1/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70 /92), на седницата одржана на 15 април 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за постапка за оценување уставноста на член 154 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија”. бр. 80/93, 3/94, 14/95, 71/96,32/97, 24/2000, 96/2000, 50/2001).
2. Ѓорѓи Лазаров, од Струмица, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 154 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека со членот 154 од Законот се повредувале приватните права на граѓаните кои им биле гарантирани со членот 20 и 25 од Уставот во смисла на слободата на трудот и правата кои произлегувале од трудот, како и создавање средства за егзистенција.
Со оваа одредба особено се ограничувала приватната дејност и истата не соодветствувала со денешните производствени односи бидејќи се јавувала како кочница на слободната волја за работа и слободата на трудот. Поради тоа, членот 154 од Законот бил во спротивност и со членот 32 од Уставот.
Исто така, оспорената одредба имала и дискриминаторски карактер со оглед дека голем број пензионери, како занаетчии, земјоделци, сточари и сл. и по пензионирањето продолжувале да работат, а Фондот за пензиско и инвалидско осигурување не бил во состојба да ги ограничи, за разлика од другите професии како лекари, инженери, адвокати и сл.
3. Судот на седницата утврди дека според член 154 од Законот ” на корисникот на пензија, додека е во работен однос или додека врши дејност во Републиката или во странство му се запира исплатата на пензијата.”
Судот, исто така утврди дека со Решение У. бр. 10/97 од 26 февруари 1997 година не повел постапка за оценување уставноста на член 154 од Законот, со образложение дека заради обезбедување на начелото на социјална праведност од член 35 став 1 од Уставот не постои уставна пречка со закон да се предвиди на лицата кои на друг начин ја обезбедуваат својата социјална сигурност по стекнувањето право на лична пензија, а не со користење на пензијата, привремено да им мирува користењето на пензијата. При тоа, со мирувањето, односно привременото запирање на исплатата на пензијата, не се задира во веќе стекнатите права, што значи дека тие ниту се отуѓуваат, ниту се одземаат, туку како што предвидел и самиот закон во член 6 став 3 привремено се ограничува нивното користење во случаи предвидени со закон, како што впрочем е предвиден и спорниот случај.
4. Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата, меѓудругото и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Имајќи ја предвид наведената деловничка одредба, како и фактот дека Судот веќе ја оценувал оспорената одредба, а во врска со наводите од оваа иницијатива нема основ за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, и д-р Јосиф Талевски.

У. бр. 1 /2003
15 април 2003 година
Скопје
сгј

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов