106/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 јуни 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 12 и 16 од Законот за општествените организации и здруженија на граѓани (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/90).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Сојузот на организациите на инвалидите на трудот на Македонија од Скопје, со која се бара дополнување на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение, затоа што со нив, покрај она што пропишувале, требало да се пропише и тоа дека не можат да се основаат нови здруженија на граѓани на територија на општина во која веќе постои здружение со такви цели и задачи и со тие членови, како и можност старото здружение да го оспорува основањето на новото здружение, а таквите дополнувања би биле во согласност со членовите 20 и 35 од Уставот на Република Македонија.

3. Разгледувајќи ја иницијативата, а имајќи ја предвид содржината на оспорените законски одредби, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува по неа со оглед на тоа што, според член 110 од Уставот, дополнувањето на законските одредби не е негово овластување.

Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 106/97)