У.бр.176/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 јуни 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата за определување на реонизација на зони на градовите и населените места во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.56/2005).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на уредбата означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата донесувањето на оспорената уредба не била заснована на предлогот на министерот за транспорт и врски, што било услов за донесување на оваа уредба, со што бил повреден членот 83 став 3 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, бидејќи Владата не ја почитувала пропишаната законска процедура.

Во членот 5 став 2 од оспорената Уредба било предвидено дека реоните се состоеле од зони определени од општините. Според иницијативата, општините не можеле да бидат овластени со уредба на Владата да ги определат зоните, затоа што тоа требало да го стори Владата, согласно членот 83 став 1 од наведениот закон, односно Владата не можела своите овластувања да ги пренесува на општините.

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената Уредба била површно работена, а тоа произлегувало и од нејзиниот вовед во кој не било точно и потполно наведен законот, врз основа на кој била донесена таа. Со оспорената Уредба според подносителот на иницијативата се повредувале член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 54, 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија, член 83 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост и член 36 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата за определување на реонизација на зони на градовите и населените места во Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од уредбата се врши определување на реонизација на зони на градовите и населените места во Република Македонија.

Според член 2 од Уредбата со реонизацијата на градовите и населените места се опфаќаат подрачјето на една општина и населените места во рамките на општината според територијалната органиазација на локалната самоуправа на Република Македонија. Според член 3 од Уредбата реонизацијата се врши според местоположбата и степенот на уреденост на градежното земјиште. Во членот 4 од оспорената Уредба е утврдено дека реонизацијата од член 2 на оваа уредба се врши со определување на реони и зони во рамки на реоните. Според член 5 од Уредбата реоните се состојат од зони определени од општините. Во членот 6 е утврдено дека составен дел на оваа уредба е Табеларниот преглед на реони и зони на градовите и населените места по општини во Република Македонија. Според член 7 од Уредбата, оваа уредба влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите морат да бидат во согласнот со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според членот 88 став 1 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт, а во ставот 2 од овој член од Уставот е утврдено дека своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Според членот 36 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000 и 12/2003) со уредба Владата го уредува извршувањето на законите, утврдува начела за внатрешна организација на министерствата и другите органи на државната управа и уредува други односи во согласност со Уставот и со законите.

Според член 91 алинеја 5 од Уставот, Владата на Република Македонија донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Оспорената Уредба е донесена од страна на Владата на Република Македонија врз основа на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.

Имено, согласно член 83 став 1 од наведениот закон заради определување на висината на надоместокот за приватизација, закупнини за долготраен закуп и времен закуп на градежното земјиште се врши реонизација на зоните на градовите и населените места во Република Македонија.

Според ставот 2 на овој член од Законот реонизацијата се врши според местоположбата и степенот на комуналната уреденост на градежното земјиште.

Според ставот 3 од овој член од Законот реонизацијата од ставот 1 на овој член ја определува Владата на Република Македонија на предлог на министерот за транспорт и врски.

Подносителот на иницијативата ја оспорува уредбата и поради тоа што истата според него не била донесена согласно постапката предвидена со Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост од причина што истата не била заснована на предлог на министерот за транспорт и врски.

Судот утврди дека фактот што во уводот на Одлуката објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.56/2005 не е потенцирано дека Владата оспорената Уредба ја донесува на предлог на министерот за транспорт и врски, само по себе не ја прави Уредбата противзаконска поради тоа што обично прописите се доставуваат во форма на предлог до органот надлежен за донесување на тие акти, односно прописи како што е во конкретниот случај. Имено, во текот на претходната постапка Судот утврди дека оспорената уредба е донесена согласно пропишаната законска процедура, односно таа во форма на предлог до Владата е доставена од страна на министерот за транспорт и врски. Според тоа, од аспект на овие наводи не може да се доведе во прашање законитоста на оспорената уредба.

Со Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) се утврдени надлежностите на општините. Така, во листата на надлежностите на општините согласно членот 22 од Законот е определено меѓу другото, и урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште.

Прашањето на уредувањето на градежното земјиште е уредено со Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2001).

Во Глава III на овој Закон „Уредување на градежно зејиште“ спаѓа и членот 42 кој во ставот 1 утврдува дека под уредување на градежно земјиште во смисла на овој закон се подразбира изградба на објекти на инфраструктурата, заради обезбедување на непречен пристап до градежната парцела од јавен пат, поставување на водоводна, канализациона (фекална и атмосферска), електрична, ПТТ и друга инсталација со приклучоци до градежната парцела.

Според ставот 2 на овој член од Законот, планирањето, проектирањето и изведувањето на инфраструктурата од ставот 1 на овој член се врши според просторните и урбанистичките планови и актите што ги заменуваат тие планови како и според коефициентот на искористување на земјиштето утврден со плановите.

Според ставот 3 на овој член од Законот, уредувањето на градежното земјиште од ставот 1 на овој член може да биде извршено целосно или делумно, што го определува општината односно градот Скопје.

Во ставот 4 на овој член од Законот е утврдено дека степенот на уреденост на градежното земјиште поблиску го пропишува министерот кој раководи со Министерството за транспорт и врски.

Од наведеното произлегува дека единиците на локалната самоуправа вршат работи на уредување на градежното земјиште.

Имајќи ги предвид изнесените законски одредби и содржината на оспорената уредба, а во контекст на наводите во иницијативата, Судот утврди дека општините како единици на локалната самоуправа согласно членот 22 од Законот за локаланата самоуправа и Законот за градежното земјиште се надлежни да го уредуваат градежното земјиште согласно Програмата за уредување на градежното земјиште која ја носат единиците на локалната самоуправа, согласно степенот на уреденост на градежното земјиште, кој согласно член 42 став 4 од Законот за градежно земјиште поблиску го пропишува министерот кој раководи со Министерството за транспорт и врски.

Според тоа, не се точни наводите во иницијативата дека Владата со уредба ги овластува општините да ги определуваат зоните, од причини што општините согласно наведените законски одредби имаат овластување да ги определуваат зоните, а што се однесува до Владата на Република Македонија, според Судот, таа со оспорената Уредба на ниво на државата согласно членот 83 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост заради определување на висината на надоместокот за приватизација, закупнина за долготраен закуп и времен закуп на градежното земјиште врши реонизација на зоните на градовите и населените места во Република Македонија, при што ги користи зоните утврдени претходно од општините.

Значи, Владата на Република Македонија при определувањето на реонизацијата ги прифаќа зоните определени од општините што не може да се толкува дека со уредба ги овластува општините да ги утврдуваат зоните.

Тргнувајќи од наведеното Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената Уредба со наведените членови од Уставот и Законот за Владата на Република Македонија, како и со членот 83 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.176/2005
28 јуни 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи