Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 ноември 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Одлуката за утврдување на цената за издавање на дозвола за влез во Градските гробишта за изработка на надгробни споменици за физички и правни лица монтери на надгробни споменици, донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие „Комуналец“ – Битола на 27 февруари 2007 година.
2. ДООЕЛ „Ентер Таумент“-Битола, ДООЕЛ „Нимаки“ – Битола, ТД „Мерган“ – Битола, ДООЕЛ „Мак-мермер“-Битола, ДООЕЛ „Мермери-пром АР“ Битола, Каменорезач „Гранит-пром“ Битола, Каменорезач Аљуш Наим Битола, Каменорезач Христо Пановски Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорената Одлука подносителите на иницијативата (стопанственици на општина Битола) биле ставени во нерамноправна положба, во однос на Јавното претпријатие „Комуналец“ од Битола, од причини што стопанствениците кои вршеле приватна дејност, монтажа и изградба на надгробен споменик биле задолжени да плаќаат 3000,00 денари, додека ЈП „Комуналец“, на лицата кои вршеле нарачки од Јавното претпријатие на надгробни споменици не им наплаќа таква влезна дозвола. Од друга страна, пак, граѓаните биле обврзани да платат надомест на Јавното претпријатие во износ од 300,00 денари за одржување и уредување на гробни места.
При ваква поставеност на работите се создавала состојба на нелојална конкуренција помеѓу приватните каменоресци и јавното претпријатие, односно приватните каменоресци биле обврзани со „двојно одданочување“, затоа што еднаш како граѓани плаќале надомест за одржување на гробиштата, а втор пат со наплаќањето на дозволата за влез во градските гробишта.
Врз основа на изнесеното, подносителите на иницијативата сметаат дека оспорената одлука не била во согласност со членот 55 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 14 од Статутот на ЈП „Комуналец“-Битола, Управниот одбор на претпријатието на својата седница одржана на ден 27.02.2007 година донел Одлука за утврдување на цената за издавање на дозвола за влез во Градските гробишта за изработка на надгробни споменици за физички и правни лица монтери на надгробни споменици.
Според точката I од оспорената Одлука, се утврдува цената за влез во Градските гробишта за изработка на надгробни споменици за физички и правни лица монтери на надгробни споменици на износ од 3.000,00 денари, а во точката II од оспорената Одлука е утврдено дека Одлуката стапува на сила од 1 март 2007 година.
4. Во член 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.
Според член 12 од Законот за гробиштата (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/73) употребата на гробиштата се регулира со пропис на општината. Со гробиштата се управува врз основа на правила што ги донесува општината или организацијата што ќе ја задолжи.
Разгледувајќи ја содржината на оспорената Одлука и членот 55 од Уставот во однос на кој и се оспорува Одлуката, а во контекст на наводите во иницијативата, Судот утврди дека оспорената Одлука не имплицира повреда на принципот на еднаквата положба на пазарот на сите субјекти било од аспект на положбата на субјектите кои изведуваат градежни работи на гробиштата, ниту од аспект на Јавно претпријатие во однос на другите субјекти кои не управуваат со гробиштата. Ова од причина што надоместокот е пропишан како цена на трошоците кои на јавните претпријатија им се припишуваат со ставањето на располагање и изведување градежни работи на гробиштата, како објект со кој управува, како што се користењето на водата, електричната енергија и други инфраструктурни услови за изведување на наведените работи, што е неспорно право, а претпријатието во контекст на управувањето со гробиштата и работењето на претпријатието.
Со оглед на изнесеното, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената Одлука со членот 55 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.102/2007
7 ноември 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски