У.бр.220/1999

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јули 2000 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Васко Костески од Битола за заштита од дискриминација по основ на верска припадност предизвикана со Пресудата ГЖ.бр.2602/99, донесена од Апелациониот суд во Битола на 27 септември 1999 година.

2. СЕ ОТФРЛА барањето на истиот подносител и по истиот основ во однос на:

– Решението за престанок на работниот однос на Васко Костески (со замена со парична казна….), бр.04-291/1, донесено од раководителот на Подружницата “РЕК-Битола” во с. Новаци кај Битола на 3 февруари 1998 година;
– Одлуката, РОП.бр.0203-887/42/2 (со која се одбива приговорот на Васко Костески и се потврдува претходното решение), донесена од Комисијата за заштита на правата во ЈП “Електростопанство на Македонија” од Скопје на 27 февруари 1998 година;
– Пресудата, П.бр.917/98 (со која е одбиено барањето на Васко Костески за поништување на претходното решение), донесена од Основниот суд во Битола на 24 март 1999 година;
– Пресудата ГЖ.бр.1770/99 (со која е одбиена жалбата на Васко Костески против претходната пресуда и истата е потврдена), донесена од Апелациониот суд во Битола на 14 јули 1999 година;
– Решението за престанок на работниот однос на Васко Костески (со замена со парична казна…), бр.04-863/1, донесено од раководителот на Подружницата “РЕК-Битола” во с. Новаци кај Битола на 14 април 1998 година;
– Одлуката, РОП.бр.0203-2206/47/1 (со која се одбива приговорот на Васко Костески и се потврдува претходното решение), донесена од Комисијата за заштита на правата во ЈП “Електростопанство на Македонија” од Скопје на 8 мај 1998 година;
– Пресудата, П.бр.1661/98 (со која е одбиено барањето на Васко Костески за поништување на претходното решение), донесена од Основниот суд во Битола на 27 мај 1999 година.

3. Оваа одлука произведува правно дејство со објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Васко Костески-инженер од Битола, на 18 ноември 1999 година поднесе барање до Уставниот суд на Република Македонија заради заштита од дискриминација по основ на верска припадност, предизвикана со поединечните акти означени во точките 1 и 2 од оваа одлука.

а) Процедурален основ за поднесување на барањето е член 50 став 1 од Уставот (односно уставното овластување за секој граѓанин (1) да може да бара заштита на уставните слободи и права, (2) тоа да го бара и од Уставниот суд и (3) таа постапка да има приоритет и итно да се решава), како и член 51 од Деловникот на Уставниот суд (односно определувањето (1) секој граѓанин да може да бара заштита од Уставниот суд, (2) ако смета дека му е повредено негово право или слобода, (3) кои се утврдени во член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, (4) и кои се повредени со поединечен акт или дејство, (5) потоа поединечниот акт да е конечен или правосилен, (6) и да не поминало повеќе од 2 месеци од неговото доставување, (7) а за дејството, да не поминале повеќе од 2 месеци од денот на дознавањето за него (релативен и субјективен рок), и кумулативно (8) да не поминало повеќе од 5 години од преземањето на дејството (апсолутен и објективен рок).

б) Материјален основ за поднесување на барањето (односно кои одредби за правата и слободите, според барателот, му се повредуваат) е член 9 од Уставот (односно уставната определба граѓаните да бидат еднакво третирани во остварувањето на нивните слободи и права) и член 19 од Уставот (односно уставното овластување граѓаните слободно да применуваат и покажуваат вера), потоа член 4 од Законот за верските заедници и религиозните групи – “Службен весник на Република Македонија бр.35/97 (односно определувањето: на граѓанинот да не може да му бидат ускратени правата што ги има според Уставот и закон, поради припаѓање на верска заедница и вршење или учество во вршење на верски обреди, како и да е забрането граѓанинот да се принудува да не учествува во верски обреди или други видови изразувања на верата или да се попречува да стане или да биде член на верска заедница) и, конечно, членовите 9 и 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи (односно определувањето секој човек да има право слободно да ја изразува својата вера преку богослужба, поука, проповеди, верски обреди и ритуали, при што уживањето на тоа право и слобода е без дискриминација на било која вера).

Изнесените материјални одредби од Уставот, Законот и Европската конвенција, смета барателот, биле повредени со оспорените акти, и со тоа бил ставен во нееднаква, дискриминирачка положба по основ на верската припадност.

в) Начинот на кој било сторено тоа, бил следниот: подносителот на барањето отсуствувал од работа (работно место – млад инженер од електро насока во Подружницата на “РЕК-Битола” во с. Новаци) на 29 јануари и на 7 април 1998 година, кои денови биле први денови на верските празници “Рамазан Бајрам” и “Курбан Бајрам” за верниците од муслиманската вероисповест, при што отсуството од работа подносителот на барањето го објаснувал со тврдење дека ја прифаќа муслиманската вероисповест, поради што тие денови биле и за него законски неработни денови, па отсуството било исправно и не можел да трпи штетни последици за тоа.

Претпријатието, пак, во двата случаи и секој случај во две инстанци, и судовите, исто така во двата случаи и секој случај во две инстанци, според барателот, не го прифатиле неговото тврдење дека ја прифаќа муслиманската вероисповест, оттука неговото отсуство од работа во двата случаи го сметале за неосновано и, поради тоа, го казниле со престанок на работниот однос, заменувајќи ја таа казна со парична, во висина од 15% од неговата месечна плата и тоа за 3 месеци, во првиот случај, и за 6 месеци во вториот случај (причина за замена на казната во двата случаи била постоење олеснителна околност – не настанале поголеми штетни последици).

Токму не прифаќањето на тврдењето на барателот дека ја прифаќа муслиманската вероисповест, потоа барање од него да го докаже таквото негово верско уверување и нивното самоиницијативно изведување на такви докази, на барателот му создавале чувство на обесправеност, дискриминација и притисок врз него поради неговата верска определба, па од тие причини се обраќа до Уставниот суд со надеж дека овој проблем “ќе биде разрешен во рамките на нашиов правен систем и држава”.

5. На седницата Судот утврди дека со пресудата означена во точката 1 од оваа одлука се одбива жалбата на Васко Костески и се потврдува Пресудата на Основниот суд во Битола од 27 мај 1999 година, затоа што:

“Неосновани се жалбените причини за погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба. Имено, од изведените докази првостепениот суд утврдил дека Васко Костески бил во работен однос кај ЈП “Електростопанство на Македонија” – Подружница “РЕК-Битола” во с. Новаци на неопределено работно време како електро – инжинер. Со решение на раководителот на Подружницата бр.04-863/1 од 14 април 1998 година му престанал работниот однос заради сторена повреда на работната обврска бидејќи самоволно отсуствувал од работа на ден 7 април 1998 година која дисциплинска мерка му е заменета со парична казна од 15% од месечната плата во траење од 6 месеци. Васко Костески против наведеното решение благовремено приговорил кое од страна на Јавното претпријатие му било одбиено како неосновано. Од изведените докази првостепениот суд утврдил дека Васко Костески по народност е Македонец, а не е спорен фактот дека за време на христијанските празници истите ги празнувал, а сега по повод отсуството од работа се декларира со муслиманска вероисповест, со што го правда отсуството на 7 април 1998 година на кој ден бил верскиот празник “Курбан бајрам”.

Овој суд, при одлучувањето, посебно ги ценеше жалбените причини на Васко Костески дека првостепениот суд не смееше да бара докази за припадноста на некого за неговата вероисповест заради тоа што истото претставувало лично чувство на граѓанинот и дека согласно уставните одредби на граѓаните им се гарантира слободата на вроисповест и дека исповедувањето на верата е приватна работа на човекот и затоа на никого не е должен да му докажува.

Ваквите жалбени причини овој суд ги оцени како неосновани заради фактот што Васко Костески кој е во работен однос кај Јавното претпријатие, треба да биде присутен на своето работно место во секој работен ден, а доколку истиот отсуствува своето не доаѓање на работа треба да го оправда. Од изнесеното произлегува обврската за Васко Костески да презентира доказ за оправданоста на неговото отсуство на ден 7 април 1998 година и за тоа изведувани се докази во тој правец дали Васко Костески навистина по своја вероисповест е муслиман и оправдано отсустувал од работа на именованиот муслимански празник или, пак, тоа не е случај бидејќи користел денови поточно празнувал и за време на христијанските празници.

Инаку, овој суд се согласува со констатацијата на Васко Костески изнесена во жалбата и истата наоѓа поткрепа во одредбите од член 19 од Уставот на Република Македонија и член 1 од Законот за правната положба на верските заедници дека се гарантира слободата на вероисповеста и дека тоа претставува лично чувство на секој граѓанин на Република Македонија, меѓутоа при сторена повреда на работната обврска – не доаѓање на работа, првостепениот суд должен е да утврдува, како што и постапил, дали таквото не доаѓање е оправдано и, во таа смисла, откако извел доволно докази, правилно утврдил дека Васко Костески неоправдано отсуствувал од работа, а наведеното дека припаѓа на верската исповест од муслиманската вера е само причина Васко Костески да го оправда отсуството, бидејќи истиот ги користел и христијанските верски празници за да отсуствува од работа.

Од изнесените причини, овој суд одлучи како во изреката на Пресудава, применувајќи ги одредбите од член 354 од ЗПП”.

Од содржината на Пресудава, од една страна, и од содржината на барањето упатено до Судов, од друга страна, овој Суд како неспорни ги утврди следните факти:

– Васко Костески е вработен на неопределено време во Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија”- Подружница “РЕК-Битола” во с. Новаци кај Битола;
– именованиот не бил на работа на 7 април 1998 година;
– 7 април 1998 година бил прв ден “Курбан Бајрам”, празник за верниците од исламската вероисповест;
– според закон, наведениот верски празник (што значи и 7 април 1998 година) е неработен ден, ама за верниците од таа вероисповест (член 4 став 1 алинеја 2 од Законот за празниците на Република Македонија – “Службен весник на Република Македонија” бр.21/98);

Спорно прашање, пак, помеѓу “двете страни” е:

– дали Васко Костески и припаѓа на исламската вероисповест или не? (Тој усмено изјавува дека и припаѓа на таа вера и само на тој елемент го заснова своето барање упатено до Уставниот суд, истовремено укажувајќи дека таа своја изјава ниту самиот треба да ја докажува, ниту друг смее да бара нејзино докажување, ниту пак смее самиот да изведува докази. Апелациониот суд, пак, ја има во предвид изјавата на Васко Костески – дека “и припаѓа на муслиманската вероисповест”, но бидејќи тој бара остварување на права од слободата на вероисповест а тоа не го докажува со ниеден објективен факт туку одбива да го докажува тоа, тој суд самиот изведува докази – дека Васко Костески е Македонец по национална припадност и дека ги празнувал христијанските празници кои се неработни, па заклучува дека изјавата за прифаќање на муслиманската вероисповест всушност значи само правдање на отсуството, поради што неприсуството на Васко Костески на работа на 7 април 1998 година е неоправдано и казната основана).

Оттука, пред Уставниот суд се постави претходно прашање дали при остварување на некое право (како, на пример, во конкретниот случај, право на платено отсуство од работа за верски празник), а кое право произлегува од некоја слобода (како, на пример, во конкретниот случај, слобода на вероисповест), е доволна изјава како субјективна волја на граѓанинот или остварувањето на правото мора да почива на објективни факти кои треба да се утврдат преку докази.

Имајќи предвид дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија според член 8 став 1 алинеја 3 на Уставот, под што треба да се подразбере доминација на објективизирана правна норма над субјективната волја при барање на остварување на права, од една страна, како и имајќи ги предвид укажувањата на претставниците на христијанската и исламската религија во Република Македонија (деканот на Богословскиот факултет во Скопје и поглаварот на исламската заедница во Македонија) дека постојат објективизирани критериуми за определување на припадништвото на еден граѓанин на христијанско и исламско верско уверување, од друга страна, Судот оцени дека нужно мора да се утврдат објективни факти поврзани со остварување на некое право и да се изведат докази за нив, во ситуација кога се бара некое право.

Во тој склоп, заради утврдување на објективни факти кои би биле во функција на оценката дали постои дискриминација по верска основа во конкретниот случај, овој Суд организира јавна рсправа (на 27 април 2000 година) и три консултативни разговори (на 16 и 25 мај и 8 јуни 2000 година) и врз основа на нивната содржина, особено врз основа на исказите на подносителот на барањето, утврди дека содржината на неговите верски уверувања (па дури и формата) објективно не се совпаѓаат со содржината на исламската религија (па и нејзината форма) по разни основи (на пример, околу содржината: не познавање на основните, најважните, постулати на таа религија, преку кои се изразува суштината на тоа уверување; или не познавање на битни делови од целината на тој религиозен систем; околу формата: не познавање на начинот на “влегување” во редот на верниците со такво уверување;….).

Имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба, овој Суд оцени дека Пресудата ГЖ.бр.2602/99, донесена од Апелациониот суд во Битола на 27 септември 1999 година, не врши дискриминација односно не го доведува Васко Костески во нееднаква, понеповолна правна положба во однос на другите граѓани по верска основа, што се однесува до остварувањето на неговите права, со тоа што Пресудата се впушта во утврдувањето на објективните факти и во изведување на докази за нив во врска со неговото отсуство од работа на 7 април 1998 година, како и со тоа што дозволува тој да биде казнет парично и да се смета дека неоправдано отсуствувал од работа на наведениот ден.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Што се однесува, пак, до поединечните акти означени во точката 2 од оваа одлука, Судот утврди дека, согласно член 51 од Деловникот на Судот, нема процесни претпоставки за постапување по тој дел од барањето со оглед дека поминало повеќе од два месеци од денот на доставувањето на поединечниот акт до граѓанинот и неговото обраќање со барање до Уставниот суд.

Поради тоа, Судот одлучи како во точката 2 од оваа одлука.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски

У.бр.220/1999
12 јули 2000 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов