109/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 59 ставови 1, 2, 3 и 4 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007 и 49/2007).

2. Јагодинка Јакимовска од Пробиштип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 59 ставови 1, 2, 3 и 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со формулацијата: „и имаат положено стручен испит“ содржана во оспорената одредба од Законот, кандидатите се доведувале во нерамноправна положба поради тоа што од нив освен стручната подготовка се барало и полагање на стручен испит. Имено, според Законот за средното образование стручниот испит се полагал по завршувањето на приправничкиот стаж од една година по вработување на кандидатите, а не по завршување на високото образование и кандидатите се доведувале во нееднаква положба, затоа што тој што ќе се вработил ќе имал можност и да го положи стручниот испит што не бил случај со тој кој неможел да се вработи, што според подносителот на иницијативата значело дискриминација на кандидатите поради што се бара Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 59 ставови 1, 2, 3 и 4 од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 59 став 1 од Законот воспитно-образовната работа во средното образование ја остваруваат наставници, воспитувачи и стручни соработници (педагог, психолог, дефектолог, социолог, лаборант, библиотекар и друго).

Според оспорениот став 2 на овој член од Законот, наставници во средното образование можат да бидат лица кои завршиле соодветни студии за образование на факултет, висока школа или академија и имаат положено стручен испит.

Во оспорениот став 3 на член 59 од Законот е утврдено дека наставници во средното образование можат да бидат лица кои завршиле соодветни дипломски студии на факултет и стекнале звање “Bachelor” и имаат положено стручен испит.

Според оспорениот став 4 на членот 59 од Законот, наставници во средното образование можат да бидат и лица кои звршиле дипломски студии на факултет, стекнал звање “Bachelor” и педагошка, психолошка и методска подготовка на соодветни факултети и имаат положено стручен испит.

4. Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според ставот 5 од овој член од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласнот со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 54 став 3 од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Според член 1 од Законот за средното образование, со овој закон се уредува организацијата, функционирањето и управувањето во средното образование, како дел од системот на воспитанието и образованието.

Во оспорениот член 59 ставови 1, 2, 3 и 4 од Законот се утврдени условите за вршење на воспитно образовната дејност во средното образование и тоа за наставници, воспитувачи и стручни соработници (педагог, психолог, дефектолог, социолог, лаборант, библиотекар и друго).

Тргнувајќи од посебното уставно значење и карактер на воспитно-образовната дејност, постои уставна можност со посебен закон да се пропишат условите под кои може да се изведува воспитно-образовната дејност во основното образование, а во тие рамки да се утврдат и одредени критериуми за определување на приоритет под еднакви услови при засновање на работен однос. При тоа, право е на законодавецот да ги утврди посебните услови за вршење на воспитно-образовната дејност, како и да утврди одредени приоритети за вработување под еднакви услови, но доминантни се, пред се, предвидените општи и посебни услови предвидени за засновање на работен однос на одредено работно место.

Прокламираното уставно начело на еднаквост на граѓаните во суштина значи и обврска на законодавецот во законите да утврдува исти услови под кои граѓаните ќе ги остваруваат своите слободи, права и должности без притоа да се прави разлика меѓу нив по основ на пол, раса и други основи утврдени во член 9 став 1 од Уставот. Оттука, право е на законодавецот со закон да ги пропише условите кои треба да ги исполнува кандидатот за избор на одредено работно место. Токму, врз основа на овие принципи законодавецот во Законот за средното образование ги определил условите, односно критериумите кои треба кандидатите да ги исполнуваат за наведените работни места.

Во однос на наводот во иницијативата дека со оспорените ставови на членот 59 од Законот се врши дискриминација на кандидатите кое не било дозволено со Законот за работните односи, Судот утврди дека оспорената одредба од Законот не содржи елементи на дискриминација по ниту еден основ од член 54 од Уставот, иако подносителот на иницијативата не се повикува на ниту еден член од Уставот во однос на кој би ја оспорувал одредбата од членот 59 од Законот, туку само го спомнува Законот за работните односи.

Според тоа, а со оглед на изнесеното Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 59 ставови 1, 2, 3 и 4 од Законот за средното образование со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.109/2007
19 септември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи