У.бр.195/2000

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 29 ноември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Перица Чеферјановиќ од Пробиштип за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 став 3 од Уставот на Република Македонија повредени со пресуда на Основниот суд во Штип П.бр.673/96 и со пресуда на Апелациониот суд Штип, Гж.п.2888/97.

2. Перица Чеферјановиќ од Пробиштип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, а кои права биле повредени со пресудите наведени во точката 1 од ова решение. Имено подносителот на иницијативата смета дека со донесените пресуди му се повредени човековите слободи и права со оглед на тоа што донесените пресуди не биле извршени, односно не му биле вратени позајмените пари и не биле надоместени трошоците на постапката.

3. Разгледувајќи го барањето, Судот утврди дека тоа не се однесува на основните слободи и права утврдени во член 110 став 3 од Уставот, според кој Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот кои се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, туку барањето се однесува за неизвршување на судски пресуди.

4. Со оглед на тоа што барањето не се однесува на заштита на наведените слободи и права, Судот уцени дека не е надлежен да одлучва по него и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.195/2000
29 ноември 2000 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов