119/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 91 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 јули 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1- НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 231 став 4 од Статутот на Електротехнички факултет во Скопје, донесен на 21 март 1990 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Татјана Камчевска од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одредбите на статутот означен во точка 1 од ова решение, затоа што Законот за основните права од работниот однос, освен за работоводниот орган не предвидувал избор по пат на распишување конкурс за определено време за други работници.
3. На седницата Судот утврди дека со член 231 од Статутот е определено дека наставниците, соработниците и секретарот на факултетот се избираат по пат на конкурс, а со оспорениот став 4 е определено дека конкурсот за избор на секретар на факултетот се објавува по истекот на секоја четврта година.
Согласно член 7 и член 8 став 3 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89 и 47/90), со закон и со општ акт на претпријатието односно друга организација се утврдуваат посебните услови за заснивање работен однос односно посебните услови потребни за вршење на работите на работното место. Понатаму, со членовите 9 и 13 од Законот, на посебен начин е регулиран начинот за засновање работен однос на работно место работоводен орган. Притоа, определено е дека претпријатието односно организацијата има обврска во конкурсот за избор на ова работно место да го назначи и времето за кое се врши изборот и дека по истекот на времено избран се распоредува на друго работно место што одговара на неговиот ст епен на стручна подготовка.
Според мислењето на Судот, околноста што со последните измени на Законот се изоставени одредбите што предвидуваа избор на определено време, покрај за работоводниот орган, и за работниците со посебни овластувања, не значи забрана со општите акти на претпријатијата, во рамките на утврдувањето на посебните услови, да се предвиди и на други работни места работниците да бидат избрани на определено време, имајќи ги предвид овластувањата содржани во членовите 7 и 8 од Законот.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 231 став 4 од Статутот со означените законски одредби и одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.