У.бр.41/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 септември 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 281 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2007,86/2008,96/2008 и 106/2008 – исправка)

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Марјанчо Ангеловски од Куманово поведе постапка за оценување на уставноста на член 281 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

4. Судот на седницата утврди дека според став 1 на член 281 од Законот за безбедност на сообра­ќајот на патиштата, важноста на дозволата за возач – инструктор може да се продолжи ако возачот инструктор поднесе барање за продолжување на истата најдоцна еден месец пред истекот на рокот на важноста на дозволата. Со барањето за продолжување на дозволата, се поднесува уверение дека возачот-инструктор е здравствено и психофизички способен да управува(свидетелство) со моторни возила од онаа категорија за која е издадена возачката дозвола, (во објавениот текст на Законот е погрешно употребен терминот свидетелство).

Според став 2 на овој член, за возач-инструктор кој ќе поднесе барање за продолжување на важноста на дозволата за возач инструктор по истекот на рокот од ставот 1 на овој член, рокот на важноста на дозволата ќе се продолжи откако возачот инструктор повторно ќе ги положи испитите потребни за добивање на свидетелство за завршено специјалистичко образование за занимање возач-инструктор.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е утврден принципот на владеењето на правото.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и два автентично толкување на законите.

Поаѓајќи од наведеното, неспорно е дека Собранието на Република Македонија како носител на законодавнста власт може да донесува закон за сите области на општеството, што значи, меѓу другото и за уредување на прашања и односи поврзани со безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Со Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата се уредува безбедноста и заштитата на патиштата, правилата на сообраќајот на патиштата, системот на сообраќајните знаци и опрема, должности во случај на сообраќајна незгода, условите за стекнување на право за управување со моторно возило, оспособување на кандидати за возачи, полагање возачки испит и проверка на оспособеноста на возачите и други прашања (член 1).

Во насока на остварување односно реализирање на наведеното, законодавецот во делот „Испит за возач инструктор„ односно во членовите од 275 до 286 од Законот ги утврдил прашањата кои се однесуваат на стекнување на звањето возач – инструктор кој врши оспособување на кандидати за возачи.

Според член 275 од Законот, оспособување на кандидати за возачи може да врши возач-инстуктор по завршување на специјалистичко образование за занимање возач-инструктор во соодветна образовна институција.

Испитите за возач инструктор се полагаат во образовната институција пред испитна комисија формирана од министерот за образование и наука (член 276 став 1).

За спроведените испити образовната институција од ставот 1 на овој член води соодветна евиденција (став 2).

Во членот 277 од Законот е предвидено кои услови треба да ги исполнува кандидатот за возач-инструктор за да може да ги полага испитите (меѓу кои е да има завршено најмалку средно образование), а по полагање на предвидените испити согласно Програмата од член 419 од Законот, на лицето му се издава свидетелство за завршено специјалистичко образование за занимање возач-инструктор (член 277). Врз основа на свидетелството Министерството за внатрешни работи издава дозвола за возач-инструктор со рок на важење од 5 години (член 278).

Во оспорениот член 281 ставовите 1 и 2 од Законот е предвидено дека важноста на дозволата за возач инструктор може да се продолжи доколку лицето еден месец пред истекот на петте години поднесе барање за продолжување на важноста на дозволата, при што доколку лицето го пропушти рокот од еден месец пред истекот на петте години, рокот на важноста на дозволата ќе се продолжи откако возачот инструктор повторно ги положи испитите потребни за добивање на свидетелство за завршено специјалистичко образование.

Во член 282 од Законот е предвидено дека свидетелството за завршено специјалистичко образование од член 277 став 2 ќе се пониши и дозволата за возач инструктор ќе се одземе во случаите од член 274 став 1 на овој закон, при што решение за поништување на свидетелството донесува министерот за образование и наука, а решение за одземање на дозволата за возач-инструктор го донесува министерот за внатрешни работи. Наведените решенија се конечни и против нив лицето може да поведе управен спор пред надлежен суд.

Од наведените законски одредби произлегува дека со Законот се уредува начинот на стекнување на соодветно специјалистичко образование врз основа на кое се добива дозвола за возач-инструктор со важност од пет години, дека дозволата може да се продолжи 1 месец пред истекот на рокот од пет години и дека доколку возачот инструктор во рок од 1 месец не поднесе барање за продолжување на дозволата должен е повторно да ги полага испитите потребни за добивање на свидетелство како и тоа дека свидетелството за завршено специјалистичко образование може да се поништи од страна на органот кој го издал во точно определени услови предвидени во Законот.

Оттука, имајќи ја предвид содржината на оспорениот член 281 од Законот наспрема наведените уставни одредби, Судот оцени дека законското решение според кое Министерството за внатрешни работи кое ја издало дозволата за возач инструктор врз основа на свидетелство за стекнато специјалистичко образование за занимање возач – инструктор издадено од Министерството за образование и наука не може поради пропуштање на рокот од еден месец пред истекот на рокот од петте години на индиректен начин да го негира свидетелството за стекнато образование и да бара од лицето кое има веќе свидетелство повторно да ги полага испитите од тој вид на образование, а со цел продолжување на дозволата, на кој начин се доведува во прашање правната сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото.

Имено, според Судот во конкретниов случај нема издржани аргументи кои би ја оправдале целта на законодавецот од ваквото законско решение кое е неразумно и крајно ирационално. Ова дотолку повеќе ако се има предвид дека свидетелството според позитивните прописи е јавна исправа издадена од надлежен орган со кое се докажува стекнатиот степен на образование и истото може да се поништи во со закон точно утврдени случаи од страна на органот кој го издал или во постапка пред суд.

Со оглед на наведеното Судот оцени дека член 281 од Законот не е во согласност со наведените одредби од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и Игор Спировски.

У.бр.41/2008
24 септември 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски