101/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 1 јули 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 15 од Правилникот за распределб а на станови и станбени кредити и станбени односи во Основното училиште “Братство Единство” во Охрид, донесен на 30 јуни 1988 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на член 15 од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што предвидувал работникот потстанар да е помалку вреднуван во однос на работникот кој живее кај своите родители, и што не бил јасно определен начинот на вреднување на дополнителниот критериум здравствена состојба, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека Правилникот содржи основи и мерила за утврдување редот на првенство за добивање на стан, критериуми за доделување на станбени кредити, доделување на станбени кредити на пензионирани работници, како и одредби за постапка за доделување на станови и станбени кредити.
Понатаму, Судот утврди дека во оспорениот член 15 точка 1 од Правилникот станбениот статус на работникот потстанар е вреднуван помалку од станбениот статус на работникот кој живее кај своите родители.
Меѓутоа, Судот утврди дека на 13 јуни 1991 година е извршена измена и дополнување на член 15 точка 1 од Правилникот за станбени односи, при што станбениот статус на работникот подстанар е повеќе вреднуван од станбениот статус на работникот кој живее кај родителите.
Исто така, Судот утврди дека во член 15 точка 2 од Правилникот е вреднуван подосновот здравствена состојба.
4. Според член 42 од Законот за станбени односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.48/88 и 1/90) и член 52 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89), со општ акт на организацијата се утврдуваат условите и начинот на давање станови односно основи и мерила за користење на средствата за заедничка потрошувачка по основ на трудот и солидарноста.
Со оглед на тоа што во оспорениот член 15 од Правилникот е почитувано начелото на солидарноста односно се разработени основните и дополнителните критериуми за утврдување редот на првенството за добивање стан на користење, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со означените законски одредби.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решени.