121/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 мај 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката за пристапување кон изработка на инвестиционо-техничка документација за водоснабдување на градот Крива Паланка од Станечка река, бр.08-86/1, донесена од Собранието на Општина Крива Паланка на 10 март 1994 година (“Службен гласник на Општина Крива Паланка” бр.1/94).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Советзите на месните заедници во селата Дурачка Река и Кошари од Општина Крива Паланка, за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се уредувал начинот на користењето на просторот во Општината, а тоа требало да се направи со просторен план (не со одлука) и во постапка која би овозможила увид и расправа од граѓани, органи, организации и месни заедници, како и усогласување на таквиот план со Водостопанската основа на Републиката (што, за конкретната одлука, не било обезбедено), поради што Одлуката не била во согласност со одредбите од Законот за просторното и урбанистичкото планирање и Законот за водите.

3. На седницата Судот утврди дека со Одлуката се пристапува кон изработка на инвестиционо-техничка документација за водоснабдување на градот Крива Паланка од Станечка река (член 1), така што снабдувањето на Градот со вода за пиење ќе се решава со зафаќање од Станечка река и изградба на филтерница за пречистување на вода, која потоа оди во постојната градска водоводна мрежа (член 2). Понатаму, изработката на инвестиционо-техничката документација ќе се довери на регистрирана стручна проектантска организација (член 3), при што изработката на таа документација ќе се врши во три фази и тоа: изготвување на проектот за зафатот на водата, цевоводот и пречистителната станица, чиј рок на изработување е првото тромесечиче од годината; инженериско-геолошки и хидролошки истражувања за браната со рок до крајот на третото тромесечие од годината и (3)проектирање на браната со рок до крајот на четвартото тромесечие на годината (член 4). Предлог финансиска конструкција за изработка на инвестиционо-техничката документација ќе ја изработат Комисијата за водоснабдување при Собранието на Општината и Јавното претпријатие за водоснабдување “Комуналец” од Крива Паланка и предлогот ќе се достави на разгледување и усвојување од Собранието на Општината (член 5). Од изнесената содржина на оспорената одлука, според мислењето на Судот, произлегува дека со Одлуката се регулираат прашања околу изработка на документи (со финансиски и технички податоци)за снабдување на градот Крива Паланка со вода за пиење, односно Одлуката претставува основа за изработка на студија за водоснабдување на Крива Паланка, при што врз основа на неа не можат да се преземаат конкретни дејства на теренот, а не е просторен план со кој се уредува како и за кои намени ќе се користи просторот на Општината.

Имајки ја предвид таквата содржина на Одлуката, Судот смета дека Одлуката не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот (ја нема општоста и го нема уредувањето на права и обврски), поради што Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.121/96)