У.бр.196/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 февруари 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 65 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија и Одлуката за утврдување на висината на уписнината на новите членови на Адвокатската комора на Република Македонија, донесена од Управниот одбор на Комората на 12 мај 2001 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Анастас Пејчиновски од Скопје, подржана со потписи на 96 граѓани, со Решение У.бр.196/2001 од 26 декември 2001 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 65 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија и Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со одредбите на Уставот и Законот за адвокатурата.

4. Судот на седницата утврди дека според член 65 од Статутот, при упис во Именикот на адвокатите, адвокатот плаќа одреден износ, чијашто висина ја утврдува Управниот одбор со своја одлука, кој не може да биде помал од 3 просечни плати исплатени во претходниот месец, на име вложување на средства на Комората, што се стекнати со вложувања на адвокатите кои членувале во неа до неговото зачленување.

Оспорената одлука е донесена од Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија на 12 мај 2001 година. Според член 1 од Одлуката, при упис во Именикот на адвокатите во Адвокатската комора на Република Македонија, новите адвокати ќе плаќаат уписнина во износ од 4 (четири) нето просечни плати во нестопанството во текот на претходниот месец. Со членот 2 од Одлуката се определува дека оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се применува од 1 јули 2001 година, а со членот 3 од Одлуката, се уредува дека таа ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

5. Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 32 став 2 од Уставот се уредува дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според став 5 на овој член на Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Согласно член 53 од Уставот, адвокатруата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува праван помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Со Законот за адвокатурата (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92) се уредува обезбедувањето правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред судовите, другите органи и други правни лица, како и организацијата на адвокатурата, условите за упис во Именикот на адвокатите и правата и обврските на адвокатите. Според член 2 од овој закон, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба, согласно член 3 од Законот, се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во адвокатска комора, автономно донесување на општи акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и запишување и бришење од Именикот на адвокатите и донесување на Кодексот на адвокатската етика.

Според член 8 од Законот, правото на вршење на адвокатската дејност се стекнува со уписот во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија, според член 9 став 1 од Законот во Именикот на адвокатите може да се запише државјанин на Република Македонија, кој ги исполнува општите услови за засновање на работен однос, дипломиран правник со положен правосуден испит, кој ужива углед за вршење на адвокатската дејност, а според член 10 став 1 од Законот, по барањето за упис во Именикот на адвокатите решава надлежен орган на Адвокатската комора на Република Македонија на начин и под услови определени со овој закон.

Со член 27 став 1 од Законот се уредува дека адвокатите се организираат во Адвокатска комора на Република Македонија, која согласно член 28 став 1 од Законот, во својата работа е самостојна и независна, а според став 2 од овој член, меѓу другото, решава за стекнување право на вршење адвокатска дејност, престанок на вршењето на тоа право, за упис и бришење во Именикот на адвокатите и ги донесува општите акти на Комората. Согласно член 29 од Законот, со Статутот на Комората, меѓу другото се уредува постапката за упис во Именикот на адвокатите, водењето на Именикот на адвокатите и за правата и должностите на адвокатите.

Тргнувајќи од анализа на наведените уставни и законски одредби, јасно произлегува дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон, дека правото за вршење адвокатска дејност се стекнува со уписот во Именикот на адвокатите, дека условите за вршење на адвокатската дејност и начинот за стекнување право за вршење на таа дејност се утврдуваат со Законот и дека под еднакви услови вршењето на таа дејност е достапна секому. Притоа, не е спорно дека адвокатите се организираат во адвокатска комора, чии органи решаваат за стекнување и престанок на правото на вршење на адвокатска дејност и за упис и бршење во Именикот на адвокатите, но на начин и под услови определени со закон. Меѓутоа, правото за решавање во секој конкретен случај, не значи и право да се утврдуваат нови услови (надвор од Законот) за запишување во Именикот на адвокатите или, пак, да се утврдува уписнина на новите членови на Комората односно обврска за плаќање надоместок при уписот во Именикот на адвокатите, како дополнителен услов за вршење на таа дејност од страна на лицата кои ги исполнуваат условите утврдени во член 9 став 1 од Законот за адвокатурата.

Тргнувајќи од наведеното, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба на член 65 од Статутот според која при уписот во Именикот на адвокатите, адвокатот плаќа одреден износ на име вложување на средства на Комората, што се стекнати со вложувања на адвокатите кои членувале во неа до неговото зачленување, како и содржината на оспорената одлука според која при уписот во Именикот на адвокатите, новите адвокати ќе плаќаат уписнина во износ од четири нето просечни плати во нестопанството во текот на претходниот месец, според мислењето на Судот, востановената уписнина што како обврска е утврдена да се плаќа при уписот во Именикот на адвокатите од страна на новите членови на Адвокатската комора (кандидати за адвокати) нема уставна и законска основа, дека таа уписнина според начинот и врмето кога се плаќа (при уписот во Именикот), значи дополнителен услов за вршење на адвокатска дејност од тие што се утврдени со Законот и дека со плаќањето на уписнината само од страна на новите членови се нарушува приницпот на еднаквост, поради што Судот оцени дека оспорените одредби не се во согласност со напред наведените одредби од Уставот и Законот за адвокатурата.

Покрај наведеното, имајќи предвид дека со член 2 од оспорената одлука е уредено таа да влезе во сила со денот на нејзиното донесување, а не по нејзиното објавување и дека истата и покрај тоа што со член 3 е определена да се објави во “Службен весник на Република Македонија”, одлуката ни по истекот на седум месеци не е објавена, Судот оцени дека оспорените одредби од Одлуката не се во согласност и со член 52 став 1 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.196/2001
13 февруари 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов