121/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 декември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 35 став 3 од Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 112/2000, 34/2001,103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004 и 69/2004).

2. Синдикатот на работниците од управата, правосудството и здруженијата на граѓани на Република Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата, оспорената одредба не била согласна со Уставот, затоа што предвидувала само дел од платата по основ на степенот на образование да биде основица за зголемување на платата по основ на минат труд, со што вработените во државните органи биле ставени во нееднаква положба во однос на вработените во стопанството и нестопанството на Република Македонија на кои минатиот труд им се пресметува по 0,5% на нивната нето заработувачка или на основната плата утврдена како неделива категорија, согласно со Законот за работни односи и колективните договори склучени меѓу социјалните партнери на сите нивоа.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 35 став 3 од Законот работното искуство на државниот службеник се вреднува во износ од 0,5% од делот на основната плата со која се вреднува степенот на образованието за соодветната група, за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20%.

4. Согласно член 32 став 3 од Уставот на Република Македонија секој вработен има право на соодветна заработувачка.

Остварувањето на правата на вработените и нивната положба, согласно ставот 5 на овој член од Уставот, се уредуваат со закон и со колективни договори.

Од оваа одредба произлегува дека Уставот упатува правата на вработените и нивниот статус да се уредат со закон.

На еднаков заклучок наведува и одредбата од член 2 од Законот за работните односи според која работниот однос се уредува со овој или со друг закон и колективен договор.

Во случајов тоа е Законот за државните службеници кој како леџ специалис во однос на Законот за работни односи.

Така, во членот 1 од Законот за државните службеници е предвидено дека со овој закон се уредуваат статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници, како и системот на плати и надоместоци на плати за државните службеници.

Согласно став 1 на член 3 од овој закон, државен службеник е лице кое врши стручни, нормативно-правни, извршни, управно-надзорни работи и решава управни работи во согласност со Уставот и со закон.

Членот 5 од овој закон предвидува дека системот на плати и надоместоци на плати е уреден со овој закон и се заснова врз начелата на законитост, еднаквост, транспарентност, предвидливост и правичност.

Во тој контекст, со оспорениот став 3 на член 35 од Законот е предвидено дека работното искуство на државниот службеник се вреднува во износ од 0,5% од делот на основната плата со која се вреднува степенот на образованието за соодветната група, за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20%.

Со други зборови, Законот за државните службеници предвидел посебни правила од јавно правен карактер кои се разликуваат од оние што важат за вработените во стопанството на кои се применуваат Законот за работните односи и колективните договори.

Во однос на исплатата на платите и другите надоместоци на државните службеници, според Судот постои разлика во смисла што да се врши од Буџетот на Република Македонија кој ги опрелува буџетските рамки и општата политика на јавната потрошувачка наспроти исплатата на платите на вработените во стопанството и другите дејности што се врши од други извори на средства.

Според тоа, решенијата содржани во Законот за државните службеници имаат системски карактер, поради што и нивното наградување и нивните права по основ на работен однос во државен орган произлегуваат од видот и карактерот на работите што ги вршат.

Од тие причини, Судот оцени дека законското решение според кое работното искуство на државниот службеник се вреднува во износ од 0,5% од делот на основната плата со која се вреднува степенот на образованието за соодветната група за секоја година работен стаж, а најмногу до 20% е согласно со член 32 став 3 од Уставот на Република Македонија кој предвидува секој вработен да има право на соодветна заработувачка.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.121/2004
15 декември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова