135/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 март 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на членовите 12-а, 12-б, 103 став 1 точка 10 и член 109 од Правилникот за работни односи, донесен од Работничкиот совет на Општественото претпријатие “Технометал-Вардар” во Скопје на 21 декември 1991 година, а изменет на 1 април 1991 година и на 17 мај 1991 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Чемерски Диме од Кавадарци му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на оспорените одредби од правилникот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со нив било предвидено на работникот да му престане работниот однос ако не го потпише договорот за меѓусебните права и обврски со претпријатието и што не биле определени органите што треба да одлучуваат за заштита на правата на работниците, што не било во согласност со законот.
3. Судот на седницата утврди дека во член 12-а став 1 од Правилникот е предвидено претпријатието да склучува договор за условите под кои генералниот директор, како и другите работници, додека се во работен однос и две години по престанувањето на работниот однос во претпријатието, да не можат да основаат претпријатие или дуќан, да работат или да се ангажираат во претпријатие или дуќан со иста или слична дејност, со што би можеле да му предизвикаат штета на нивното претпријатие. Во ставот 2 од овој член е предвидено ако лицата од став 1 постапат спротивно на условите определени со актот и договорот, претпријатието има право пред надлежниот суд да бара надоместок за настанатата штета, право за бришење од судскиот регистар на дејноста чие вршење ја предизвикало штетата и да презема други мерки во согласност со актите на претпријатието. Во член 12-б од Правилникот е предвидено дека пред стапување во работен однос, работниците склучуваат договор со претпријатието, во согласност со одредбите од член 12-а, а работниците кои се во работен однос најдоцна 30 дена по стапување на Правилникот во сила.
Понатаму, Судот утврди дека во член 103 став 1 точка 10 од Правилникот е предвидено дека на работникот ќе му престане работниот однос ако одби да го склучи поединечниот договор за меѓусебните права и обврски со претпријатието.
4. Според член 141 од Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ” бр.77/88, 40/89, 46/90 и 61/90), работниот човек кој самостојно врши дејност со личен труд односно со личен труд и со средства во сопственост на граѓаните може да основа дуќан заради вршење на стопанска дејност, во согласност со закон. Согласно членовите 178-а и 178-б од овој закон, претпријатието во согласност со својот акт го склучува договорот за условите под кои директорот и другите работници, додека се во работен однос, а најдолго две години по престанувањето на работниот однос во тоа претпријатие, да не можат да основаат претпријатие односно дуќан кои со вршењето на дејноста би можеле да предизвикаат штета на претпријатието. Ако работниците постапат спротивно на условите определени со општит акт на претпријатието, претпријатието има право пред надлежниот суд да бара надоместок на настанатата штета и право на поднесување тужба за бришење од судскиот регистар на дејноста чие вршење ја предизвикало штетата.
Според член 3 став 2 од Законот за самостојно вршење дејност со личен труд (“Службен весник на СРМ” бр.18/89, 46/89 и 23/90) дуќан може да основа и лице во работен однос и пензионер.
Од наведените законски одредби произлегува дека не постои законска пречка, под условите определени со закон, и работник кој е во работен однос да основа дуќан заради вршење дејност со дополнителен личен труд односно со средства во приватна сопственост, доколку основањето на приватни претпријатија и дуќаниодносно вршењето дополнителна работа во други организации од страна на лица што се во работен однос не е на штета на претпријатието во кое се во работен однос. Претпријатијата имаат законско овластување, со општ акт, во зависност од природата на својата дејност, односно од природата на работата на одделни работници, да ги утврдат условите под кои работниците не можат да основаат приватни претпријатија или дуќан односно дополнително да работат во други претпријатија или кај други работодавци, за што е предвидена и обврска за склучување на договор со кој работниците се обврзуваат дека нема да основаат претпријатие односно дуќан кои со вршењето на дејноста би можеле да предизвикаат штета на претпријатието.
Со оглед на тоа што со оспорените одредби од Правилникот во смисла на означените законски одредби, се утврдуваат условите под кои работниците не можат да основаат претпријатие односно дуќан додека се во работен однос и последиците што ќе настанат доколку не постапат во согласност со предвидените услови, односно доколку не го потпишат договорот за прифаќање на утврдените услови, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со означените законски одредби.
5. Разгледувајќи го оспорениот член 109 од Правилникот, Судот утврди дека тој се наоѓа во делот од Правилникот што се однесува на заштита на правата на работниците, при што во ставот 1 од овој член се наброени органите кои одлучуваат за остварувањето на поединечните права, обврски и одговорности на работниците, а во ставот 2 е предвидено дека против одлуката на Комисијата за работни односи и генералниот директор, работникот има право да поднесе барање за заштита на своите права до Работничкиот совет и до Второстепена комисија за работни односи. Во ставот 3 од овој член е предвидено дека одлуката на второстепениот орган е конечна.
6. Според член 80 став 1 од Законот за основните права од работниот однос работникот има право на надлежните органи во организацијата, односно на работодавецот да им поднесува барање заради остварување на своите права од работниот однос, како и правои на приговор против одлуките што тие органи ги донесуваат за неговите права, обврски и одговорности. Во ставот 2 од овој член е предвидено дека приговорот работникот го поднесува до органот утврден со општиот акт, односно со колективен договор.
Со оглед на тоа што во оспорениот член 109 од Правилникот се утврдени органите кои одлучуваат за поединечните права, обврски и одговорности на работниците, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означената законска одредба.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение, Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.