136/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 септември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 86 ставови 1, 2 и 3 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006 и 129/2006).

2. Манчо Манчев од Кавадарци, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 86 ставови 1, 2 и 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорените ставови 1, 2 и 3 од членот 86 од Законот не биле во согласност со Амандманот XXI со кој е заменет членот 15 од Уставот, како и членот 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија.

Налогот за извршување со кој извршителот одлучува по барањето за извршување и неговата основаност имало карактер на одлука со која се решава за права и обврски на граѓаните, која како таква се опфаќала со точката 1 на Амандманот XXI од Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека налогот за извршување во контекст на наведениот Амандман претставувал поединечен правен акт донесен во постапката за извршување од страна на изввршителот кој врши јавни овластувања.

Врз основа на наведеното се бара, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 86 ставови 1, 2 и 3 од Законот за извршување.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 86 став 1 од Законот, извршителот пред да пристапи кон пописот со налог ќе му наложи на должникот да го плати износот утврден во извршната исправа заедно со каматата и трошоците.

Според оспорениот став 2 од Законот налогот од ставот 1 на овој член содржи:
– име/назив на доверителот, живеалиште/престојувалиште или седиште;
– бројот на извршната исправа која се извршува и органот кој ја донел;
– долгуван износ како главен долг;
– споредни побарувања;
– трошоци на постапката и на извршувањето;
– забрана за располагање;
– рок од три дена за плаќање на долгот по извршната исправа;
– место на пописот и
– начин на вршење на пописот.

Според оспорениот став 3 на овој член од Законот, во налогот задолжително се укажува на должникот дека доколку го намирил долгот кон доверителот согласно со извршната исправа, е должен за тоа да го извести извршителот. Во налогот задолжително се предупредува должникот дека доколку не постапи согласно со извршната исправа во рокот определен со налогот, ќе се пристапи кон попис, процена и пленидба на подвижни предмети.

4. Според членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од изнесената уставна норма произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија во рамки на своите уставно определени надлежности одлучува за уставноста и законитоста на прописите што се во правниот поредок, а во тие рамки може да ја оценува уставноста на одредбите од Законот за извршување кои се предвидени и содржани во Законот, но нема надлежност да одлучува за тоа што овој закон не содржел, а трабало да содржи, на што впрочем и се однесува барањето во предметната иницијатива.

Поаѓајќи од иницијативата со која се оспорува уставноста на Законот за извршување од аспект дека не предвидува одредби какви Законот според подносителот на иницијативата требало да ги содржи, па поради тоа тој бил спротивен на Уставот, а имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, Судот утврди дека се исполнети условите согласно наведената деловничка одредба за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.136/2008
17 септември 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски