У.бр.203/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 ноември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на:

а) Член 4 став 2 точка 6 од Законот за детективската дејност (“Службен весник на РМ” бр. 80/99); и
б) Член 8 став 2 точка 5 од Законот за обезбедување на лица и имот (“Службен весник на РМ” бр.80/99).

2. Младен Трајков од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 од ова решение, затоа што со нив “……… на луѓето кои се вработени во МВР и МО на овластени работни места им се ускратени основните права на слободен избор на работата и работното место…..”, поради што тие законски одредби не биле во согласност со член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот (слободен избор на вработување и секому, под еднакви услови, да му е достапно секое работно место).

3. Судот на седницата утврди дека содржината на оспорените одредби е истоветна и дека со нив се предвидува одредени лица да не можат да вршат детективска дејност и дејност – обезбедување на лица и имот, определено време (две години). Покрај тоа, Судот утврди дека тие одредби веќе беа предмет на оценување од наведениот аспект, при што се оцени “….. дека доколку ваквото законско ограничување не би постоело, граѓаните би можеле да бидат доведени во состојба, некој кој има неограничен број податоци за нив, а поседува лиценца приватно да обавува детективска дејност или дејност од областа на заштитата на луѓето и имотот, да може наместо да ги брани нивниот имот, живот, слобода и другите со Устав загарантирани права, да брани друг интерес злоупотребувајќи ги тие податоци”….., поради што не се поведе постапка (Решение У.бр.33/2000 од 27 септември 2000 година).

4. Со оглед на тоа што оспорените законски одредби веќе беа предмет на оценување од наведениот аспект, а сега нема основи за поинакво одлучување, Судот, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.203/2001
14 ноември 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов