У.бр.188/2002-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 септември 2004 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Упатството за постапување на судовите за водење на казнената евиденција (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/1997).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со решение У.бр.188/2002 од 30 јуни 2004 година поведе постапка за оценување на законитоста на упатството означено во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласнсот со Кривичниот законик.

4. Судот на седницата утврди дека Главата III од Упатството го уредува прашањето во врска со давањето на податоци од казнената евиденција.

Судот, исто така, утврди дека согласно членот 8 од Упатството податоците од казнената евиденција може да се даваат само под условите пропишани со закон, а врз основа на барање поднесено во смисла на одредбите од членовите 95 став 3 и 106 став 3, 4, 5 и 6 од Кривичниот законик, додека според членот 12 од Упатството податоците за осудите што ги изрекле странските судови може да им се дадат само на органите од членот 106 став 3 од Кривичниот законик.

5. Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.206/2003 година од 9 јуни 2004 година го укина членот 423 од Кривичникот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003 и 19/2004).

Со одредбата од членот 423 од Кривичниот законик беше предвидено министерот за правда да донесува упатство за постапување на судовите за водење на казнената евиденција во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој законик.

Меѓутоа, со одредбата од членот 233 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/2004), по членот 423 е додаден нов член 423-а, според кој со Судскиот деловник се уредува постапувањето на судовите за водење на казнената евиденција согласно со членот 106 од Кривичниот законик, во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Имајќи предвид дека оспореното упатство го имаше својот основ во членот 423 од Кривичниот законик што Судот со посочената одлука го укина, Судот оцени дека министерот за правда не е овластен да донесува упатство независно дали истото се однесува за водење или издавање на податоци од казнената евиденција.

Со оглед на тоа што престанал правниот основ за постоењето на Упатството за постапување на судовите за водење на казнената евиденција, донесено од министерот за правда, Судот утврди дека истото е несогласно со член 423-а од Кривичниот законик.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.188/2002
9 септември 2004 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова