У.бр.102/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 и 17 март 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 90 од Законот за високото образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.64/2000 и 49/2003).

2. Игнат Панчевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 90 од Законот не бил во согласност со член 30 и член 46 од Уставот на Република Македонија. Имено, во иницијативата како причини за постоење на ваквата несогласност на Законот со Уставот се наведуваат основите за стекнување на сопственост, кои се регулираат само со Законот за сопственост и други стварни права. Подносителот на иницијативата наведува дека стекнувањето право на сопственост според закон подразбирало создавање нова ствар, мешање и спојување, градење на земјиште, одржување, со одвојување на плодовите со стекнување сопственост од несопственик и друго, што значи дека Универзитетот “Кирил и Методиј” не можел да ја стекне сопственоста по овој основ, ниту по било кој друг основ предвиден во член 112 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права. Со стекнување право на сопственост на Универзитетот согласно член 90 на КП.бр.2399 за КО Карпош со Имотен лист бр.4990, според подносителот на иницијативата, всушност се предвидувал нов основ за стекнување на право на сопственост. Подносителот на иницијативата, исто така, смета дека основите за стекнување на право на сопственост не можеле да се уредуваат со Законот за високото образование.

Подносителот на иницијативата понатаму наведува дека неусогласеноста на Законот за високото образование, поточно на членот 90 со член 46 од Уставот, се состоел во фактот што Уставот точно предвидел кои основи ќе се уредуваат со Законот за високото образование. Имено, ниту во Уставот, се наведува во иницијативата, ниту во членот 1 од Законот било наведено дека со него ќе се определува нов основ за стекнување на право на сопственост. Поточно, според подносителот на иницијативата, видно од член 46 од Уставот, правото на сопственост, односно основите за стекнување на право на сопственост неможеле да се уредуваат со Закон за високо образование.

Во иницијативата се предлага и донесување на решение за запирање од извршување на сите дејствија и поединечени акти што се преземени врз основа на член 90 од Законот за високото образование.

Врз основа на наведените аргументи се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорениот член и донесе одлука со која истиот ќе биде поништен.

3. Судот на седницата утврди дека според став 1 на членот 90 од Законот за високото образование недвижниот имот и другите средства на државните универзитети и високообразовните установи во неговиот состав, освен средствата стекнати од легати, наменски прилози, подароци и завештанија, се имот на универзитетот.

Според ставот 2 на оспорениот член, државните високообразовни установи самостојно управуваат и располагаат со имотот и ги користат предметите, паричните средства и другите материјални права заради вршење на високообразовна дејност, под услови определени со закон.

4. Темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е правната заштита на сопственоста.

Во член 30 од Уставот е предвидено дека се гарантира правото на сопственост и наследување.

Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.

Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Од анализата на наведената одредба произлегува дека Уставот го гарантира правото на сопственост и дозволува нејзино ограничување само кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Во член 46 од Уставот е предвидено дека на Универзитетот му се гарантира автономија.

Условите за основање, вршење и престанок на дејноста на Универзитетот, се уредуваат со закон.

Од содржината на цитираната уставна норма, Судот утврди дека Универзитетот е самостоен автономен високообразовен субјект со своја академска слобода, академско управување и неприкосновеност на автономијата при што уставотворецот упатува овие услови за основање, вршење и престанок на дејноста да се уредат со закон.

Врз основа на оваа одредба е донесен Законот за високото образование, во кој со членот 1 е предвидено дека со него се уредуваат условите и постапката за основање, финансирање и престанок на високообразовните установи и се утврдуваат основите за организација, управување, развој и за вршење на високообразовната дејност.

Според член 10 став 1 од Законот, високообразовните установи ја вршат својата дејност врз принципите на академската автономија, а според став 3 од овој член, автономијата на универзитетот вклучува академска слобода на високообразовните установи, автономија на управувањето со високообразовните установи и неприкосновеност на автономијата.

Автономијата на високообразовната установа, како вредносен принцип утврден со Уставот, е изразена посебно во член 12 став 1 алинеја 7 од Законот за високото образование, каде е предвидено дека автономијата во управувањето со високообразовните установи се изразува во управувањето и користењето на имотот.

Така, според членот 90 од овој закон, недвижниот имот и другите средства на државните универзитети и високообразовните установи во неговиот состав, освен средствата стекнати од легати, наменски прилози, подароци и завештанија, се имот на Универзитетот. Државните високообразовни установи самостојно управуваат и располагаат со имотот и ги користат предметите, паричните средства и другите материјални права заради вршење на високообразовна дејност, под услови определени со Закон.

Оспорената законска одредба е поместена во Глава ВИИИ (осма) со која се уредува развојот, финансирањето и имотот на високообразовните установи. Имено, решенијата дадени во неа обезбедуваат развој на високото образование и негова финансиска автономија, и притоа не се нарушува единствениот државен буџет. Во членот 90 е утврден автономниот начин на користење и располагање со недвижниот имот и други средства на јавните високообразовни установи.

Од анализата на оспорената законска одредба, Судот утврди дека со неа не се утврдува правото на сопственост на државните универзитети и високообразовните установи, ниту, пак, се определуваат облиците, односно правните основи за стекнување на право на сопственост на истите со недвижен имот и други средства, туку со истата само се констатира дека недвижниот имот и другите средства се имот на универзитетот. Оттука, оспорената законска одредба не претставува основ за стекнување на правото на сопственост, туку декларирање на самостојноста на универзитетот во управувањето и располагањето со имотот заради вршење на високообразовната дејност.

Судот, притоа, оцени дека со ваквото законско решение во оспорениот член се дава право на државниот универзитет на управување и располагање со имотот, со кој тој се стекнал било во моментот на основање, било на друг начин допуштен со закон.

Во тој контекст оспорената законска одредба не го доведува во прашање Законот за сопственост и други стварни права со кој во нашиот правен систем се предвидени правните основи и облиците на стекнување на правото на сопственост, ниту засега во суштината на уставната гаранција на правото на сопственост утврдена во член 30 од Уставот.

Според Судот, со оспорената законска одредба не се повредува ниту член 46 од Уставот. Оспорената законска одредба,поточно ставот 2 од истата, е во функција на вршење на дејноста, односно во истиот се дадени границите, како и целта на располагањето со имотот во високообразовните установи. Имено, овластувањата определени во оспорената законска одредба државните високообразовни установи самостојно да управуваат и располагаат со имотот и ги користат предметите, паричните средства и другите материјални права, е со цел само за вршење на високообразовната дејност, што, според мислењето на Судот целосно произлегува од суштината на член 46 од Уставот. Имено, неспорен и, речиси, природен елемент на вршењето на високообразовната дејност е имотот и средствата неопходни за таа дејност, а автономијата на универзитетот нужно ја подразбира и самостојноста во управувањето и располагањето со средствата потребни за вршење на дејноста како основ на академската независност особено во однос на државата како основач на високообразовните установи. Оттука, регулирањето на имотните аспекти на автономијата на универзитетот со оспорената одредба од Законот, не излегува надвор од овластувањето од член 46 од Уставот со закон да се уредат, помеѓу другото, и условите за вршење на дејноста на универзитетот.

Оттука, Судот оцени дека не се доведува под сомнение оспорената законска одредба ниту со членот 46 од Уставот, на што укажува подносителот во иницијативата.

Што се однесува до наводите во иницијативата дека Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” со решение на Државниот завод за геодетски работи – Одделение за премер и катастар – Скопје, по извршена трансформација се стекнал со право на сопственост на корисна изградена површина и право на користење на земјиштето на КП.бр.2399 КО Карпош, Судот оцени дека, тоа се прашања кои се однесуваат на примена на Законот, за кои Судот согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува.

Судот, исто така, оцени дека во конкретниов случај не се исполнети претпоставките од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се донесени односно преземени врз основа на оспорената одредба.

5. Врз основа на изнесеното се одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.102/2004
16 и 17 март 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова