У.бр.127/2007

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 јануари 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 39 ставови 2 и 4 од Законот за финансиската полиција (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата во Законот за финансиската полиција не можело да се предвидува одредени граѓани да можат да се вработуваат во финансиската полиција без јавен оглас, односно без огласување на слободното работно место и да бидат дури постари од условот предвиден во членот 38 став 2 алинеја 2 од овој Закон. Ова, според наводите во иницијативата, од причини што на тој начин овие лица стекнувале можност под привилегирани услови да засноваат работен однос во финансиската полиција наспроти останатите граѓани кои се вработуваат во постапка на јавен оглас, а во меѓусебна конкуренција.

Поради наведените причини, подносителот на иницијативата смета дека со оспорените одредби граѓаните се доведувале во нееднаква правна положба во поглед на достапноста на работното место. Овие одредби, исто така, истовремено му давале големо дискреционо право на директорот на финансиската полиција и на министерот за финансии, со што се повредувал членот 8 став 1 алинеја 1 и 3, член 9, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 39 став 1 од Законот за финансиска полиција финансиски полицаец заснова работен однос врз основа на јавен оглас и на начин и под услови утврдени со овој закон.

Според член 39 став 2 од истиот Закон по исклучок, работен однос во Финансиската полиција без јавен оглас се заснова за определени работни места утврдени со актот за систематизација на работните места во Финансиската полиција и за стипендисти на Министерството за финансии, како и завршени студенти на Полициската академија – криминалисти. Лицата од овој став можат да бидат и постари од условот предвиден во членот 38 став (2) алинеја 2 од овој закон. (оспорен дел)

Според член 39 став 3 од Законот постапката по јавен оглас за прием на лице во Финансиската полиција може да трае и подолго, но не подолго од три месеци.

Според член 39 став 4 од истиот Закон финансиската полиција може да се вработи лице со преземање, без огласување на работното место, од еден во друг државен орган со негова согласност, на работно место кое одговара на неговата стручна подготовка, односно квалификации, кога тоа го налага потребата на Финансиската полиција, по претходно мислење на министерот за финансии. (оспорен дел)

Во член 39 став 5 од истиот Закон е предвидено дека директорот може да побара од надлежните државни институции податоци за лице кое е во постапка за вработување како финансиски полицаец за постоење на евентуални пречки кои ја загрозуваат безбедноста на работењето на финансиската полиција.

Според член 39 став 6 од Законот директорот врз основа на квалификациите, стручноста и знаењата на пријавените кандидати, одлучува за изборот и ги предлага на министерот за финансии.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 1 и 3 од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 19 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000) Министерството за финансии ги врши работите што се однесуваат на точно дефинирани области, но врши и други работи утврдени со закон.

Според член 1 став 2 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2005) работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Оттука, во смисла на наведената законска одредба, Законот за финансиската полиција според членот 1 став 1 од овој закон се уредува организацијата, надлежностите, раководењето, начинот на вршење на работата, овластувањата и одговорностите на Финансиската полиција.

Според ставот 2 на членот 1 од истиот закон, се предвидува дека со овој закон се уредуваат и специфичностите во правата, обврските и одговорностите на финансиските полицајци од работен однос, кодексот на однесување, дисциплинската одговорност, наградите и признанијата, како и финансирањето.

Имено, оспорениот член 39 од Законот е содржан токму во Главата X со наслов “Специфичностите во правата, обврските и одговорностите на финансиските полицајци во работните односи”, во точка 3 со поднаслов “Постапка за вработување”. Токму во оваа глава од Законот се доуредуваат одредени специфичности во правата и обврските кои призлегуваат од работен однос за финансиските полицајци како лица со посебни должности и овластувања.

Членот 39 (кој ја регулира постапката за вработување) во ставот 1 предвидува прием, односно засновање на работен однос од страна на финансиски полицаец врз основа на јавен оглас и на начин и под услови утврдени со овој закон.

Меѓутоа во наредниот (оспорен) став 2 од овој член, законодавецот предвидува исклучок, односно засновање на работен однос за определени работни места утврдени со актот за систематизација на работните места во финансиската полиција и за стипендисти на Министерството за финансии, како и за завршени студенити на Полициската академија – криминалисти.

Од оваа одредба јасно произлегува дека приемот во Финансиската полиција без јавен оглас законодавецот го условува со засновање на работен однос за определени работни места, а притоа посебно имајќи ги во вид службените задачи како и надлежностите кои ги има финансиската полиција, децидно утврдени во членот 7 од Законот за финансиската полиција.

Имено, според член 7 од Законот, Финансиската полиција има надлежност да:

1) спроведува финансиска контрола, ја следи примената на даночните, царинските и други прописи од областа на финансиите, прибира и анализира податоци за готовински трансакции, презема предистражни и други мерки кога постојат основи на сомнение за сторени кривични дела од областа на организиран финансиски криминал;
2) спроведува финансиска истрага за кривични дела од областа на организиран финансиски криминал кои се гонат по службена должност и ја следи трагата на парите од казниви дела утврдени со закон што вклучуваат значителни и износи од големи размери;
3) открива и документира кривични дела, пред се, од областа на организираниот финансиски криминал и кривични дела коишто се гонат по службена должност, како што се даночно затајување, перење пари и други приноси од казниво дело, даночни, банкарски, осигурителни, берзански, царински и други измами со износи од значителни и големи размери, тешки форми на корупција, како што се злоупотреба на службената положба и овластување од значителни износи или на штета на средствата на Буџетот на Република Македонија, примање поткуп и давање поткуп, како и предизвикување на лажни стечаи, фалсификување и уништување на деловни книги, фалсификување исправи, финансирање на тероризмот, неплаќање на царина, акцизи или други јавни давачки пропишани со закон, што вклучуваат поголеми, значителни и износи од големи размери;
4) спроведува постапка за испитување на имот и имотна состојба врз основа на јавни податоци и регистри што се водат согласно со закон;
5) спроведува предистражни мерки да се откријат и обезбедат трагите на кривичното дело и предметите што можат да послужат како доказ, да се пронајде сторителот на кривичното дело, сторителот или соучесникот да не се сокрие или да не побегне, како и да ги соберат сите известувања што би можеле да бидат од корист за успешно водење на кривичната постапка;
6) поднесува кривична пријава до надлежниот јавен обвинител за кривични дела од нејзина надлежност кои се гонат по службена должност, за кои е известена или за кои ќе дознае на друг начин;
7) поведува и води прекршочна постапка, како и поднесува иницијативи за поведување на прекршочна постапка до надлежните органи, доколку при извршување на своите надлежности утврди постоење на прекршочна одговорност пропишана со закон;
8) поднесува иницијатива за поведување постапка за утврдување и наплата на јавните давачки пред надлежниот орган;
9) врши експертска компјутерска анализа на одземени предмети, компјутерски информации или податоци од други електронски и механички направи кои содржат информации и кои можат да послужат како доказ во водењето на предистражната и прекршочната постапка од нејзина надлежност;
10) организира и спроведува обуки, проверка на знаење на финансиските полицајци и врши управување со човечките ресурси;
11) по барање на други државни органи и институции изготвува и дава стручни наоди и мислења од нејзина надлежност;
12) соработува со сродни органи од други земји во согласност со билатерални договори и ратификувани меѓународни договори и
13) врши други надлежности пропишани со овој и друг закон.

Според Судот, законското решение содржано во став 2 на член 39 од Законот е во согласност со член 32 став 2 од Уставот во смисла на можноста секому под еднакви услови да му биде достапно секое работно место. До ваква констатација се доаѓа имајќи го во вид фактот што финансиската полиција има надлежност да спроведува финансиска контрола и финансиска истрага, да врши експертска компјутерска анализа, да соработува со сродни органи од други земји, да води прекршочна постапка итн. што го оправдува исклучокот во оспорената одредба за определени работни места утврдени со актот за систематизација да се вработуваат одредени лица без јавен оглас, а при тоа имајќи ја во вид специфичноста, односно специфичниот карактер на истите кои што бараат посебна исклучителност, стручност, знаење и подготвеност за успешно утврдување на овие определени, со актот за систематизација, работни места.

Со член 39 став 2 од Законот, според Судот не се доведуваат граѓаните во нееднаква правна положба во поглед на добивањето на работно место како што се наведува во иницијативата, бидејќи ваквиот исклучок се однесува само на определени работни места утврдени со актот за систематизација на работните места во Финансиската полиција кои што како предуслов за вработување бараат определено работно искуство и години на стаж, а со оглед на описот, тежината и предзнаењата за извршување на работните задачи за тие работни места. Воедно ваквиот исклучок се однесува и на стипендисти на Министерството за финансии, за кои министерството годишно одвојувало средства за стипендирање на лица со натпросечни знаења што претставува начин за мотивирање на ваквите лица, за нивните натпросечни резултати и успех да им се даде можност своите знаења да ги искористат во Управата за финансиска полиција. Ваков исклучок со оглед на специјализираната надлежност на Управата за финансиска полиција е предвиден и за завршени студенти на Полициската академија – криминалисти, а со оглед на специјализираните знаења со кои се стекнуваат ваквите студенти, наспроти потребите на Управата за финансиска полиција.

Според Судот, исто така, и по однос на оспорениот став 4 од членот 39 на овој Закон, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека истиот не е во согласност со Уставот на Република Македонија. Ова од причини што во овој став од членот 39 од Законот, се регулира вработување со преземање без огласување на работното место од еден во друг државен орган со негова согласност на работното место кое одговара на неговата стручност, но само во исклучителни случаи, односно кога има потреба на финансиската полиција и мислење на министерот за финансии. Оттука значи дека во оваа правна ситуација станува збор за вработување со преземање, без јавен оглас, само во услови кога има потреба на службата, односно на финансиската полиција, и постоење на мислење на министерот за финансии, што значи дека ваквиот начин на вработување законодавецот го условува со кумулативно исполнување на двата горенаведени услови.

Според Судот, ова законско решение е во согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата, а посебно со членот 32 став 2 од Уставот во смисла на можноста секому под еднакви услови да му биде достапно секое работно место.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.127/2007
9 јануари 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски