У.бр.201/1995

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 јуни 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Законот за продажба на становите во општествена сопственост (“Службен весник на СРМ” бр.36/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.62/92 и 8/93 – пречистен текст).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Захарија Цацаноски од Струга му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што Законот содржел неподносливи критериуми за откуп на општествените станови, а при утврдувањето на вредноста на станот не се признавале правата на вработените за средствата што ги издвојувале за станбена изградба и за средствата што тие ги плаќале во вид на станарина. Исто така, Законот не водел сметка за пензионерите и другите социјално загрозени лица, кои не биле во состојба да ги плаќаат високите станарини, ниту пак, имале можност да ги откупат општествените станови во кои живеат.

3. Судот на седницата утврди дека со иницијативата се оспорува целината на Законот, особено од аспект на критериумите за откуп на општествените станови, односно основните фактори од кои зависи цената на станот, изразена и преку пресметковни бодови, а имајќи предвид дека за таквите спорни прашања содржани во Законот, Судот веќе одлучувал, постапувајќи по предметот У.бр.226/92, оцени дека нема основи за поинакво одлучување.

Во однос на делот на иницијативата дека не се водело сметка за високите станарини за користење на општествените станови и неможноста нив да ги откупат пензионерите и другите социјално загрозени лица, Судот смета дека се фактички прашања за кои не е надлежен да одлучува.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.