У.бр.251/1993

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 ноември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за одговорност за повреда на должностите и работните обврски на вработените во Министерството за одбрана, донесен од Министерот за одбрана на 11 ноември 1993 година.

2. СЕ ОТФРЛА барањето на Пано Димитровски, адвокат од Скопје за заштита на слободите и правата повредени со поединечните акти донесени врз основа на оспорениот правилник.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Пано Димитровски, адвокат од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение и барање за заштита за слободите и правата означени во точката 2 од ова решение, затоа што не бил во согласност со член 15 и член 22 став 2 од Уставот на Република Македонија, со член 158 и член 229 од Законот за органите на управата, со член 2 став 3, член 52 став 1, член 54, член 58 став 1 точките 1, 3 и 7, член 61 став 1, член 63 став 1 и 4, член 66, член 72 став 2, член 75 став 1 точка 3 од Законот за основните права од работниот однос, со член 15 точка 17, член 26 став 1 и член 27 од Законот за одбрана и со член 217 став 2 од Кривичниот закон на Република Македонија.

4. Судот на седницата утрди дека оспорениот правилник престанал да важи со донесувањето на Правилникот за дисциплинска одговорност на работниците во Министерството за одбрана, воените старешини и граѓанските лица на служба во Армијата на Република Македонија поради кршење на работната дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон и колективен договор, донесен од министерот за одбрана на 23 април 1994 година, а на 29 септември 1994 година министерот донел Правилник за дисциплинска одговорност, со кој престанал да важи и овој правилник.

Со оглед на тоа што оспорениот правилник престанал да важи, Судот оцени дека не постојат процесни услови за одлучување по иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Судот на седницата утрди дека подносителот на иницијативата не го прецизирал барањето, односно не ги навел правата што се повредени со поединечните акти донесени врз основа на оспорениот правилник, а што ги штити Уставниот суд согласно член 110 од Уставот, поради што Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за одлучување по ова барање и одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов