106/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 мај 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од локалитетот „Злокуќани“ Сервисни дејности – Урбан модул 1 општина Карпош Скопје бр.07-914/4 донесена од Советот на општина Карпош на 22 февруари 2006 година.

2. Томе Зимбаков од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата Деталниот урбанистички план за дел од локалитетот „Злокуќани“ бил во спротивност со член 11 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005) затоа што со него на дел од просторот кој согласно Генералниот урбанистички план е предвиден како програма на Владата со Деталниот урбанистички план се врши пренамена на просторот и се предвидени сервисни дејности.

Воедно, подносителот на иницијативата наведува дека со Деталниот урбанистички план е повреден член 8 алинеја 10 од Уставот според кој, покрај другите, темелни вредности на уставниот поредок на Републиката е уредувањето и хуманизацијата на просторот, заштитата и унапредување на животната средина и природата.

Со оспорената одлука се деградирал природниот простор како и сигурноста на безбедно живеење и користење на соседните катастарски парцели.

Исто така, според подносителот границата на опфатот прикажана во Деталниот урбанистички план (текстуален дел) не кореспондирало со границата во графичкиот приказ (синтезен приказ) во однос на бројот на катастарските парцели (нумерација). Поточно речено во текстуалниот дел прикажани биле парцели од важечкиот катастарски опфат додека во синтезниот приказ бројот на катастарски парцели не бил сеуште во важност, односно не биле изменети.

3. Судот на седницата утврди дека пред донесување на оспорената Одлука за Деталниот урбанистички план е спроведена следната постапка:

Согласно член 21 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005) на нацрт-планот изработен од АД за урбанизам, проектирање и инженеринг „ЗУМ“ – Скопје е извршена стручна ревизија од АД за урбанизам, архитектура и инженеринг „ЗУАС“ Скопје. На 6 декември 2005 година изработувачи на планот АД „ЗУМ“ Скопје достави одговор до нарачателот на планот општина Карпош во кој го известува дека забелешките од стручната ревизија се вградени во нацрт-планот.

Градоначалникот на општина Карпош на 12 декември 2005 година побарал стручно мислење од Министерството за транспорт и врски во врска со нацрт Деталниот урбанистички план за локалитетот „Злокуќани“ Скопје сервисни дејности.

На 14 декември 2005 година Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот во врска со поднесеното барање дало стручно мислење по Нацрт-планот во кое наведува дека нацрт-планот во основа е изработен согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање и другите подзаконски акти при што во мислењето наведува дека е потребно да се преоцени површината на заштитната зона (1.8) и да се интегрира во парцела (1.7).

На вака даденото мислење од страна на Министерството за транспорт и врски изготвувачот на планот АД „ЗУМ“ од Скопје на 22 декември 2005 година доставил одговор до градоначалникот на општина Карпош во кој се наведува дека забелешката дадена од надлежното Министерство не се прифаќа затоа што парцелата 1.8 со намена заштитно зеленило е во сопственост на Република Македонија.

На 29 декември 2005 година Советот на општина Карпош донел заклучок со кој се утврдува текстот на Нацрт-планот за дел од локалитетот „Злокуќани“ сервисна дејност – Урбан модул 1.

На 13 јануари 2006 година градоначалникот на општина Карпош донел Одлука за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-планот.

Во наведената одлука било предвидено дека јавната презентација ќе се одржи во простории на општината Карпош барака 5 – мала сала на 23 јануари 2006 година во 18.00 часот, а јавната анкета ќе трае 15 дена од денот на објавувањето на соопштението.

Во одлуката на градоначалникот исто така било предвидено дека соопштението за организирање на јавна презентација и јавна анкета ќе се објави во јавното гласило „Дневник“ што било и направено на 16 јануари 2006 година.

Градоначалникот на општина Карпош на 16 јануари 2006 година целокупниот материјал за спроведување на јавна анкета и јавна презентација го доставил до Месната заедница „Злокуќани“.

Од увидот во записникот на Месната заедница „Злокуќани“ за спроведување на јавна анкета е констатирано дека во предвидениот термин е спроведена презентација на Нацрт-планот и е спроведена јавна анкета.

Од извештајот за спроведување на јавната анкета по нацрт-планот (9 февруари 2006 година) е констатирано дека во предвидениот рок за спроведување на јавната анкета на нацрт-планот немало доставено забелешки и анкетни листови.

На 8 февруари 2006 година градоначалникот на општина Карпош до градот Скопје достави барање за стручно мислење по предлог планот.

На 13 февруари 2006 година градот Скопје, Сектор за планирање и уредување на просторот дал позитивно мислење по предлог донесениот урбанистички план за локалитетот „Злокуќани“ Урбан модул 1.

На 14 февруари 2006 година, а по претходно барање на Советот на општина Карпош Министерството за ттранспорт и врски дало согласност на Деталниот урбанистички план за дел од локалитетот „Злокуќани“ – сервисна дејност.

Врз основа на спроведената постапка Советот на општина Карпош на 22 февруари 2006 година донел Одлука за донесување на Деталниот урбанистички план за локалитетот „Злокуќани“ Урбан модул 1 која е оспорена со предметната иницијатива.

Според наведената одлука просторот за кој се однесува Деталниот урбанистички план е со површина од 2,77 ха. Овој локалитет е дефиниран со граници и тоа: север – ја следи осовината на новопланираната улица „1“ КП.12251/7 и КП.12251/8; исток продолжува по осовината на улица „Момин Поток“, југ – продолжува по осовината на Бул. „8-ми Септември“ и Ул. „Скупи“ и Запад – ја следи границата на КП.12253/5.

Понатаму во рамките на планот е предвидена намената на просторот кој се планира и тоа: Сервисна дејност (СД), постоење угостителски објекти хотел (Х), заштитно зеленило (ЗЗ), трансформаторска станица (ТС).

Со планот се одредени обемот и големината на градежната парцела, регулирана линија, градежната линија која го дефинира просторот во кој може да се гради, максималната површина за градба во која може да се развие основата на објекти, максималната и развиена површина на објекти, коефициент на искористеност и други параметри.

Понатаму во одлуката е утврдено што е содржината на текстуалниот и графичкиот дел на планот, како и тоа кој го заверува и каде се чува целокупната документација на планот.

4. Според член 8 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Републиката е и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредување на животната средина и на природата.

Според член 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.91/2005) просторното и урбанистичко планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторен план и урбанистички планови со цел да се обезбеди уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредување на животната средина и природата.

Во член 7 од наведениот закон утврдено е дека во зависност од просторот кој е предмет на планирање се донесува 1) просторен план на Република Македонија; 2) урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.

Според член 11 став 1 од Законот, деталниот урбанистички план се донесува за плански опфат, за кој е донесен Генерален урбанистички план.

Според член 11 став 7, пак, од Законот деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план.

Според член 21 став 1 од Законот на нацртот на плановите од член 7 на овој Закон се врши стручна ревизија.

Според член 22 од Законот планови од член 7 на овој закон се изработува во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Според член 24 од Законот по нацрт на деталниот урбанистички план општината спроведува јавна презентација и јавна анкета.

Организирањето на јавната презентација и јавната анкета го врши градоначалникот на општината по утрдување на нацрт на планот од страна на советот.

Јавната презентацијја и јавната анкета на деталниот урбанистички план се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку 15 работни дена во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да даваат заблешки, предлози и мислење на анкетни листови.

Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.

Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за деталниот урбанистички план изработува стручна комсија формирана од градоначалникот на општината, при што овој извештај е составен дел на одлуката за донесување на предлог на планот.

Според член 25 од Законот, пак, на плановите од член 7 точка 2 алинеја 1, 2, 3 и 4 на овој закон, изработени во форма на предлог на план се издава согласност од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот со кој се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Од наведените законски одредби во контекст на доставената документација и утврдената фактичка состојба произлегува дека Советот на општината Карпоиш по повод донесувањето на Деталниот урбанистички план за локалитетот „Злокуќани“ сервисни дејности ги имал предвид и ги почитувал одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање, а кои се однесуваат на текот на постапката за донесување на детален урбанистички план (22, 24 и 25).

Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за сог­ласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Поаѓајќи од надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија утврдена во наведената уставна одредба, произлегува дека Судот нема надлежност да ја цени меѓусебната согласност на детал­ите урбанистички планови како планови од пониско ниво со генералниот урбанистички план, што воедно во случајов произлегува од наводите во иницијативата во однос на предметниот план за кој се однесува оспо­рената одлука.

Со оглед на тоа што, од приложената документација при утврдувањето на фактичката состојба за спроведувањето на постап­ка­та за донесувањето на предметниот план Судот утврди дека Минис­терството за транспорт и врски дало согласност за донесување на деталниот план, и во тие рамки е третирано прашањето на усогласе­но­ста на содржините на деталниот урбанистички план како план од пони­ско ниво со генералниот урбанистички план. Од аспект на уставно­судската анализа на законитоста на предметниот план за кој се однесува оспорената одлука, релевантно е дека сите фази и дејствија на донесу­вање на планот се запазени и спроведени согласно со закон.

Со оглед на изнесената фактичка и правна состојба, Судот оцени дека постапката за донесување на Одлуката за донесување на ДУП за дел на локалитетот „Злокуќани“ сервисни дејности била во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што не може да се постави прашањето за нејзината согласност со законот.

6. Врз основа на изнесеното, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.106/2006
30 мај 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи