12/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 јануари 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 35 од Правилникот за станбените односи на АД “Раде Кончар” – Заеднички дејности во мешовита сопственост, донесен на 2 октомври 1991 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Снежана Георгиевска од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него било предвидено приоритет за добивање стан да има работник кој добил помал број на бодови и на ранг листата бил на пониско место, што не било во согласност со Уставот и закон.
3. На седницата Судот утврди дека во член 35 од Правилникот е предвидено доколку два или повеќе учесници со различен број на бодови се најдат на ранг-листата, а постојат различни категории на станови, предност за добивање поголем стан да има учесник со поголем број на членови на семејното домаќинство во согласност со начелото на солидарност.
4. Според член 42 и 42-а од Законот за станбените односи (“Службен весник на СРМ” бр.36/73, 14/75, 27/86, 48/88, 11/91 и 62/93), давателот на станот на користење со општ акт ги утврдува условите и начинот на доделување станови на користење, односно основите и мерилата за определување редот на првенство за давање стан на користење.
Согласно член 91-а од Законот, со општествен договор се утврдуваат мерилата за рационално користење на стан имајќи ја предвид функционалноста на станот, бројот на корисниците на станот, нивната возраст, пол, занимање и слично и начинот на плаќање и користење на надоместокот на дел од станот кој претставува вишок на станбен простор.
Од изнесените законски одредби произлегува дека давателот на стан на користење ги определува основите и мерилата за утврдување редот на првенство за добивање стан, а во тие рамки да го определи и влијанието на бројот на корисниците на станот, заради рационалното искористување на станбениот простор.
Со оглед на тоа што со оспорениот член35 од Правилникот не се елиминира ранг листата ниту основите и мерилата утврдени со општиот акт, туку со неа се определуваат мерилата за рационално искористување на станбениот простор, приоритетот за големината на станот што на кандидатот би му припаднал откако ќе се утврди дека на ранг-листата тој кандидат добил стан во една конкретна распределба, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означените законски одредби.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.(У.бр.12/95).