10/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 12 мај 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 5 и 8 од Законот за верските заедници и религиозните групи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 35/1997).

2. Марко Кимев од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 5 и 8 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата членот 5 од Законот не содржел јасна дефиниција што значи вршење на верски работи и верски обреди што во практиката можело да доведе до ситуација странски државјанин кој се наоѓа на територијата на Република Македонија да не може да ја остварува слободата на вероисповеста, без одобрение на надлежен орган, поставувајќи притоа бројни прашања и претпоставки, кои не се во корелација со содржината на оспорената одредба.

Членот 8 од Законот се оспорува затоа што неговата содржина не била доволно јасна во смисла што не содржел критериуми според кои ќе се разликуваат верските заедници од религиозните групи и затоа што предвидувал за една вероисповест да постои само една верска заедница.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 5 од Законот странски државјанин може, по барање на верска заедница, односно религиозна група, да извршува верски работи и верски обреди, по претходно одобрение на органот надлежен за прашањата на верските заедници и религиозните групи.

Исто така, Судот утврди дека согласно членот 8 од Законот верска заедница според овој закон е добороволна организирана, непрофитна заедница на верници од иста вероисповест и дека за една вероисповест може да постои само една верска заедница.

Понатаму, Судот утврди дека членот 8 од Законот за верските заедници и религиозните групи бил предмет на оцена пред овој Суд од аспект на прашањето дали за една вероисповест може да постои само една верска заедница и притоа со Решение У.бр.223/1997 од 28 октомври 1998 година не повел постапка заземајќи став дека оваа законска одредба не создава нееднаквост во остварување на слободата на вероисповеста и дека со оваа одредба всушност се заштитуваат граѓаните од манипулирање со нив преку поделба на верниците од иста вероисповест на повеќе верски заедници што води кон легализирање на раскол во црквата. Притоа, Судот ја имал предвид и можноста дека верниците кои имаат исто верско убедување, а не припаѓаат (по нивна волја) на регистрирана верска заедница, можат да се здружат во религиозна група и организирано да ги вршат верските работи и верските обреди, како и верските заедници. Според тоа, Судот оценил дека таа одредба не создава дискриминација меѓу верниците и нееднаквост помеѓу верските заедници и религиозните групи и дека определбата за една вероисповест да постои една верска заедница не создава нерамноправност и не е во несогласност со Уставот.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Судот одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по неа.

Имајќи ги предвид наведените одредби од Уставот и Деловникот во контекст на барањето во иницијативата да се оценува уставноста на членот 5 од Законот за верските заедници и религиозните групи, затоа што не е формулиран така како што подносителот на иницијативата смета дека треба да биде, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува уставноста на споменатиот член од Законот од овој аспект. Имено, подносителот на иницијативата и дава содржина на одредбата според која се ограничувала слободата на вероисповеста, а не дека уредува прашање од организациона природа невпуштајќи се во индивидуалните аспекти во остварувањето на слободата на вероисповеста.

Што се однесува до барањето за оценување уставноста на членот 8 од овој закон, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што одредбата од членот 8 од Законот за верските заедници и религиозните групи била предмет на оцена пред Уставниот суд, од аспект на определбата за една вероисповест да може да постои само една верска заедница, при што, Судот оценил дека оспорената одредба е во согласност со Уставот, а по повод на предметната иницијатива не наоѓа основи за поинакво одлучување, поради што иницијативата ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот во однос на членот 5 го донесе со мнозинство гласови, а во однос на членот 8 едногласно во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.10/2004
12 мај 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова