105/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 март 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 22-а став 2, 3 и 4 од Законот за телекомуникациите (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/1996, 17/1998, 28/2000, 4/2002 и 37/2004).

2. Велимир Јовановски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата смета дека оспорените одредби од Законот на Јавниот телекомуникациски оператор му обезбедувале привилегирана положба на пазарот односно му овозможувале да има монополска положба и монополско однесување со сите негативности што таквото однесување ги носело со себе.

Во иницијативата се наведува дека не само физичките лица туку и изготвувачите, предлагачите и донесувачот на законот биле должни да го почитуваат Уставот. Имено, со оспорените одредби се овозможувала монополска положба на пазарот на Јавниот телекомуникациски оператор иако не била во прашање одбраната на државата ниту, пак, биле доведени во прашање зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето. Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека оспорените одредби од законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, и членовите 51 и 55 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 18 февруари 2005 година го донесе Законот за електронски комуникации (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/2005).

Според членот 152 став 1 од овој закон, со влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за телекомуникации (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/1996, 17/1998, 28/2000, 4/2002 и 37/2004) освен одредбите на член 70-а, 70-б, 70-в, 70-г и 70-д кои ќе престанат да важат на 31 декември 2005 година.

Согласно членот 154, Законот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што со влегувањето во сила на Законот за електронски комуникации престанал да важи Законот за телекомуникации освен одредбите на член 70-а, 70-б, 70-в, 70-г и 70-д кои ќе престанат да важат на 31 декември 2005 година, престанал да важи и оспорениот член 22-а став 2, 3 и 4 од Законот за телекомуникациите.

Поради тоа Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување на Судот по иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.105/2004
9 март 2005 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова