У.бр.211/2000-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 ноември 2001 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 18 став 1 точките 1 и 2 од Законот за Агенцијата за разузнавање (“Службен весник на Република Македонија” бр. 19/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје поведе постапка за оценување уставноста на член 18 став 1 точка 1 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него се врши противуставно ограничување на правото на работа на граѓаните како трајна последица од осуда, како и нееднаквост во вработувањето и во вршењето на јавни функции на граѓаните.

Судот по сопствена иницијатива поведе постапка за согласноста на член 18 став 1 точка 2 од наведениот закон.

4. Судот на седницата утврди дека во член 18 од Законот е предвидено дека работен однос во Агенцијата може да заснова лице кое покрај општите услови, ги исполнува и следните посебни услови: 1) да не е осудувано за кривично дело против уставното уредување и безбедноста на Република Македонија, против слободите и правата на човекот и граѓанинот, стопанството, вооружените сили на Република Македонија, службената должност, тешки дела против животот и телото, имотот или кривично дело извршено од користољубие и нечесни побуди. 2) против него да не се води кривична постапка за кривичните дела од став 1 точка 1 на овој член.

5. Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија лицето обвинето за казниво дело ќе се смета заневино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според член 14 став 1, пак, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, а посебно одредбите 13 и 14 од Уставот на Република Македонија произлегува дека со нив се утврдени два принципа на казнено правниот однос, а тоа се прво дека за извршеното казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како такво е утврдено со закон или со друг пропис и дека казната може да се изрече само со судска одлука.Според тоа казнено правниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречена казна и дека натамошните последици од неговото извршување односно осуда за тоа не се допуштени.

6. Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека во конкретниот случај со оспорената одредба на член 18 став 1 точка 1 и 2 се врши ограничување на правото на граѓаните како последица од осуда или како последица на водење на кривична постапка, поради што таа не е во согласност со Уставот и одлучи како во точката 1 од ова одлука.

7.Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.211/2000
21 ноември 2001 година
С к о п ј е