У.бр.160/2000

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 ноември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Тонкица Петровска од Делчево за заштита на слободата на политичкото уверување и слободата на политичкото организирање повредени со актот на Општинската изборна комисија во Делчево за утврдување список на кандидати за избор на членови на Советот на Општина Делчево.

2. Тонкица Петровска од Делчево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите означени во точката 1 од ова решение затоа што смета дека и биле повредени со актот на Општинската изборна комисија во Делчево за утврдување на списокот на листите на кандидати за избор на членови на советот на Општина Делчево во кој била утврдена како кандидат на определена политичка партија без нејзина согласност.

3. На седницата Судот утврди дека на списокот на сите листи на кандидати за избор на членови на Советот на Општината Делчево на локалните избори 2000, е утврдена Тонкица Петровска, како кандидат на Демократската Алтернатива и ВМРО-Демократска партија за македонско национално единство.

Исто така Судот утврди дека Тонкица Петровска изречно наведува дека таа не потпишала изјава за прифаќање на кандидатура и дека повела постапка за утврдување на одговорност за фалсификување на формуларот за прифаќање на кандидатурата што, според нејзиното тврдење, бил потпишан од друго непознато лице.

4. При одлучувањето Судот оцени дека е релевантен фактот што на листите на кандидати се наоѓа лице кое не дало согласност за тоа, независно од тоа кои се причините за таквиот исход. Оваа ситуација, според мислењето на Судот, може да се квалификува како неправилност на постапката за кандидирање. Тие неправилности, пак, според член 68 од Законот за локалните избори, се исправаат во постапка по приговор од изборната комисија, кој може да го поднесе секој кандидат, секој предлагач на кандидати и секој избирач.

Според тоа, симнувањето на подносителката на барањето од кандидатската листа, со што се исцрпува смислата на сите нејзини барања, останува во сферата на исправањето на неправилностите во постапката за кандидирање и нема импликации на ограничување или повреди на нејзиното политичко или друго уверување. За да постои повреда на слободите на уверувањето потребно е актите или дејствијата за кои се мисли дека тоа го прават да бидат извор на дефинитивни налози за трпење или чинење како последица од уверувањата или наспроти уверувањата на граѓанинот.

Во случајов, слободата на уверувањето, без оглед на фигурирањето на листата против волјата на подносителката, не се доведува во прашање затоа што таа, дури и да била избрана, не е ограничена да постапи во склад со своето уверување и, во крајна линија, да поднесе оставка на функцијата.

Евентуалната одговорност за настанатата состојба е сосема друго прашање, во кое Судот не навлегува.

5. Врз основа на изнесеното Судот оцени дека барањето се однесува на заштитата на избирачкото право, а не на слободата на уверувањето и слободата на политичкото организирање, поради што не е надлежен да одлучува за барањето од аспект на член 110 алинеја 3 од Уставот и одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков. д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.160/2000
15 ноември 2000 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов