У.бр.229/1995-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 став 1 алинеја 1 и член 112 став 1 од Уставот на Република Македонија, како и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 јули 1996 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 4 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.14/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, постапувајќи по иницијативите на Стамен Филипов и Зарко Јакимовски од Скопје, со решение У.бр.229/95 од 22 мај 1996 година поведе постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со уставното начело на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот на Република Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека со член 4 став 1 од наведениот закон се определува на осигурениците од член 11 став 2 од Законот (тоа се војници по договор, помлади офицери, офицери и граѓански лица на служба во АРМ) старосната пензија им се утврдува од пензиската основа односно од месечниот просек на платите што осигуреникот го остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 април 1992 година.

Од друга страна, според член 19 став 1 од Законот, на останатите осигуреници (тоа се вработените во претпријатија, установи и служби, државни органи и органи на локалната самоуправа и кај други физички и правни лица) старосната пензија им се утврдува од месечниот просек на платите што осигуреникот го остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 јануари 1970 година.

Од изнесената содржина на член 4 став 1 од Законот, произлегува дека на сите сегашни воени осигуреници старосната пензија им се утврдува од платите остварени после 1 април 1992 година иако некои од нив и пред тоа вложувале средства за своето осигурување во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, при што тоа вложување можело да биде повисоко или пониско од вложувањето после 1 април 1992 година. На тој начин, оспорената законска одредба овозможува еднаква старосна пензија за осигурениците кои во републичкиот фонд вложиле различна висина на придонесот за своето пензиско и инвалидско осигурување.

Исто така, од содржината на член 19 став 1 од Законот произлегува дека на сите останати осигуреници, меѓу кои и на оние кои порано биле вработени во други сојузни-управни органи, а сега засновале нов работен однос во Република Македониија, старосната пензија да им се утврдува од платите остварени од 1 јануари 1970 година па наваму иако дел од наведениот период средствата за своето осигурување тие ги вложиле вон Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија. На тој начин, оспорената законска одредба определува сегашните воени осигуреници, кои вложувале средства за своето пензиско и инвалидско осигурување вон републичкиот фонд, да се во нееднаква правна положба во однос на другите осигуреници, кои исто така вложувале средства вон републичкиот фонд, така што на првите тие вложувања не им се земаат предвид при утврдување на старосната пензија, а на другите им се земаат предвид.

5. Според член 9 став 1 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според став 2 од истиот член на Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со оглед на тоа што со член 4 став 1 од Законот се создава нееднаква правна положба помеѓу самите сегашни воени осигуреници, како и помеѓу воените осигуреници и другите осигуреници во напред наведената смисла, Судот оцени дека наведената законска одредба не е во согласност со уставното начело на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.229/95)