130/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92). на седницата одржана на 22 декември 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 8 став 4 од Правилникот за мерилата, начинот и постапката за утврдување и стекнување на платите на работниците во АД “Интеримпекс” во Скопје, донесен од Управниот одбор на 25 феврури 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Димитар Граматиков од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 8 став 4 од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што предвидувал личните доходи на работниците да се утврдуваат споредд основи со кои една категорија работници била привилегирана, што не било во согласност со Уставот и со закон.
3. На седницата Судот утврди дека според член 1 од Правилникот, платата на работниците се состои од плата на извршена работа, плата за учество во добивката и надоместоци на плата, потоа, согласно член 2 од Правилникот, платата за извршена работа ја сочинуваат основната плата, додатоците на основната плата -минатиот труд и стимулативен дел на плата. Во член 5 од Правилникот е предвиден стимулативен дел на плата за комерцијалните работници, кој се определува според остварената, односно наплатената разлика во цена и за некомерцијалните работници – според остварените резултати на работата на секој работник мерени со обемот, квалитетот и благовременото извршување на работите. Во оспорениот член 8 став 4 од Правилникот стимулативниот дел на платите на некомерцијалните работници распоредени на работни задачи во службите за правна помош, за коресподентски и сметководствени услуги, организирани во соодветните комерцијални сектори, се утврдува сразмерно на приходите од извршени услуги.
4. Според член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективни договори.
Според член 49 став 1 од Законот за основните права од работниот однос, на работникот му припага личен доход за работата во согласност со општиот акт усогласен со општествениот договор и со закон, а според став 2 на овој член од Законот на работникот му припага личен доход како дел од доходот односно добивката, кој е сразмерен на придонесот на работникот во создавањето на тој доход односно добивката во согласност со општиот акт односно колективниот договор.
Од изнесените законски одредби произлегува дека личниот доход на работниците се определува со општ акт на претпријатието во согласност со колективниот договор.
Со оглед на тоа што прашањето за начинот на утврдување на платите се уредува со општиот акт на претпријатието, право е на претпријатието да ги утврди елементите и висината што ќе ја сочинуваат платата на работникот, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 8 став 4 со означените уставни и законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.