116/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 септември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување законитоста на член 134 став 2 и 3 од Правилникот за работни односи на Кожарскиот комбинат АД “Гоце Делчев” во Скопје, донесен од Управниот одбор на 12 ноември 1991 година, во делот што се однесува на оддалечувањето на работникот од работно место и со непосреден усмен налог, и на поднесувањето на одлуката за оддалечување на потврда во рок од 3 работни дена.

2. Уставниот суд на Реопублика Македонија по повод поднесена иницијатива од Љубомир Тосков, адвокат од Скопје, поведе постапка за оценување законитоста на член 134 став 2 и 3 од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со закон.

3. На седницата Судот утврди дека во член 134 став 2 и 3 од Правилникот е предвидено дека работникот кој е затечен во вршење на потешка повреда на работната обврска со која непосредно се загрозува животот или здравјето на работникот или на друго лице, или се оштетуваат општествените средства од поголема вредност, може да биде оддалечен од работата со непосреден усмен или писмен налог на раководителот на погонот, работната единица или секторот. Според став 3 на овој член, одлуката за оддалечување се поднесува во рок од 3 работни дена на потврдување на генералнииот директор или од него овластен работник.

Исто така, Судот утврди дека Законот за основните права од работниот однос врз кој го темели решението за поведување постапка престана да важи, а новиот Закон за работни односи не го регулира прашањето за суспенција, поради што нема процесни претпоставки за натамошно водење на постапката и одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.