У.бр.177/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 јануари 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 14 став 3 точка 3 и член 18 став 2 точка 3 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2004, 84/2005, 25/2007 и 87/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.177/2008 од 5 ноември 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за согласноста на оспорените членови со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 14 став 3 точка 3 од Законот за трговските друштва трговецот поединец кон пријавата за упис приложува покрај другото и: „изјава од физичкото лице дека уредно ги платил даночните обврски и придонесите за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување, односно дека во согласност со член 29 од овој закон не постои пречка да стекне својство на трговец поединец“.

Според оспорениот член 18 став 2 точка 3 од Законот е предвидено дека: кон пријавата за бришење на уписот во Трговскиот регистар трговецот поединец покрај другото приложува „доказ дека трговецот-поединец уредно ги платил даночните обврски и придонесите за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување и придонесот за вработување“.

5. Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2).

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со изнесените уставни одредби Уставот го гарантира правото на работа, слободниот избор на вработување и го промовира принципот за достапност секому, под еднакви услови на секое работно место. Исто така, граѓаните се должни да плаќааат данок, при што, начинот на плаќање се уредува со закон.

Според Законот за трговските друштва трговец поединец е физичко лице кое во вид на занимање, врши некоја од трговските дејности определени со овој закон (член 12 став 1).

Својството на трговец – поединец се стекнува со упис во Трговскиот регистар што се води во Централниот регистар на Република Македонија, при што во Трговскиот регистар се запишува и престанувањето на трговец – поединец (чл. 12 и 18 став 1).

Во пријавата за упис се наведуваат: името и презимето, единствениот матичен број на граѓанинот и местото на живеење, фирма под која ќе се врши дејноста и предметот на работење.

Кон пријавата за упис се приложуваат: 1. заверен потпис на трговецот поединец кај нотар, 2. изјава од физичкото лице дека не му е изречена забрана да врши некоја од дејностите определени со овој закон и изјава од физичкото лице дека уредно ги платил даночните обврски и придонесите за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување односно дека во согласност со членот 29 од овој закон, не постои пречка да стекне својство на трговец-поединец.

Согласно член 18 од Законот, во случај на престанување на работењето на трговецот-поединец кон пријавата за бришење на уписот во Трговскиот регистар се приложува: 1. изјава за престанувањето на трговецот-поединец, 2. доказ дека сметката на трговецот поединец е затворена и 3. доказ дека трговецот поединец уредно ги платил даночните обврски и придонесите за пензиско, инвалидско, здравствено осигурување и придонесите за вработување.

Имајќи ја предвид одредбата од член 33 од Уставот произлегува дека секој има уставна обврска да ги намирува јавните давачки и дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постојат законски механизми за нивно исполнување.

Според Судот, а поаѓајќи од наведените уставни одредби, содржината на оспорените членови, како и наводите од иницијативата, пропишувањето на условот кон барањето односно кон пријавата за упис, односно бришење од Трговскиот регистар што се води во Централниот регистар на Република Македонија, да се даде изјава односно доказ дека трговецот поединец уредно ги платил даночните обврски и придонесите од пензиското, инвалидското, здравственото и придонесот за вработување излегува надвор од соодветните законски механизми. Тоа доведува до состојба исполнувањето на обврската на лицето од одреден статус да влијае на остварувањето на право од друг статус што е уставно недопуштено, а секако тоа води кон стеснување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови.

Со оглед на изнесеното Судот оцени дека оспорените законски одредби не се во согласност со наведените уставни одредби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.177/2008
14 јануари 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски