132/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 ноември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на членовите 5, 6, 39 и 42 од Одлуката за јавниот градски и меѓуопштински (приградски) превоз на патници во град Скопје, број 09-694/1 донесена од Советот на град Скопје на 23 март 1999 година.

2. Љупчо Кузмановски, градоначалник на Општина Зелениково, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одредбите од одлуката означена во точката 1 од ова решение. Според иницијаторот оспорените членови од Одлуката не биле во согласност со членот 17 став 1 точка 12 од Законот за локалната самоуправа и со членовите 37, 43 и 44 од Законот за превоз во патниот сообраќај. Согласно законските одредби општините го уредувале начинот на превоз во градскиот, приградскиот односно локалниот сообраќај во согласност со закон. За превоз на патници што се вршел на релации меѓу населени места на новооснованите општини и општините од кои произлегле, општините можеле да склучат спогодба за заедничко организирање на овој вид превоз, а доколку таква спогодба не била склучена, превозот ќе го организирало Министерството за сообраќај и врски. Градот Скопје немал склучено спогодба за заедничко организирање на превоз на патници со новооснованите општини, а со оспорените членови од Одлуката ги узурпирал надлежностите на општините кои произлегле од него, но не се дел од градот Скопје.

3. Судот на седницата утврди дека основ за донесување на одлуката чии одредби се оспоруваат е член 61 од Статутот на град Скопје, член 6 точка 15 од Законот за градот Скопје и член 33 од Законот за превоз во патниот сообраќај. Во членот 5 е утврдена мрежата на градски и приградски линии и тоа: бројот на линијата, називот на линијата и трасата на линијата (следи табела од 29 градски и 51 приградски линии). Според членот 6, мрежата на градските и приградските автобуски линии ја утврдува Советот на град Скопје по предлог на надлежниот градски орган. Со мрежата на автобуските линии се утврдува и фреквенцијата односно превозните капацитети што подразбира утврдување на бројот на возила за врвното часовно оптоварување кога протокот на патници е најголем. Во членот 39 се определени 59 автобуски свртувалишта на приградската мрежа. Во членот 42 се определени 161 стојалиште на приградската мрежа.

4. Согласно член 17 став 1 точка 12 од Законот за локалната самоуправа, единиците на локалната самоуправа самостојано го уредуваат начинот на превоз во градскиот, приградскиот односно локалниот сообраќај во согласност со закон. Според ставот 2 на овој член, работите од став 1 , значи и работите утврдени во точката 12, ги вршат и единиците на локалната самоуправа на подрачјето на градот Скопје, освен оние што се во надлежност на градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа утврдени со Законот за градот Скопје.

Според член 6 став 1 точка 15 од Законот за градот Скопје, врз чија основа е донесена оспорената одлука, градот Скопје самостојно го уредува начинот на превоз во градскиот и меѓуопштинскиот сообраќај во согласост со закон.

Согласно членовите 2 и 3 став 1 точка 5 од Законот за комунални дејности, вршењето на комунални дејности е од јавен интерес. Комунална дејност во смисла на овој Закон, е и јавниот градски и приградски превоз под што се подразбира превоз на патници на линии во градови и други населени места, освен превозот со железница кој е утврден со посебен закон.

Членот 6 од овој Закон уредува дека посебните услови и начинот на вршење на комуналните дејности се уредуваат со закон.

Со Законот за превоз во патниот сообраќај се уредуваат условите и начинот на вршењето на превозот на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.

Според член 2 став 1 точка 20 и точка 21 од овој Закон, “приградски превоз” е линиски превоз што се врши на подрачјето на градот и неговата околина и е наменет за дневна миграција меѓу град и населби што гравитираат кон него и претставуваат целина, а “градски превоз” е линиски превоз што се врши на линии на урбанизираното подрачје на градот.

Со членот 37 став 1 и 2 од овој Закон е уредено дека општината, односно градот Скопје го утврдува бројот на автобуските станици и автобуските стојалишта за меѓумесниот и меѓународниот превоз на патници во населените места. Општината односно градот Скопје, ги уредува користењето, одржувањето и изградбата на автобуските станици и автобуските стојалишта во населените места.

Според членот 43 став 1 алинеи 1 и 6 од овој Закон, општината односно градот Скопје го уредува превозот во градскиот и приградскиот сообраќај при што особено утврдува мрежа на линии и нивни основни елементи согласно со потребите на општината односно градот Скопје, начинот на одржување и фреквенција на истите, локација на автобуските терминали, свртувалишта и стојалишта и постапката за нивна измена.

Членот 44 од овој Закон, уредува дека за превозот на патници што се врши на релации меѓу населени места на новонастанатите општини и општините од кои произлегле, општините можат да склучат спогодба за заедничко организирање на овој вид превоз. Доколку општините не склучат спогодба за заедничко организирање на линискиот превоз на патници, истиот ќе го организира Министерството за сообраќај и врски.

Врз основа на цитираните законски одредби произлегува дека градот Скопје е овластен да го уредува како градскиот така и приградскиот превоз и во тие рамки да ја утврдува мрежата на линиите и нивните основни елементи, начинот на одржувањето и фреквенцијата на истите како и локацијата на автобуските терминали, свртувалишта и стојалишта како и постапката за нивна измена.

Ако се има предвид дека градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа чии надлежности се утврдени со посебен закон, како и карактерот на градот Скопје како главен град на Република Македонија и како единствена просторна, урбана, економска, политичка и еколошка целина, логично е во надлежност на градот Скопје да биде уредувањето на превозот на територијата на градот и на населените места кои гравитираат кон него.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека тврдењето во иницијативата дека градот Скопје не е надлежен да ги уредува прашањата сврзани со превозот се неосновани и дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената Одлука со наведените законски одредби.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.132/99
3 ноември 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков