106/1998-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 3 март 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 18 став 2 во делот “и истата е конечна” од Законот за вршење на нотарските работи (” ;Службен весник на Република Македонија” бр.59/96 и 25/98).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 118 став 4 и член 140 став 2 од Законот за вршење на нотарски работи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 59/96 и 25/98).
3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите од Законот за вршење на нотарските работи означен во точката 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата член 18 став 2 не бил во согласност со член 15 од Уставот затоа што го исклучувал правото на жалба против акт на министерот за разрешување на нотар; член 118 став 4 не бил во согласност со член 32 став 5 од Уставот затоа што дисциплинските повреди на нотарот можеле да се утврдат само со закон и со колективен договор, а не и со Статут на нотарската комора и член 140 став 2 не бил во согласност со член 91 алинеја 5 и член 96 од Уставот затоа што министерот не можел да биде овластен да донесува подзаконски прописи за извршување на законите.
4. На седницата Судот утврди дека во член 18 од Законот се утврдени условите за разрешување на нотар, а според оспорениот став 2 на овој член одлуката за разрешување ја донесува министерот по претходно прибавено мислење на комората и истата е конечна.
Во член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред Суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.
Разгледувајќи ја оспорената законска одредба, која несомнено го исклучува правото на жалба против одлуката на министерот, Уставниот суд утврди дека природата на одлуката за разрешување на нотар може да се подведе под дефиницијата на управен акт кој го донесува државен орган кога одлучува за определени поединечни права и обврски утврдени со закон. Тргнувајќи од тоа, според мислењето на Судот одлуката на министерот се појавува како управен акт донесен во прв степен во управна постапка. Со оглед на тоа што оспорената одредба од Законот го исклучува правото на жалба против оваа одлука на министерот, се постави прашањето за нејзината согласност со член 15 од Уставот на Република Македонија.
5. Судот утврди дека во член 118 од Законот се предвидени дисциплинските повреди на нотарите во вршењето на нотарските работи, а во став 4 на овој член е пропишано дека со статутот на Комората може да се утврдат и други дисциплински повреди.
Судот не ја прифати правната квалификација на нормирањето на дисциплинските повреди што е изнесена во иницијативата. Имено, член 32 став 5 од Уставот се однесува на регулирање на правата и обврските на вработените. Нотарите, пак, не може да се подведат под категоријата вработени лица кои својата положба ја остваруваат во системот на колективното договарање туку се лица што вршат јавна служба или функција по основ на јавно овластување утврдени со закон и со права и обврски што се пропишани со закон.
Од друга страна, природата на нотарска служба и нејзината незаконитост, особено кога се работи за нотаријат од латински тип каков што е промовиран со Законот, подразбира важење на одредени сталешки или професионални кодекси и норми кои се создаваат во рамките на нотарската заедница. Оттука овластувањето на комората со статутот да утврди и други, дополнителни дисциплински повреди на нотарите Судот го оценува како легитимно пренесување на јавни овластувања врз Комората кои се во согласност со природата и функциите на нотаријатот, а не само со неспорното право на државата да пренесува јавни овластувања.
Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 118 став 4 од Законот со Уставот.
6. На седницата Судот утврди дека во член 140 став 2 од Законот е предвиден рок во кој Министерот за правда треба да донесе правилник со кој поблиску ќе се уредат видот, формата, содржината и начинот на водење на актите и книгите, како и одредени формални дејствија, а во оспорениот дел (последната реченица) е определено дека со правилникот ќе се утврди и формата, содржината и начинот на издавање и одземање на печатите, штембилите и фирмата на нотарот.
Според член 91 од Уставот Владата донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно вр з основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Тргнувајќи од изнесените уставни одредби, а имајќи ги предвид системските решенија од Законот за органите на управата во кој се утврдени генерални овластувања за функционерите и органите на управата да донесуваат подзаконски прописи, Судот оценува дека овластувањата на министерот за правда во оспорената одредба од Законот не се во несогласност со Уставот. Судот смета дека органите на државната управа можат да донесуваат прописи со кои се разработуваат законски одредби заради нивно извршување при што законот на чие извршување се однесуваат мора да ги содржи основите за уредување на прашањата и рамките на овластувањето на органот на државната управа. Со оглед на тоа што во оспорената законска одредба се содржани прецизни основи и овластувања за поблиско регулирање на означените прашања кои се од формална и техничка природа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.
7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Ст ојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 106/98)