114/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 февруари 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изградба на регионална депонија бр.07-307/2, донесена од Советот на општина Центар Жупа на 23 јуни 2006 година.

2. Аргетим Фида, градоначалник на општина Дебар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одлука не била донесена согласно постапката утврдена во Законот за градење, бидејќи се работело за депонија од регионален карактер за што одобрение требало да издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, а за добивање на такво одобрение претходно требало да се има одобрена студија за оцена на влијанијата на проектот врз животната средина, која пак го издавала органот надлежен за вршење на работите од областа на животната средина, па потоа врз основа на студијата за оцена на влијанијата на проектот врз животната средина надлежниот орган носел решение со кое се давало или се одбивало барањето за спроведување на проектот.

Во текот на 2004 година меѓу општините Дебар, Ростуше и Центар Жупа, бил потпишан меморандум за соработка во рамките на проектот студија за минералното третирање на цврстиот отпад со цел да биде заштитено Дебарското Езеро и околината.

Согласно овој меморандум процесот на донесување на одлуките со цел да се заштити Дебарското Езеро бил со концензус по претходно меѓусебно консултирање и преговарање.

Органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина бил должен да обезбеди одржување на јавна расправа по однос на студијата за оцена на влијанијата на проектот врз животната средина и да обезбеди достапност на информациите кои биле потребни на јавноста за учество во јавната расправа како и да ги известил здруженијата на граѓаните формирани за заштита и унапредување на животната средина од подрачјето на кое се спроведувал проектот согласно членот 91 од Законот за заштита на животната средина.

Бидејќи се работело за Одлука за изградба на еден регионален објект за кој што не било почитувана никаква законска регулатива (немало одобрение за градба за ваков објект, немало согласност од Министерството за животна средина за и изградба на ваков објект, не била спроведена јавна расправа за учество на јавноста и сл.) подносителот на иницијативата смета дека оспорената Одлука не била во согласност со Уставот и со законите.

Врз основа на изнесеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Центар Жупа на 23 јуни 2006 година ја донел оспорената Одлука за изградба на регионална депонија.

Според член 1 од оспорената Одлука, се дозволува да се изгради регионална депонија во месноста Пареши за општините Центар Жупа и Маврово-Ростуша.

Според член 2 од оспорената Одлука, регионалната депонија да се изгради согласно стандардите предвидени во техничката документација, односно да не се предизвика еколошко загадување на подрачјето на Општина Центар Жупа и пошироко.

Во член 3 од оспорената одлука е утврдено дека доколку регионалната депонија по изградбата не ги задоволува стандардите – еколошки делува штетно на подрачјето на општина Центар Жупа и пошироко, општината Центар Жупа го задржува правото за нејзино затворање, а со членот 4 е утврдено дека со регионалната депонија што ќе се гради во месноста Пареши ќе стопанисува Општина Центар Жупа.

Според член 5 од оспорената Одлука Општината Центар Жупа си зема за право да врши надзор при изградбата на регионалната депонија во месноста Пареши.

Со член 6 од оспорената одлука е утврдено дека таа влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во Службен гласник на општина Центар Жупа.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата е темелна вредност на Уставниот поредок на Република Македонија.

Надлежностите на општините се утврдени во членот 22 од Законот за локалната самоуправа. Така во ставот 1 точка 4 од овој член од Законот, меѓу другото е утврдено дека општините се надлежни за вршење и собирање, транспортирање и постапување со комуналниот цврст и технолшки отпад.

Надлежен орган за издавање одобрение за градење согласно членот 51 став 1 од Законот за градење (“Службен весник на Република Македонија” бр. 51/2005) за градбите од прва и втора категорија од членот 50 на овој закон се градби од значење на Републиката и одобрение за градење издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.

Oпштина Центар Жупа врз основа на наведената одредба од Законот за локалната самоуправа ја донела оспорената Одлука за изградба на регионална депонија, која во членот 1 предвидува дека се дозволува да се изгради регионална депонија во месноста Пареши за општините Центар Жупа и Маврово-Ростуша.

Тргнувајќи од содржината на членот 1, како и другите одредби од оспорената Одлука произлегува дека со таа се дозволува да се изгради регионална депонија и истата треба да се изгради согласно стандардите предвидени во техничката документација, односно да не се предизвикува еколошко загадување на подрачјето на општина Центар Жупа и пошироко.

По барање на Судот Општина Центар Жупа достави одговор во кој, меѓу другото, наведува дека инвеститор за изградба на наведената депонија е Владата на Република Македонија – Министерство за локална самоуправа преку Бирото за регионален развој.

Имајќи го предвид фактот дека со оспорената Одлука само се дозволува да се изгради депонија, а целата постапка ја води друг орган – инвеститорот кој во конкретниот случај е Бирото за регионален развој, Судот утврди дека постапката за добивање одобрение за градење се уште трае – не е завршена што значи дека градбата се уште не е започната, а од друга страна, пак, не може да се прејудицира дека постапката за изградба на регионалните депонии нема да се спроведе согласно Законот за градење и Законот за животната средина бидејќи таа постапка треба да ја спроведе инвеститорот на изградбата на регионалната депонија.

Значи, постапката за издавање одобрение е друга постапка која ќе резултира со издавање на соодветно решение од надлежен орган.

Планирањето на проектот за предметниот објект – депонија е исто така, друга работа и е прашање на Деталниот урбанистички план. Во случајов не станува збор за одлучувачки акт на Општината, туку, за декларативен став на Општината за комплетно и целосно прифаќање на оовој комунален проект чии носител е Владата на Република Македонија. Оспорениот акт треба да се сфати како потреба на Општината да го изрази ставот по однос на реализирањето на овој проект, кој инаку е донација на Владата на Република Италија.

Имајќи го предвид фактот дека со оспорената Одлука само се дозволува да се изгради регионална депонија тоа подразбира дека инвеститорот е тој кој што ќе мора да ја спроведе постапката за градење на депонијата, што значи дека ќе се утврди и потребата за оцена на влијанието на проектот врз животната средина, како и да се подготви студија за оцена на влијанието на проектот врз животната средина согласно одредбите од Законот за животната средина кои го регулираат ова прашање, па од тие причини Судот смета дека оспорената одлука не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија бидејќи не уредува односи на општ начин, односно нема нормативен карактер , поради што согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот иницијативата ја отфрли поради негова ненадлежност.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.114/2008
4 февруари 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски