119/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, на основа член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 октомври 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на член 29 од Колективниот договор за текстилна индустрија на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/94).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Борис Коњароски од Скопје, му понесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одредбата од член 29 од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одредба не била во согласност со член 135 став 3 од Законот за работните односи затоа што приговорот против решение за упатување на работникот на принуден одмор не го задржувал извршувањето на решението, за разлика од законската, според која поднесувањето на барањето односно приговор против одлука во врска со права, обврски и одговорности на работникот го задржува извршувањето на одлуката, освен во случаи утврдени со закон.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одредба, ниту другите одредби од Колективниот договор за текстилна индустрија на Република Македонија не содржат посебна одредба според која, приговорот против решение со кое работник се упатува на принуден одмор не го одлага извршувањето.

Судот, исто така, утврди дека оспорената одредба, ниту другите одредби од Колективниот договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавец, не го исклучуваат правото на приговор на решението за упатување на работникот на принуден одмор и на неговото дејство утврдено со Законот за работните односи.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува, меѓу другото, и за согласноста на колективните договори со Уставот и со законите.

Во членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од наведената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд одлучува за уставноста и законитоста на колективните договори или за уставноста и законитоста на одделни одредби на колективните договори. Во случајов со иницијативата се бара оценување на уставноста и законитоста на одредба што не е содржина во оспорениот член 29 ниту во други одредби од означениот договор, а исто така не ја содржи ни Колективниот договор на ниво на работодавец, што според мислењето на Судот претставува процесна пречка за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што не постојат процесни претпоставки за одлучување по иницијативата, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.119/97)