115/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеит 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за оценување на уставноста на Глава VII-а „Поедноставен даночен режим за трговските друштва„ (член 10 до 16) и член 20 од Законот за добивка („Службен весник на Република Македонија“ бр.160/2007).

2. Владимир Огненовски и Виолета Илиевска од Битола и Младен Веселинов од Штип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот за добивка во делот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативите одредбите од Глава VII-а од Законот и член 20 не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 35 став 1, член 52 став 4 и член 55 став 2 од Уставот, затоа што со нив се воведувал нов данок, данок на вкупен приход наспрема данокот на додадена вредност што претставувало двојно оданочување само за определени стопански субјекти поради фактот што тие во фискалната година не оствариле вкупен приход од 3.000.000.

Со оданочувањето од 1,5% на вкупниот приход стопанските субјекти и покрај тоа што го платиле данокот на додадена вредност по втор пат се оданочувале како компензација за намалување на стапката на данок на добивка на кој начин другите стопански субјекти биле ставени во исклучително поповолна положба и ако остварувале несразмерно поголема добивка од оштетените со овој закон. Имено со воведувањето на данок на вкупниот приход стопанските субјекти се задолжувале да платат данок и на материјалните расходи на кој начин тие биле обесправени во однос на другите стопански субјекти.

Понатаму во иницијативите се наведува дека спротивно на член 52 став 4 од Уставот, Управата за јавни приходи согласно наведениот закон изготвила и доставила решенија до стопанските субјекти за даночно оптоварување на вкупниот приход за 2007 година.

Со оглед на изнесените наводи подносителите бараат Уставниот суд да ја поништи Глава VII-а од наведениот закон.

3. Судот на седницата утврди дека со членовите 10 до 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, главата VII-а од Законот е изменета, така што истата добила назив Поедноставен даночен режим за трговски друштва (член 10).

Според член 11, со кој е заменет членот 38-б од Законот, трговските друштва од членот 38-в од овој закон, плаќаат годишен данок на вкупен приход во согласност со одредбите од оваа глава, наместо да плаќаат данок на добивка.

Согласно член 12, со кој е заменет членот 38-б од Законот, трговските друштва пресметуваат и плаќаат годишен данок на вкупен приход под услов: 1) да извршуваат стопанска дејност, освен банкарска, финансиска, осигурителна и дејност од областа на игрите на среќа и забавните игри и 2) вкупниот приход остварен во последните три години од било кој извор да не надминува износ од 3.000.000 денари на годишно ниво.

Според член 13, со кој е заменет членот 38-г од Законот, годишниот данок на вкупен приход се пресметува врз основа на остварениот вкупен приход по сите основи, во претходната календарска година. Данокот на вкупен приход, се пресметува во висина од 1,5% од износот на остварениот вкупен приход искажан во билансот на успех во годишната сметка за претходната календарска година.

Согласно член 14, со кој е заменет членот 38-д од Законот, Управата за јавни приходи, трговските друштва кои данокот го плаќаат во согласност со одредбите на член 38-г од овој закон ги евидентира во регистар на трговски друштва за годишен данок на вкупен приход. Регистрирањето го врши Управата за јавни приходи, врз основа на поднесено барање на образец РДО-ВП. Барањето од став 2 на овој член се доставува до Управата за јавни приходи- Регионална дирекција кон која трговското друштво припаѓа, најдоцна до крајот на февруари во годината што следи по годината за која што данокот на вкупен приход се утврдува. Управата за јавни приходи, на трговското друштво му издава решение за износот на утврдениот данок на вкупен приход најдоцна до 31 март во годината што следи по годината за која данокот се утврдува. Трговските друштва, се должни данокот да го платат во рок од 30 дена по добивањето на решението. Министерот за финансии ја пропишува формата и содржината на образецот РДО-ВП.

Согласно член 15, со кој е заменет членот 38-ѓ од Законот, трговските друштва се бришат од регистарот од член 38-д од овој закон, ако:
1) управата за јавни приходи при прегледот на годишните сметки и работните книги на трговското друштво, утврди дека истото не ги исполнило условите од член 38-в од овој закон, односно доколку остварениот вкупен приход од претходната година е за повеќе од 10% поголем од максимално утврдениот. Во тој случај трговското друштво е должно да плати данок на добивка во износот на остварената добивка, на начин утврден со одредбите од овој закон, а платениот данок на вкупен приход ќе се смета како аконтација на данокот на добивка;
2) управата за јавни приходи утврди дека се работи за поврзани субјекти кои што остваруваат значаен меѓусебен промет, по цени кои се разликуваат од цените кои што се воспоставени со независни субјекти, со цел да се постигне намалено плаќање на данокот од овој закон и
3) управата за јавни приходи утврди дека трговското друштво презема обврски и искажува расходи поврзани со работењето на со него поврзаното лице.

Според член 16, со кој е заменет членот 38-е од Законот, трговските друштва кои плаќаат годишен данок на вкупен приход водат поедноставена сметководствена евиденција пропишана со закон. Трговските друштва кои плаќаат годишен данок на вкупен приход и кои вршат промет на добра или услуги во готово, должни се да го евидентираат прометот преку одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања.

Согласно член 20 од овој закон, одредбите од Главата VII-а „Поедноставен даночен режим за трговските друштва„ од овој закон ќе се однесуваат и за 2007 година.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, содржината на оспорените членови, наводите во иницијативата како и фактот што Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.51/2008 („Службен весник на Република Македонија“ бр.122/2008) го поништил член 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за добивка и кој не е во правниот поредок, а со Решение У.бр.51/2008 од 25 јуни 2008 година не повел постапка за оценување на уставноста на Глава VII-а (член 10 до член 16) од наведениот закон, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.115/2008
29 октомври 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски