У.бр.4/1991

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 18 март 1992 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УТВРДУВА дека во време на важењето член 117 став 1 точка 21 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/80, 24/88, 40/90 и 36/91), не бил во согласност со Уставот.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.4/91 од 25 декември 1991 година, поведе постапка за оценување уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот, за време на важењето.

4. На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 117 став 1 точка 21 од Законот, кој се наоѓаше во делот за дисциплинска одговорност, како потешка повреда на работните обврски беше предвидено да се смета однесувањето во службата или надвор од службата кое му штети на угледот на органите на управата надлежни за внатрешни работи. Понатаму, Судот утврди дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/91), престануваат да важат одредбите за дисциплинска одговорност (членовите од 113-126). Меѓутоа, со оглед на тоа што со измените не е предвидено отстранување на последиците настанати со нивната примена, Судот се впушти во испитување на одредбата од Законот во време на нејзиното важење.

5. Согласно член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија, сите се еднакви пред законот, а согласно член 32 од Уставот секому под еднакви услови му се гарантира право на работа, заштита при работа, слободен избор на вработување и достапност на секое работно место, од што, според мислењето на Судот произлегува дека со закон при уредувањето на начинот на остварувањето на правата на вработените мора да се обезбеди еднаквост на граѓаните во остварувањето на основните права од работниот однос, а во тие рамки и за престанок на работниот однос.

Според член 209 став 6 од Уставот на Република Македдонија, кој се применуваше во време на важењето на оспорената законска одредба, на работникот можеше да му престане работата против неговата волја само под услови и на начин утврдени со закон. Според тоа, со законот требало децидно да се утврдат условите и начинот на престанокот на работниот однос односно да се определи кое однесување на работникот надвор од службата можело да му наштети на угледот на органот, што би претставувало основа за изрекување дисциплинска мерка-престанок на работниот однос.

Со оглед на тоа што со оспорената одредба однесувањето на работникот надвор од службата како потешка повреда, за која се изрекувала мерката-престанок на работниот однос, не било поврзано со работата и не преставувало повреда на работната дисциплина, затоа што во овој закон како основни обврски на работникот се предвидени (член 88 и 89 од Законот) извршувањето на наредбите на функционерот и чувањето на државната, воената, службената и деловната тајна, но не и однесувањето чие нарушување можело да биде основа за преземање на мерката предвидена со оспорената одредба, како и со оглед на тоа што со неа не биле утврдени условите и начинот на престанокот на работниот однос по овој основ, Судот оцени дека оспорената одредба не била во согласност со означените уставни одредби, во времето на нејзиното важење.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.