128/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 декември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ инцијативите за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2005), донесена од Владата на Република Македонија.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе две иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во првата иницијатива во текстот од оспорената Методологија не било опредлено дека таа била предложена од министерот за финансии, на што упатувала одредбата од членот 5 став 4 од Законот за даноците на имот, според која методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот ја пропишувала Владата на Република Македонија на предлог на министерот за финансии и од овие причини оспорената Методологија не била во согласност со членот 5 став 4 од наведниот закон и со повеќе норми од Уставот, и тоа: член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 88. Со втората иницијатива се оспоруваат одредбите од член 5 став 2, член 6 ставови 2, 3 и 4, член 7, член 17 став 2 и член 19 став 2 од Методологијата и без образложение, се наведува дека прашањата кои биле уредени можеле да се уредуваат само со закон, а не со подзаконски акт, но за оваа констатација на подносителот во иницијативата не се дадени аргументи односно причини за оспорување.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на членот 5 став 4 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија„ број 61/2004), Владата на Република Македонија на седницата одржана на 22 јуни 2005 година донела Методологија за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, со која се регулира утврдувањето на пазарната вредност на недвижниот имот како основа за пресметување на данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со Решение У.бр.248/2007 од 26 декември 2007 година Судот не повел постапка за оценување на уставноста на Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот („Службен весник на Република Македониија„ број 50/2005) донесена од Владата на Република Македонија, при што не нашол дека се повредуваат одредбите од Уставот кои се однесуваат на повратното дејство на прописот или по друг основ.

Со оглед на тоа што Судот веќе ја ценел уставноста на оспорената Методологија и нема основ, по повод оваа иницијатива за поинакво одлучување, а во однос на водењето на постапката за нејзино донесување од страна на Владата на Република Македонија не е надлежен да ја оценува уставноста и законитоста на оспорената Методологија, како и поради тоа што подносителот во една од иницијативите само набројал одредени одредби од Методологијата како неуставни и незаконити без аргументи и образложение во што посебно се состоело нивното проблематизирање со Уставот и закон, Судот оцени дека врз основа на изнесените уставни и деловнички одредби се исполнети условите за отфрлање на иницијативите.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.128/2008
3 декември 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски