг начин и во случај кога лицето го испорачал странски орган на безбедноста заради спроведување до надлежен орган.

За секоја примена на мерката задржување, од раководителот на организационата единица или од него овластен работник се изготвува решение во кое се наведува основот и причините за задржувањето.

Според член 30 од Правилникот овластените службени лица, веднаш по приведувањето го запознаваат задржаното лице на јазик што го разбира со причините за приведување, односно задржување и со неговите права утврдени со Устав и закон (правото да молчи, правото да се советува со адвокат и да има бранител по негов избор за време на испитувањето, како и за правото за задржувањето да се извести член на неговото семејство или нему блиско лице).

Приведените и задржаните лица не треба да се изложуваат на јавна љубопитност, односно за нив не можат да се даваат информации освен на државните органи надлежни за водење на натамошната постапка, а според член 31, доколку задржаното лице во рок од 12 часа од моментот на задржувањето, изјави жалба до министерот за внатрешни работи, решението по жалбата му се доставува во рок од 12 часа од часот кога е изјавена жалбата. Во член 32 од Правилникот е предвидено дека овластеното службено лице, во рок од три часа од задржувањето го известува семејството на задржаното лице, а претпријатието или органот во кое е вработено доколку задржаното лице тоа го бара, а според член 33 овластеното службено лице, лицето кое го задржува претходно го легитимира и прегледува, со цел пронаоѓање и одземање на предмети кои лицето може да ги употреби за напад или самоповредување.

Во членот 34 од Правилникот задржувањето во министерството се врши исклучиво во просторија за задржување, а за време на траењето на задржувањето се врши повремен надзор над задржаното лице од аспект на заштита на неговата лична безбедност и попречување на евентуален обид за бегство.

Мерката задржување на лице може да се примени и на самото место каде настанале причините за нејзина примена кога е тоа потребно заради документирање или расветлување на настанот, заради негово сослушување од истражниот судија во случаите кога е веројатно дека подоцна нема да се изврши сослушувањето или тоа би било поврзано со значително одложување или со други тешкотии, а според член 35 за секое задржување на лице, овластеното службено лице составува службена белешка во која ги внесува личните податоци за задржаното лице, причините за задржувањето, денот и часот кога задржувањето почнало и кога престанало, како и други податоци кои се во врска со преземањето на оваа мерка (дали во постапката бил вклучен бранител, дали и кога е известено неговото семејство или приватното лице каде работи доколку тоа го барал, дали имало безбедносни и други проблеми во врска со задржувањето и слично). Во прилог на службената белешка од став 1 на овој член се изготвува записник во кој точно се наведува времето на започнување и завршување на задржувањето. Записникот го потпишува овластеното службено лице и задржаното лице.

Според член 36 од Правилникот доколку е задржан странски државјанин, овластеното службено лице, покрај правото на бранител овозможува посета и разговор без надзор, по барање на дипломатски претставник од неговата земја или друг преставник со дипломатски статус кој ги застапува интересите на неговата земја или е претставник на меѓународни организации и органи, а во членот 37 е предвидено дека на лице задржано повеќе од 6 часа му се обезбедува исхрана. Според оспорените одредби на член 44 ставовите 3, 4 и 5 од истиот правилник овластените службени лица, во случаите определени во ставот 1 на овој член точка 1 и 2, по исклучок лицеот можат да го задржат, ако задржувањето е потребно заради утврдување на идентитетот, проверување на алиби или ако од други причини е потребно да се соберат нужни податоци за водење на постапка против определено лице, ако постојат причини за притвор согласно Законот за кривична постапка, или постои основано стравување дека тоа лице ќе ги уништи трагите на кривичното дело (став 3).

Во случај на задржување од ставот 3 на овој член ако лицето кое е лишено од слобода бара помош од бранител, овластеното службено лице ќе го одложи извршувањето на сите дејствија до доаѓањето на бранителот, но најдолго за два часа од времето кога на задржаното лице му била дадена можност да го извести бранителот (став 4).

Задржувањето од ставот 3 на овој член може да трае најдолго 24 часа, по што овластеното службено лице задржаното лице го пушта на слобода или го приведува до надлежниот истражен судија (став 5).

На седницата Судот исто така утврди дека со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.229/97 од 3 јуни 1998 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/98) е укинат членот 29 и членот 65 став 5 од Законот за внатрешни работи.

5. Во членот 12 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека слободата на човекот е неприкосновена. Според ставот 2 од овој член, никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон. Во ставот 3 од овој член е предвидено дека лицето повикано, приведено или лишено од слобода мора веднаш да биде запознато со причините за неговото повикување, приведување или лишување од слобода и со неговите права утврдени со закон и од него не може да се бара изјава. Лицето има право на бранител во полициската и судската постапка. Според ставот 4 од овој член лицето лишено од слобода мора веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од моментот на лишувањето од слообда, да биде изведено пред суд, кој без одлагање ќе одлучи за законитоста на лишувањето од слобода.

Од наведената уставна одредба произлегува дека Уставот, прогласувајќи ја неприкосновеноста на слободата на човекот како негова основна слобода, истовремено ги утврдува и основите, условите и начинот на нејзиното ограничување. При тоа ги определува и можностите за нејзино ограничување, така што утврдува дека никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон што значи нејзиното ограничување мора да се врши со строго почитување на законитоста односно со закон пропишаните услови и постапка со што се исклучува секакво самоволие на било кој орган. Посебна гаранција е надлежноста на судот, како независен и самостоен орган да одлучува за нејзиното ограничување. Според тоа, граѓанинот може да биде лишен од слобода само кога таквиот случај е предвиден со закон и кога за тоа постои и одлука на Судот за негово лишување од слобода.

Поаѓајќи од ваквото сваќање на означената уставна одредба, пред Судот се постави прашањето дали оспорените одредби од Правилникот за вршење на работите на Министерството за внатрешни работи имаат уставна и законска основа.

Неспорно е дека со оспорените одредби на член 21 став 1 точка 3 и на членовите 29 и 31 од Правилникот се пропишува начинот на постапување на овластените службени лица во примената на со закон утврдените посебни должности и овластувња на Министерството за внатрешни работи, конкретно за овластувањето на службените лица да можат да задржат лице најмногу 24 часа ако истото го нарушува или загрозува јавниот ред и мир, како и овластувањето на службеното лице да ги преземе сите дејствија во врска со задржувањето и задржаното лице (полициската постапка) и несомнено дека тие имале своја основа во членот 29 од Законот и претставуваат негова операционализација и со оглед на тоа што е отстранета оваа одредба од правниот поредок може да се смета дека немаат ниту уставна, ниту законска подлога. Имено таквиот начин на постапување на службените лица излегува од рамките на член 12 од Уставот од кој произлегува дека лицето лишено од слобода мора веднаш да биде изведено пред суд, кој без одлагање ќе одлучи за законитоста на лишувањето од слобода, поради што пред Судот се постави прашањето за нивната уставност и законитост.

Меѓутоа, ако се анализираат другите оспорени одредби од Правилникот може да се заклучи дека од нив произлегува обврска за службените лица на органот за внатрешни работи, во постапката, а во врска со задржувањето на лице да преземаат дејствија што се во интерес на задржаното лице или се преземаат при самиот чин на лишувањето од слобода, и во случаи кога лицето е испорачано од странски орган, а кои задолжително треба да се преземат до предавањето на лицето на суд или друг орган.

Според мислењето на Судот не е спорно дека наведените дејствија преземени од страна на овластеното службено лице во полициската постапка претставуваат лишување од слобода и задржување на лицето, но Судот смета дека таквото задржување истовремено е вофункција и до предавањето, односно приведувањето, па тоа нека е и веднаш, без задржување, на надлежен суд или надлежен орган и кога се работи лицето да го испорачал странски орган, што во овој случај не мора да биде суд, туку може да биде упатено на издржување казна, односно дека тие претставуваат метод на работа на органот.

Исто така, Судот смета дека оспорените одредби од ставовите 3, 4 и 5 на член 44 од Правилникот кога овластените службени лица можат да задржат лице по исклучок, ако задржувањето е потребно заради утврдување на идентитетот, проверување на алиби, ако лицето лишено од слобода бара помош од бранител, или ако од други причини е потребно да се соберат нужни податоци за водење на постапка против определено лице, ако постојат причини за притвор согласно Законот за кривичната постапка или постои основано сомнение дека тоа лице ќе ги уништи трагите на кривичното дело, а сите овие дејствија на овластеното службено лице се во функција на лишувањето од слобода на лице затечено во извршување на кривично дело за кое се гони по службена должност (став 1 точка 1); за кое постојат основи на сомнение дека сторило кривично дело за кое се гони по службена должност ако постои опасност од одлагање а постои некоја од причините за притвор (точка 2); за кое е распишана потрага од суд, казнено поправен дом или Министерството (точка 3), поради што не може да се постави прашањето за нивната согласност со член 12 од Уставот и со Законот за внатрешни работи.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.137/98)