129/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јуни 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 123 став 5 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 104 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот дел на членот 123 од Законот немал уставна основа, затоа што според член 1 од Уставот, Република Македонија била социјална држава. Оспорениот законски дел не бил во согласност ниту со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – хуманизмот, социјалната правда и солидарноста од член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот.

Во иницијативата понатаму се наведува дека требало, исто така, да се има предвид и одредбата на член 6 став 3 под в) од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, според која секој обвинет ќе го имал и минималното право – доколку не располагал со средства за бранител, да добие бесплатен службен адвокат, кога интересите на правдата тоа го бараат. Ако сиромашниот обвинет има право да добие бесплатен службен адвокат, дотолку повеќе тој имал и право да биде ослободен и од наградата и потребните издатоци што ги има дадено на својот бранител.

Поради изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот дел од членот 123 став 5 од Законот не е во согласност со членовите 1 став 1, 8 став 1 алинеи 1, 3, 8 и 11, 35 став 1, 51, 54 став 1 и 4 од Уставот на Република Македонија и му предлага на Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 123 став 5 во оспорениот дел од Законот за прекршоците.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 123 став 5 од Законот, Судот што ја води прекршочна та постапка може да го ослободи обвинетиот на кого му била изречена санкција од надоместокот на трошо­ците на постапката од членот 122 став 1 на овој закон, освен од награ­дата и потребните издатоци за бранителот, ако поради плаќа­њето на трошоците му е загрозена неговата егзистенција или на оние лица кои е должен да ги издржува.

4. Основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, принципот на владеењето на правото, како и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во членот 8 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите морат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според точката 1 од Амандманот ЏЏВ на Уставот на Република Македонија, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Согласно членот 6 точка в) од Европската Конвенција за заштита на правата на човекот и основните слободи („Службен весник на Република Македонија” бр.11/1997), секој при определување на неговите граѓански права и обврски или кога е кривично гонет, има право да се брани самиот или од страна на бранител по свој избор, или доколку не располага со средства да плати бранител, да добие бесплатен службен адвокат кога интересите на правдата тоа го бараат.

Законот за прекршоците во членот 1 ја определува содржината на законот, според кој со овој закон се определуваат општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочните санкции и се пропишува прекршочната постапка што ја водат судовите, односно врз основа на овој и друг закон органите на државната управа или организациите и другите органи што вршат јавни овластувања надлежни за изрекување на прекршочни санкции.

Главата дваесет и седма од Законот го регулира прашањето за прекршоците на постапката.

Така, во членот 122 став 1 од Законот е предвидено дека трошоци на постапката се:

1) издатоци за сведоци, вештаци, преведувачи, толкувачи, увиди и претресување на простории и лица и чување на одземени предмети;
2) издатоци за приведување;
3) трошоци за службени дејствија и за службени лица;
4) издатоци за лекување на овинетиот, додека е задржан и тршоци за породување;
5) патни трошоци на обвинетиот;
6) паушал;
7) награда и потребни издатоци на бранителот и
8) потребни издатоци на оштетениот, неговиот законски застапник и полномошникот.

Според ставот 2 на овој член од Законот, паушалот се утврдува во границите на износите утврдени со пропис на министерот за правда во однос на траењето и сложеноста на постапката и во однос на општата состојба на она лице кое е должно да ја плати.

Според ставот 3 на истиот член од Законот, трошоците од ставот 1 точки 1 до 4 на овој член во прекршочната постапка се исплаќаат однапред од средствата на судот, а подоцна се надометуваат од она лице кое според членот 123 од овој закон е должно да ги плати.

Според член 123 од истиот закон, трошоците на постап­ката ги плаќа осудениот, на кој му е изречена прекршочна санцкија.

Ако се водела постапка поради повеќе прекршоци, она лице на кое му била изречена прекршочна санкција не ги сноси трошоците за оние прекршоци во однос на кои постапката била запрена ако тие трошоци може да се издвојат од вкупните трошоци.

Ако со иста одлука им е изречена санкција на повеќе обвинети, ќе се утврди колкав дел од трошоците исплаќа секој од нив, а ако тоа не може да се утврди, сите обвинтеи солидарно ќе ги платат трошоците на постапката.

Трошоците на постапката која била запрена паѓаат на товар на Судскиот буџет.

Судот што ја води прекршочната постапка може да го ослободи обвинетиот на кого му била изречена санкција од надомес­токот на трошоците на постапката од членот 122 став 1 на овој закон, освен од наградата и потребните издатоци за бранителот, ако поради плаќањето на трошоците му е загрозена неговата егзистенција или на оние лица кои е должен да ги издржува.

Поаѓајќи од содржината на оспорениот дел на ставот 5 од членот 123 од Законот произлегува дека со тоа што законодавецот предвидел можност, но не и обврска, Судот што ја води прекршочната постапка да го ослободи обвинетиот, на кого му била изречена санкција од надоместокот на трошоците на постапката утврдена во членот 122 став 1 од Законот, а не го ослободил од наградата и пот­ребните издатоци за бранител, не го повредил Уставот од причина што прашањето на надоместокот на трошоците на бранителот е уре­дено во Законот за адвокатурата и Законот за кривичната постапка.

Имено, во Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија” бр.59/2002, 60/2006 и 29/2007) во членот 19 е утврдено дека адвокатот има право на награда и надоместок на трошоците за извршената работа во вршењето на адвокатската дејност, според Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, која Тарифа ја донел Адвокатската комора на Република Македонија.

Во наведената Тарифа, која е објавена во („Службен весник на Република Македонија” бр.23/1993, 4/1994, 80/2002 и 14/ 2005), во членот 1 е утврдено дека адвокатот и странката можат сло­бодно да ја договорат наградата и трошоците, како и начинот и сред­ствата за плаќање, а во членот 6 од Тарифата е утрдено дека на странката која по законот може да биде ослободена од плаќање на трошоци на постапката (сиромашно право), адвокатот е должен да и даде бесплатна правна помош.

Според Судот, делот на оспорената одредба од Законот за прекршоците не подразбира дека во случај кога судот го ослобо­ду­ва обвинетиот од надоместок на трошоците на постапката, браните­лот задолжително да го наплаќа надоместокот на трошоците, туку и во таков случај бранителот е должен да му даде бесплатна помош согласно член 6 од Тарифата за награда и надоместок на трошоците на работа на адвокатите. Имено, без оглед на начинот како настапува бранителот, доколку обвинетиот нема средства да го плати, односно ако поради плаќањето на трошоците му е загрозена неговата егзи­стенцијата или на оние лица кои е должен да ги издржува, согласно предходните цитирани прописи се дава можност на обвинетиот да му се даде бесплатна правна помош.

Од друга страна пак, Законот за кривичната постапка го познава и го регулира институтот “сиромашно право”, па на граѓаните кои не се во можност да ги платат судските трошоци без притоа да се доведе во прашање нивното нужно издржување или издржувањето на нивното семејство, им се дозволува бесплатна правна помош и се ослободуваат од плаќање на судските трошоци.

Понатаму, во кривичната постапка, бранител може да биде само адвокат (член 63 став 4 од Законот за кривичната постап­ка). Бранител по службена должност се поставува кога одбраната е задолжителна (член 66 од Законот за кривичната постапка), односно по барање на обвинетиот му се поставува бранител ако според сво­јата имотна состојба не е во можност да ги поднесува трошоците на одбраната (член 67 од Законот за кривичната постапка). Ако на обви­нетиот му бил назначен бранител, а со плаќањето на наградата и на нужните издатоци би било доведено во прашање издржувањето на обвинетиот или издржувањето на лицето кое е должно тој да го издр­жува, наградата и нужните издатоци паѓаат на терет на буџетските средства. Ова важи и за оштетниот како тужител кога му бил назначен полномошник (член 93 став 1 од Законот за кривичната постапка). Исто така се дозволува ослободување плаќање на судските трошоци ако со нивното плаќање би било доведено во прашање издржувањето на обвинетиот или на лицата што тој ги издржува.

Во парничната постапка, исто така, на странката која е ослободена од плаќање на трошоците на постапката, судот може на нејзино барање да и определи да ја застапува полномошник, ако е тоа нужно за заштита на нејзините права, при што таа е ослободена од плаќање на фактичките издатоци и наградата на назначениот полно­мошник (член 158 – 160 од Законот за парничната постапка).

Ваквите законски решенија се во насока на операциона­ли­зација на членот 7 од Законот за судовите, според кој секој има право на еднаков пристап пред судовите во заштита на неговите права и правно заснованите интереси и дека никому не може да му биде ограничен пристапот пред судовите поради недостиг на материјални средства.

Оттука, имајќи го предвид изнесеното Судот утврди дека оспорениот дел на ставот 5 од членот 123 од Законот е во согласност со Уставот и со Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.129/2007
11 јуни 2008 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски