125/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 мај 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на дел III точка 11 алинеја 1 од Програмата за условите и начинот на поставување и отстранување на времени објекти на подрачјето на Општината Струга (“Службен гласник на Општината Струга” бр.3/91).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Фадил Черменика од Струга му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на оспорената одредба од Програмата означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се забранувало поставување на времени објекти во дворните места на индивидуалните објекти со што на граѓаните сопственици на дворни мета им се ограничувало правото на сопственост и се фаворизирала државната во однос на приватната сопственост, што не било во согласност со Уставот и со закон.

3. Судот на седницата утврди дека со Програмата се пропишуваат условите и начинот под кои може да се поставуваат и отстрануваат времени објекти на неуредено и уредено градежно земјиште на подрачјето на Општина Струга, обемот и типот на времените објекти и нивната место положба која е дадена со графичкиот дел на Програмата. Поставувањето на времените објекти во населени места и надвор од нив може да се врши на простор до неговото користење за намената утврдена со просторниот, односно со урбанистички план.

Според оспорената алинеја 1 точка 11 на дел III на Програмата им се дозволува поставување на времени објекти во дворни места на индивидуални објекти.

4. Според член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување според ставот 2 од овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а според ставот 3 од овој член на Уставот, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Единиците на локалната самоуправа, согласно лен 17 став 1 точките 3, 4 и 27 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр. 52/95 и 60/95), самостојно донесуваат програма за уредување на градежно земјиште, ги вршат работите на уредување и употреба на градежното земјиште во согласност со закон и вршат одделни овластувања врз добрата од општа употреба и врз природните богатства на своето подрачје во согласност со закон. Според член 18 став 1 точките 1 и 2 од овој Закон, единиците на локалната самоуправа во согласност со надлежните органи на државната управа, донесуваат генерален и детален урбанистички план и урбанистичка документација за населените места на единицата на локалната самоуправа.

Според Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весни на Република Македонија” бр.4/96) изработувањето и донесувањето на просторните и урбанистичките планови се работи од јавен интерес и со нив се обезбедува порамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот, услови за хумано живеење и работа на граѓаните и се предвидуваат мерки за заштита и унапредување на животната средина и природата (член 3 и 4 од Законот(. Обврската со планирањето на просторот да се обезбедува планско и рационално користење и уредување на просторот и населените места, рационална изградба на објекти и мрежа на инфраструктурата и заштита и унапредување на човековата околина, беше содржана и во член 2 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање кој беше во примена во време на донесување на Програмата за условите и начинот на поставување и отстранување на времени објекти на подрачјето на Општина Струга.

Согласно член 34-а од Законот за изградба на инвестициони објекти (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/90 и 11/91) како времени објекти во смисла на овој закон се сметаат објекти од монтажно-демонтачна конструкција или изградени од материјали погодни за демонтажа. Според член 34-б од Законот, за поставување времени објекти, собранието на општината односно Собранието на град Скопје донесува програма по претходна согласност на републичкиот орган надлежен за работите на урбанизмот.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека општината односно единицата на локалната самоуправа е овластена да донесува програма за поставување времени објекти, која во рамките на рационалното уредување и користење на просторот и создавање на услови за хумано живеење и работа на граѓаните го програмира поставувањето на времените објекти во просторот уреден со урбанистичкиот план. Тоа што во конкретниот случај не се дозволува поставување на времени објекти во дворните места на индивидуалните објекти, според мислењето на Судот, не се ограничува правото на сопственост, туку напротив се обезбедува негова заштита, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со наведените одредби на Уставот и законите.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точкат 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски (У.бр.125/96)