У.бр.181/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 април 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 269 став 2 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2005).

2. Александар Гоџо од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 269 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од Законот за работните односи со која било регулирано дека престануваат да важат колективните договори кои нема да се усогласат во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на овој закон, всушност се пропишувало губење на веќе стекнати поволни права за работниците од работен однос со склучените колективни договори од поранешен период.

Со оглед на тоа што оспорената одредба од Законот била неповолна за работниците и спротивна на нивните интереси како страна на колективните договори во сферата на работните односи, оспорената законска одредба била во несогласност со одредбите од Уставот и тоа со членот 8 според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, со членот 32 според кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, и со членот 51 кој определува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со иницијативата, исто така се бара Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија кои се донесени односно преземени врз основа на оспорената законска одредба.

3. Судот на седницата утврди дека во делот на преодните и завршните одредби од Законот за работните односи, со членот 267 е предвидено дека постапките за остварување и заштита на правата започнати пред денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе се довршат според одредбите на законот кој важел во време на започнување на постапката освен ако одредбите од овој закон не се поповолни за работникот.

Според членот 268 од овој закон министерот надлежен за работите од областа на трудот ќе ги донесе подзаконските прописи за спроведување на овој закон во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, а до денот на влегувањето во сила на подзаконските прописи ќе се применуваат постојните прописи.

Со членот 269 став 1 од Законот е предвидено дека постојните колективни договори и акти на работодавачот ќе се усогласат со овој закон најдоцна во рокот од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Со оспорената одредба од ставот 2 на овој член од Законот е предвидено дека колективните договори кои нема да се усогласат во рокот определен во ставот 1 на овој член престануваат да важат.

Според ставот 3 и ставот 4 од овој член од Законот, до склучувањето на колективните договори и донесувањето на акти на работодавачот согласно со овој закон, непосредно се применуваат одредбите на овој закон.

Постојните договори за работа склучени до влегувањето во сила на овој закон се сметаат за договори за вработување.

4. Според членот 8 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Во делот на одредбите од Уставот кои се однесуваат на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, со членот 32 став 5 е определено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Во Уставот се предвидени и норми за обезбедување на остварувањето на основните слободи и права преку одредбите во делот кој се однесува на гаранции на основните слободи и права. Во тие рамки, со членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Законот за работните односи во членот 1 определил дека предмет на уредување на овој закон се работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување, и дека работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Во уредувањето на овие односи Законот ги следи уставните определби за пазарното стопанство и положбата на сопственоста во организирањето на трудот и капиталот во општествено-економскиот систем на Републиката каде работниот однос ги изгубил елементите од поранешниот систем на доброволен однос меѓу работникот и организацијата односно работодавачот заради вршење на работи и задачи со средства во општествена сопственост и претставува договорен однос меѓу работникот и работодавачот заради вршење на определени работи и врз основа на договорниот – облигационен однос меѓу работникот и работодавачот настануваат права и обврски од моментот на склучување на договорот.

Во системот на правата и обврските утврдени со Законот за работните односи, со членот 12 став 1 е определно дека при склучувањето и престанувањето на договорот за вработување и во времетраењето на работниот однос работодавачот и работникот се должни да ги почитуваат одредбите на овој и други закони, меѓународните договори што ја обврзуваат Република Македонија и другите прописи, колективните договори и актите на работодавачот.

Според ставот 2 на овој член од Законот, со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, и ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од Законот. Според ставот 3, со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон, а според ставот 4, правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.

Оттука, уставно загарантираните права врз чија основа со закон се утврдени правата од работен однос, а со колективните договори е препуштено да се уредува нивното остварување, не можат да бидат одземени и ограничени од страна на работодавачот. Врз основа на овој правен систем, со одредбите од Законот за работните односи се уредени колективните договори. Тие, поради тоа, треба да го следат законскиот концепт кој е во важност, заради остварување на односите во оваа сфера на начин предвиден со Законот, а не на поинаков начин од тој што е предвиден со Законот.

Со одредбите од Законот за работните односи кои се однесуваат на колективните договори, се утврдени видовите на колективни договори, кои можат да бидат општ на ниво на Република кој се склучува за стопанството и за јавниот сектор, потоа посебен колективен договор на ниво на гранка и поединечен колективен договор на ниво на работодавач.

Со Законот, исто така се уредени прашањата за: примената и важноста на колективните договори; предметот на колективното договарање; обврска за колективно договарање; лицата кои ги обврзува колективниот договор; обликот на колективниот договор; учесниците во склучувањето на колективен договор; репрезентативност на синдикатот и услови за определување на репрезентативноста на синдикатот; услови за определување на репрезентативност на работодавачите; спогодба за здружување заради учество во склучување на колективен договор; надлежност за решавање на споровите за репрезентативност на синдикатот односно на здружението на работодавачите; страни за склучување на општ колективен договор (тоа се репрезентативното здружување на работодавачите и репрезентативниот синдикат за територијата на Република Македонија); страни за склучување на посебен колективен договор за гранка, односно дејност (тоа се репрезентативниот синдикат и репрезентативното здружение на работодавачите на ниво на гранка, односно дејност); страни за склучување на посебен или поединечен колективен договор за јавни претпријатија и јавни установи (тоа се основачот или органот кого тој ќе го овласти и репрезентативниот синдикат); страни за склучување на поединечен колективен договор (тоа се репрезентативниот синдикат кај работодавачот и овластеното лице од работодавачот); одбор за преговори; овластување за склучување на колективен договор (претставниците на синдикатите и на здруженијата на работодавачите кои учествуваат во преговорите за склучување на колективен договор и кои склучуваат колективен договор, мора да имаат овластување од своите органи); должност за исполнување на обврските од колективните договори; и други прашања.

Со членот 226 од Законот е утврдено дека колективен договор може да се склучи на определено време за период од две години, со можност за продолжување, со писмена согласност на страните на договорот.

Според членот 227 од Законот, колективниот договор склучен на определено време престанува да важи со истекот на времето за кое е склучен, а важењето на колективниот договор може да престане и со спогодба на сите учесници или со откажување на начин утврден со колективниот договор.

Според членот 229 став 1 од Законот, колективниот договор мора да содржи одредби за отказниот рок и постапката за откажување, изменување и дополнување на колективниот договор.

Со членот 231 став 1 од Законот е предвидено дека секој општ и грански колективен договор и секоја измена (изменување, дополнување, откажување или пристапување) на колективниот договор пред нивното објавување мора да се достави за регистрација до министерството надлежно за работите од областа на трудот.

Според членот 232 од Законот, колективните договори мора јавно да се објават. Општите и гранските колективни договори и нивните измени и дополнувања се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”, а поединечните колективни договори се објавуваат на начин утврден со договорот.

Со членот 234 од Законот е предвидено дека страна на колективен договор може со тужба пред надлежен суд да бара заштита на правата од колективен договор, а согласно членот 235 од Законот, ако настане спор во постапка на склучување, изменување и дополнување на колективен договор, спорот се решава по мирен пат. Страните во спорот можат решавањето на колективниот работен спор спогодбено да го доверат на арбитража.

Во делот на преодните и завршните одредби од Законот, со членот 269 став 1 е предвидено дека постојните колективни договори и акти на работодавачот ќе се усогласат со овој закон најдоцна во рокот од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, а со оспорената одредба од ставот 2 на овој член од Законот е предвидено дека колективните договори кои нема да се усогласат во рокот определен во ставот 1 на овој член престануваат да важат.

Од овие законски одредби произлегува дека склучените колективни договори од поранешен период, ќе престанат да важат по сила на Законот, (без оглед на содржината на колективните договори).

Според Судот, законодавецот со тоа што предвидел да престанат да важат колективните договори ако во рок од шест месеци не се усогласат со овој закон, и предвидел до склучувањето на новите колективни договори непосредно да се применуваат одредбите од Законот, го афирмирал уставното начело за согласноста на прописите со закон и за таа цел ја определил динамиката на новото колективно договарање под услови и на начин определени со овој закон.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека неоснован е наводот во иницијативата дека оспорената законска одредба ги нарушувала правата на работниците стекнати со склучените колективни договори пред донесување на новиот Закон за работните односи, па поради тоа одредбата била во несогласност со Уставот. Ова особено и поради тоа што со оспорената одредба во контекст и на другите одредби од Законот, се обезбедува склучување на нови колективни договори врз основа на одредбите од закон кој е во правниот поредок, а кој воедно предвидел во колективните договори да не можат да се определат помали права за работниците од оние утврдени со законот. Тоа ја изразува законската определба за грижа и обезбедување на определена граница на права, во рамки на социјалниот статус на работниците и воопшто во сферата на работните односи, врз чија основа треба да се склучат новите колективни договори.

Поради изнесеното Судот утврди дека не може основано да се постави прашањето за несогласност на оспорената одредба од Законот за работните односи со одредбите од членот 8 алинеја 3, членот 32 став 5 и членот 51 од Уставот на кои се повикува иницијативата.

Со оглед на тоа, согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, нема услови за донесување на решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената одредба од Законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.181/2005
5 април 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова