109/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 9 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 13 став 2 од Законот за црвениот крст на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.41/94).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 13 став 2 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што при постоење на воена или вонредна состојба само Владата во согласност со Уставот и со законот донесува уредби со законска сила а не надлежниот орган на управата како што е предвидено во оспорената одредба.

3. На седницата Судот утврди дека во членот 13 од Законот е предвидено дека во вонредна и воена состојба амблемот црвен крст се употребува, односно се носи како амблем на заштита на:

1) згради, уреди, санитетски материјали, превозни и преносни средства и на работниците во здравствените организации,

2) згради, уреди санитетски материјали и превозни и преносни средства на Црвениот крст и на лицата определени за пронаоѓање, прибирање, пренесување и нега на ранети и болни или за спречување на болести,

3) единици на цивилната заштита за давање на прва медицинска помош,

4) болнички бродови,

5) екипи за давање прва медицинска помош што ги организираат здравствените организации, други установи и претпријатија и Црвениот крст за времето додека ги извршуваат тие работи и
6) средства на копнениот, водениот и воздушниот сообраќај што служат за пренесување на бродоломници, ранети, болни и санитетски материјали (санитетски транспорт).

Во оспорениот став 2 на овој член е предвидено дека по исклучок од одредбите на ставот 1 на овој член надлежниот орган на управата може да ја ограничи употребата, односно носењето на амблемот црвен крст како амблем за заштита на одделни згради и уреди на превозни и преносни средства и на лицата од тој состав ако тоа го бараат посебните интереси на одбраната и безбедноста.

4. Според член 91 од Уставот на Република Македонија Владата на Република Македонија донесува уредби.

Во член 126 од Уставот е предвидено дека при постоење на воена или вонредна состојба Владта во согласност со Уставот и со законот донесува уредби со законска сила.

Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршување на воената или вонредната состојба за што одлучува Собранието.

Во членовите 124 и 125 од Уставот е регулирано прашањето кога постои воена или вонредна состојба кој ја донесува и со какво мнозинство се донесува одлуката за постоење на воена или вонредна состојба.

Во член 45 став 2 од Законот за Владата (“Службен весник на РМ” бр.38/90 и 63/94) за време на воена и вонредна состојба Владата донесува уредби со законска сила.

Според член 46 став 2 од наведениот закон со уредбата со законска сила Владата уредува прашања од надлежност на собранието во случај на воена или вонредна состојба ако не постои можност за свикување на собранието и неа ја поднесува на потврда штом тоа ќе биде во можност да се состане.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека овластувањата на Владата да донесува уредби со законска сила се точно утврдени и тоа само во посебни околности односно само при постоење на воена или вонредна состојба.

Со оглед на тоа што овластувањата содржани во оспорениот член 13 став 2 од Законот е во рамките на постојната системска поставност на државната управа според кој органите на државната управа можат да бидат овластени да донесуваат прописи со кои се разработуваат законските одредби заради нивно извршување, како што е тоа предвидено во конкретниот случај, при што законот ги содржи основите на уредување на односите и рамките на овластувањата на органот на државната управа, Судот смета дека во конкретниот случај не може да стане збор за овластување на органот на државната управа да донесува уредба со законска сила

5. Судот смета дека во случај на воена и вонредна состојба надлежниот орган може да ја ограничи употребата на знакот на црвениот крст притоа каков акт ќе донесе надлежниот орган не е уредено туку во рамките на овластувањата утврдени во членовите 19 став 2, 160 и 161 од Законот за органите на управата ќе донесе соодветен пропис или, пак, ќе превземе одредено дејствие ако тоа го бараа посебните интереси на одбраната и безбедноста имајќи ја во предвид општата состојба во која се наоѓа државата односно воената или вонредната состојба, а од друга страна, пак, со оваа одредба не е оневозможено Владата во случај на воена и вонредна состојба да може да донесе и уредба со законска сила и во оваа област.

Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 109/98)