У.бр.133/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членoви 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седница одржана на 6 јуни 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:

– членот 4 во деловите: “и се мнозинство во таа единица на локална самоуправа” и “постојано”;
– членот 5 во деловите: “и се мнозинство во таа единица на локална самоуправа”, “државните органи, јавните служби и правните лица основани од државата” и “и други инфраструктурни објекти”
алинеја 3 на членот 5 во делот: “и други”;
алинеја 4 и 5 на членот 5;
– членот 6 став 1 во делот: “и се мнозинство во таа единица на локална самоуправа”;
алинејата 1 во ставот 1 на членот 6 во деловите: “при меѓународни средби” и “политички”;
алинејата 2 во ставот 1 на членот 6 во делот: “политички,” и
– членот 8 во делот: “а се мнозинство во таа единица на локална самоуправа,” од Закон за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 58/2005).2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на целината на Законот означен во точката 1 од ова Решение, целината на член 4, член 5, член 6 и член 8 и посебно оспорените член 1, член 2 и член 3 од истиот закон.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата на Македонска Народна партија во делот со кој се бара поведување на постапка за оценување на меѓусебната согласност на Законот означен во точката 1 од ова Решение со Законот за грбот, знамето и химната на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/1997).

4. Ова Решение ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

5. Томе Тодоровски од Свети Николе, Ѓорѓи Наумов од Скопје, ВМРО-Народна партија, Лига за демократија и Македонска народна партија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот и одделни одредби од Законот, означени во точката 1 на ова Решение.

– Според наводите од иницијативата на Томе Тодоровски од Свети Николе, оспорениот Закон бил во спротивност со член 1 и 5 од Уставот на Република Македонија. Имено, според подносителот на иницијативата суверенитетот преставувал највисока јавна власт на одредена територија која не дозволувала конкуренција на било која друга власт. Суверенитетот преставувал неограничена власт на сите субјекти кои постојат на одредена територија, а тоа било битно својство на државата. Оттаму, со истакнувањето на туѓо знаме на територијата на Република Македонија (на соседна или било која држава) значело дека Република Македонија го дели суверенитетот со друга држава, со што се воведувал паралелен суверенитет на друга држава на територијата на Република Македонија.

Инаку, според подносителот на иницијативата, знамето преставувало државен симбол со кој се изразувала припадноста на Република Македонија, па оттаму со секое веење на друго знаме се одбележувала припадност на друга држава на територијата на Република Македонија. Тоа преставувало еден вид владеење на определена територија од страна на друга држава во Република Македонија, бидејќи меѓу другото историјата јасно покажала дека при освојување на друга држава освојувачот веднаш го користел своето знаме и воспоставувал своја власт, додека знамето на поразената држава се тргало.

Понатаму во иницијативата се наведува дека од содржината на членот 5 од Уставот, јасно произлегувало дека во Република Македонија можело да постои само едно знаме, а знаме на друга држава не можело да биде државен симбол и да ја изразува припадноста на Република Македонија.

Имено, во оспорениот Закон не било јасно дефинирано што е државен симбол, а што е знаме на припадници на заедница, истиот опфаќал материја за недефинирани, неодредени и непознати знамиња што ги немало во Уставот, што го правело Законот апсурден, полн со парадокси и спротивен на Уставот. Ваков Закон не можел да преставува акт на операционализација на Уставот бидејќи задолжително воведувал нови знамиња на други држави, а во Уставот немало одредби дека државен симбол на Република Македонија можело да биде и знаме на друга држава, кое можело слободно да се користи на нејзината територијата.

Во иницијативата, подносителот на иницијативата поставува неколку прашања:

Дали со оспорениот Закон се загрозува територијалниот суверенитет на државата кој согласно Уставот требал да биде неделив, неотуѓив и непренослив?

Дали со истакнување и употреба на туѓо знаме на територијата на Република Македонија се врши пренесување на дел од суверенитетот на Република Македонија на државата чие знаме се употребува?

Дали објектите на државните органи и локалната самоуправа припаѓаат на Република Македонија или на државата чие знаме се употребува?

На крај подносителот на иницијативата наведува дека сега оспорениот Закон бил ист, односно сличен со Законот за употреба на знамињата преку кои припадниците на националностите во Република Македонија го изразуваат својот идентитет и националните особености, кој бил поништен од страна на Уставниот суд и врз основа на веќе воспоставената судска практика предлага оспорениот Закон да биде поништен.

– Според наводите од иницијативата поднесена од Ѓорѓи Наумов од Скопје, оспорениот Закон не бил во согласност со член 1 став 1 и 2, член 5 став 1, член 8 став 1 алинеја 11, член 48 став 1 и член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија, најнапред од причина што Законот бил неприменлив.

Имено, членот 2 од оспорениот Закон бил идентичен со членот 2 од Законот за употреба на знамињата преку кои припадниците на националностите во Република Македонија го изразуваат својот идентитет и националните особености и оваа одредба заедно со целината на наведениот Закон биле укинати од страна на Уставниот суд.

Понатаму, подносителот на иницијативата тргнувајќи од содржината на членот 5 од Уставот, наведува дека не можел да се донесе Закон со кој припадниците на етничките заедници кои живеат на територијата на Република Македонија, а чии матични делови, по правило, живееле во други земји да го изразуваат својот суверени­тет со државни симболи (знамиња) на матичната земја. Имено, етничките заедници наведени во преамбулата на Уставот немале право да избираат и употребуваат државно знаме на друга држава за изразување на својот идентитет и особености, бидејќи во тој случај се повредувал член 1 од Уставот.

Со употребата на државни симболи (знамиња) на други држави на територијата на Република Македонија се нарушувал унитарниот карактер на државата и со тоа симболично се манифестирал поделен суверенитет на Република Македонија со државите чии државни симболи се употребувале на нејзината територија.

Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 11 од Уставот. Имено, по цитирање на членот 21 од Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата, подносителот на иницијативата наведува дека бил неспорен фактот за непостоење меѓународен стандард кој во корпусот на правата на етничките заедници предвидувал вакво право, од каде се влече заклучокот дека истите и немале право да го изразуваат својот идентитет преку државните знамиња на матичните земји.

Несогласноста на оспорениот Закон со членот 48 од Уставот, подоцна изменет со амандман, подносителот на иницијативата ја гледа во тоа што најнапред требало да се донесе закон за симболите на етнич­ките заедници во Република Македонија, за да можела да се операционализира наведената уставна одредба. Во тој закон би требало да се уреди кои симболи можат да ги имаат припадниците на заедниците, дали покрај знаме можат да имаат и грб и химна, иако според меѓународните стандарди припадниците на заедниците не можеле да имаат вакви симболи, бидејќи тие биле белег на државата, а не на етничките заедници.

Понатаму, според подносителот на иницијативата знамето можело да се употребува само во случај кога имало со закон определена форма и содржина, а во спротивно употребата можела да биде злоупотребена. Исто така, со закон требало да биде уреден и начинот на кој заедниците можеле да го изберат знамето што сакаат да го употребуваат, бидејќи истите немале органи, институции и други тела. Во тој закон требало да биде уредено кои знамиња не можеле да ги избираат и употребуваат припадниците на заедниците, како што било пропишано во чле­нот 10 став 3 од Законот за локалната самоуправа. Оттука, оспорениот закон бил неприменлив без да се донесе посебен закон за симболите на заедниците во Република Македонија.

Во иницијативата посебно се посочува на член 2 од оспорениот закон и по однос на оваа одредба се наведува дека е нејасна, недоволно дефинирана и неопределива со што се надминувале рамките и интенциите на членот 48 став 1 од Уставот.

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата предлага Судот да го укине оспорениот Закон.

Со оглед на околноста што подосителот на иницијатива, напишана на меморандум од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, не достави овластување од наведената партија за поднесување на иницијатива, ниту пак ја завери со печат на партијата, Судот истата ја третираше како иницијатива поднесена од граѓанин.

– Во иницијативата на ВМРО-Народна партија се наведува дека точката 1 на Амандманот 8 на Уставот бил правна основа за донесување на оспорениот закон. Меѓутоа, Рамковната конвенција за заштита на правата на националните малцинства (член 5 и 21) не утврдувале меѓународен стандард со кој националните малцинства би го изразувале, негувале и развивале идентитетот и националните особености преку правото на избор и на употреба на свои знамиња на територијата на државата чии државјани се, затоа што тоа би било спротивно на основните прин­ципи на меѓународното право и посебно на суверената еднаквост, територијалниот интегритет и политичката независност на државите.

Според подносителот на иницијативата спорното прашање што се поставувало во конретниот случај било: Дали заедниците имаат апсолутно право самостојно да одлучуваат во утврдувањето на формата и содржината (описот) на своите знамиња заради изразување на својот идентитет и особености, вклучувајќи го и правото за свое знаме да изберат знаме на друга држава (матичната држава, како што предвидувал посебно оспорениот член 2 став 2 од Законот), или тоа право на заедниците било ограничено со членовите 1, 3 и 5 и со темелната вредност од членот 8 став 1 алинеја 11 од Уставот на Република Македонија?

Имено, наведените одредби создавале обврска заедниците при изборот на своите знамиња да го вградат и знамето на Република Македонија, раководејќи се од принципот за неделивост на суверенитетот, негова неотуѓивост и непреносливост. Наведените одредби биле основа, рамка и насока за изборот на знамињата на припадниците на заедниците во Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека правото на припадниците на заедниците да изберат свое знаме заради изразување на својот идентитет не било апсолутно слободно, туку било ограничено и во нивните знамиња морало да има апликација на знамето на Република Македонија, како потврда на унитарниот карактер на државата и државниот суверенитет кој е неделив, неотуѓив и непренослив. Ова било во согласност со членовите 5 и 21 од Рамковната конвенција за заштита на правата на националните малцинства.

Во поткрепа на наводите од иницијативата се посочува на донесената Одлука на Уставниот суд У.бр.141/1997 и У.бр.146/1997 од 18 ноември 1998 година со која беа укинати Законот за употреба на знамињата преку кои припадниците на националностите во Република Македонија го изразуваат својот идентитет и националните особености и Указот за прогласување на наведениот законот. Притоа, посебно се нагласува дека во тој случај се оспорувало правото на употреба на знамињата на националностите, а во овој случај се оспорува формата и содржината (описот) на знамињата на заедниците.

Во иницијативата е содржан и посебен предлог за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорениот Закон, како и предлог Судот да донесе Одлука за поништување на Законот.

– Според наводите од иницијативата на Лигата за демократија, оспорениот Закон бил во спротивност со членот 5 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Имено, ако можело да се прифати дека припадниците на заедниците имале право заради изразување на својот идентитет да користат посебни симболи, како што предвидувале член 1, 2 и 3 од Законот, “никако” не можело да се прифати дека тие посебни симболи можеле да бидат идентични со симболите на нивната матична земја. Подносителот на иницијативата бара да биде преиспитано вака наведеното законско решение, затоа што знамињата за кои се определиле албанската и турс­ката заедница всушност биле знамињата на Република Албанија и Репуб­лика Турција.

Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека знамето е симбол на државата според кој истата се разликува од другите држави на меѓународната сцена, со кој симбол се означувал просторот на кој се протега суверенитетот на државата, па истакнувањето на знамиња на туѓи држави на територијата на Република Македонија секого го доведувало во недоумица за чија територија станувало збор.

Со посочување на Одлуката на Судот У.бр.141/1997 и У.бр. 146/1997 од 18 ноември 1998 година се предлага конкретниот случај да се третира како res iudicata, а сега оспорениот закон да биде прогласен како повторување на стариот укинат Закон, односно да се смета како заобиколување на членот 112 став 3 од Уставот, според кој одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

– Македонска народна партија во иницијативата наведува дека оспорениот Закон во целина и посебно членовите 1, 2, 3, 4, 5 и 6 биле спротивни на член 1, член 3 и член 5 од Уставот на Република Македонија.

Имено, со оспорениот Закон се давала можност на заедниците да изберат и употребуваат знаме на друга држава пред објекти на државни органи со што тие знамиња добивале статус на државни симболи, што било спротивно на членот 5 од Уставот. На овој начин се вршела и делба на суверенитетот на Република Македонија, спротивно на членот 1 од Уставот, бидејќи знамето го одразувало суверенитетот на државата на целата нејзина територија, за што Уставниот суд веќе еднаш се произнел со своја одлука.

Понатаму во иницијативата се наведува дека одредбите од оспорениот Закон биле во спротивност со Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија. Ова од причина што со грбот, знамето и химната на Република Македонија се изразувала припадноста на Република Македонија (член 2 од наведениот закон). Воедно, постоела и спротивност со членовите 16 и 17 од Законот, каде бил уреден начинот на кој се истакнува знамето на Република Македонија.

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата предлага поништување на целиот Закон или пак на делови од Законот што биле во директна спротивност со Уставот.

6. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 1 од Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија, со овој закон се уредуваат правото и начинот на употреба на знамињата преку кои заедниците во Република Македонија го изразуваат својот идентитет и особеностите.

Според член 2 од Законот, заедниците во Република Македонија заради изразување на својот идентитет и особености имаат право да употребуваат знаме (став 1). Под знаме во смисла на ставот 1 од овој член, се подразбира знаме што заедниците го избра­ле и го употребуваат како знаме за изразување на својот идентитет и особености (став 2).

Според член 3 од Законот, заедниците во Република Македонија, знамето со кое го изразуваат својот идентитет и особеностите, го употребуваат во јавниот, службениот и приватниот живот на начин утврден со овој закон.

Според член 4 од Законот, во единиците на локалната самоуправа, во која живеат граѓани припадници на заедницата и се мнозинство во таа единица на локална самоуправа, согласно со член 2 од овој закон, пред и во објектите на органите на единиците на локалната самоуправа постојано се истакнати знамето на Република Македонија и знамето на таа зедница.

Според член 5 од Законот, во единицата на локалната самоуправа во која живеат граѓани припадници на зедницата и се мнозинство во таа единица на локална самоуправа, согласно со членот 2 на овој закон, пред и во објектите на државните органи, јавните служби и правните лица основани од државата, јавните служби и правните лица основани од единиците на локалната самоуправа, на улиците, на плоштадите и други инфраструктурни објекти, покрај знамето на Република Македонија се истакнува и знамето на таа зедница:

– во денови на државни и други празници на Република Македонија утврдени со закон;
– во денови на празници на заедниците;
– во денови на општински и други празници утврдени со одлука на советот на единицата на локалната самоуправа;
– при пречек и испраќање на претседателот на Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија и претседателот и членови на Владата на Република Македонија и
– при официјално доаѓање на претседател или премиер на странска држава, како и на суверен или висок преставник на меѓународна заедница.

Според член 6 став 1 од Законот, во единицата на локалната самоуправа во која живеат граѓани припадници на заедницата и се мнозинство во таа единица на локалната самоуправа, согласно со членот 2 на овој закон, доколку се истакне знамето на таа заедница, се истакнува и знамето на Република Македонија:

– при меѓународни средби, натпревари и други собири (политички, научни, културно-уметнички, спортски и други) на кои единицата на локалната самоуправа е организатор, учествува или е презентирана, во согласност со правилата и практиката на одржувањето на тие собири и
– при прослави, свечености и други политички, културни, спортски и слични манифестации кои се од значење за единицата на локалната самоуправа.

Според став 2 од истата одредба, во случаите од ставот 1 на овој член, знамињата се истакнуваат истовремено пред и во објектите во кои се одржуваат средби, натпревари, собири, прослави, свечености и манифестации.

Според член 7 од Законот, припадниците на заедниците во Република Македонија знамето преку кое го изразуваат својот идентитет и особеностите имаат право да го употребуваат во приватниот живот и при одржувањето на културни, спортски и други приредби што ги организираат припадниците на заедниците во Република Македонија.

Според член 8 од Законот, во единиците на локалната самоуправа во која живеат граѓани припадници на заедниците, а се мнозинство во таа единица на локална самоуправа, знамето на Република Македонија и знамето на таа заедница се истакнуваат на следниов начин кога:

– знамето на Република Македонија е истакнато заедно со знамето на заедницата и знамето на единицата на локалната самоуправа, знамето на Република Македонија се истакнува во средината, додека знамето на заедницата е два метра надесно, гледано однапред, а знамето на единицата на локалната самоуправа е два метра налево од државното знаме;
– знамето на Република Македонија е истакнато заедно со знамето на заедницата, знамето на заедницата е надесно, гледано однапред, од знамето на Република Македонија и
– се истакнати повеќе од три знамиња, знамето на Република Македонија ќе биде прво во редот.

Според член 9 од Законот, Советот на локалната самоуправа донесува одлука со која го определува надлежниот субјект за истакнување на знамињата согласно со членовите 5 и 6 на овој закон.

Во членовите 10, 11 и 12 од Законот се содржани казнените одредби, во кои е определена висината на паричната казна за случаите кога правното лице или одговорното лице во правното лице направиле прекршок со постапување спротивно на членовите 4, 5, 6 или 8 од овој закон.

Во членот 13 од Законот, како завршна одредба предвидено е овој закон да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

7. Според член 1 од Уставот, Репуб­лика Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава (став 1). Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив (став 2).

Според член 2 став 1 од Уставот, во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.

Според член 3 од Уставот, територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива (став 1). Постојната граница на Република Македонија е неповредлива (став 2).

Со точката 1 на Амандманот I на Уставот (“Службен весник на Република Македонија” бр.1/1992), се дополнува членот 3 од Уставот, а со точката 2 се заменува ставот 3 на членот 3 на Уставот кои гласат:

Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави.

Границите на Република Македонија може да се менуваат само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност и во согласност со општоприфатените меѓународни норми.

Според член 5 од Уставот, државни симболи на Република Македонија се: грб, знаме и химна (став 1).

Грбот, знамето и химната на Република Македонија се уредуваат со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (став 2).

Според член 8 став 1 алинеја 3 и 11 од Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со Амандманот VIII на Уставот (“Службен весник на Република Македонија” бр.91/2001) членот 48 од Уставот се заменува и гласи:

Припадниците на заедниците имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите на своите заедници и да ги употребуваат симболите на својата заедница (став 1).
Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници (став 2).

Припадниците на заедниците имаат право да основаат културни, уметнички, образовни институции, како и научни и други здруженија заради изразување, негување и развивање на својот идентитет (став 3).
Припадниците на заедниците имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон. Во училиштата во кои образованието се одвива на друг јазик се изучува и македонскиот јазик (став 4).

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според точката 2 на Амандманот X на Уставот, за закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Спорот во врска со примената на оваа одредба го решава Комитетот за односи меѓу заедниците.

Според член 112 став 3 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Според член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот поредок на Република Македонија и не можат да се менуваат со закон.

Законот за ратификација на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства е објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.11/1997.

Според член 5 став 1 од Рамковната конвенција, странките се обврзуваат да ги унапредуваат условите за да им овозможат на припадниците на националните малцинства да ја сочуваат и развиваат својата култура, како и да ги сочуваат суштинските елементи на нивниот идентитет, нивната вера, нивниот јазик, нивните традиции и нивното културно наследство.

Според член 20 од Рамковната конвенција, во вршењето на правата и слободите што произлегуваат од принципите наведени во оваа Рамковна конвенција, припадниците на националните малцинства ги почитуваат националното законодавство и правата на другите, посебно правата на припадниците на мнозинството или на другите национални малцинства.

Според член 21 од Рамковната конвенција, ништо во оваа конвенција нема да биде толкувано како да дава право да се преземат активности или да се постапува спротивно на основните принципи на меѓународното право и посебно на суверената еднаквост, територијалниот интегритет и политичка назависност на државите.

Тргнувајќи од содржината на точката 1 на Амандманот VIII од Уставот, произлегува дека припадниците на заедниците имаат право заради изразување, негување и развивање на својот идентитет и особеностите на своите заедници да ги употребуваат симболите на своите заедници.

Меѓутоа, наведениот Амандманот не го разработува понатаму прашањето за видовите на симболи, нивниот опис, видот на актот во кој треба да биде уредено ова право, како и начинот на употреба на симболите на припадниците на заедниците.

Во отсуство на елементи за определување на видот на актот со кој се уредува употребата на симболите на припадниците на заедниците, како и воопшто видот на симболите, неминовно беше да се воспостави релација на Амандманот VIII на Уставот со Амандманот X на Уставот кој ја уредува материјата за потребниот кворум за одлучување на Собранието во случај кога се носи закон кој директно ја засега употребата на симболите, во кој случај Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија

Од вака поставената релација меѓу двата Амандмани на Уставот произлегува дека оспорениот Закон всушност е операционализација на овие уставни одредби.

Што се однесува до прашањето за отсуството на елементи во Амандманот VIII на Уставот, преку кои поконкретно ќе се определи описот на симболите на припадниците на заедниците, Судот оцени дека станува збор за модел на уставен систем кој се определил да не навлегува во детално утврдување на описот на симболите во Уставот, како највисок акт и тоа како по однос на државните симболи, така и по однос на симболите на националните заедници и препуштил описот на симболите да биде предмет на уредување во друга регулатива. Ова не е случај само со Уставот на Република Македонија туку и со уставите на: Република Белорусија, Руската Федерација, Република Чешка и Кралството Норвешка, кои не содржат опис дури и по однос на државните симболи. За разлика од овој пристап, во Уставот на Република Словенија (член 6 став 2) е содржан опис на државното знаме, а во член 64 став 1 е утврдено правото на автохтоните италијански и унгарски етнички заедници и нивните членови слободно да ги користат нивните симболи со цел да го зачуваат нивниот национален идентитет, а начинот на кој тие права ќе се користат е препуштено да се уреди со закон. Опис на тие симболи во уставните одредби не е содржан.

При ваква состојба, според Судот, пристапот на законодавецот да го уреди правото на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија за употреба на свои симболи со закон, како акт понизок од Уставот е уставно оправдано, бидејќи уставно определеното право треба да биде разработено, операционализирано во конкретна правна рамка, што впрочем е и определба на точката 2 на Амандманот X на Уставот.

Од наведеното произлезе дека оспорениот закон има своја уставна основа во Амандманот VIII на Уставот, односно припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија имаат уставно утврдено право заради изразување, негување и развој на својот идентитет и особеностите на своите заедници да ги употребуваат симболите на својата заедница.

Во поднесените иницијативи генерално не се оспорува правото на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија да имаат свои симболи, туку се оспоруваат видовите на симболи што можат да ги употребуваат како свои, како и формата и содржината (описот) на знамињата на заедниците.

Оттаму, содржината на член 1 и 2 од оспорениот закон, оценувани сумарно, како и оспорениот Закон во целина, според Судот се во согласност со Амандманот VIII на Уставот.

8. Тргнувајќи од содржината на член 2 став 2 од Законот, под знаме во смисла на ставот 1 од овој член, се подразбира знаме што заед­ниците кои не се мнозинство во Република Македонија го избра­ле и го употребуваат како знаме за изразување на својот идентитет и особености.

Оттаму, ако се има предвид изнесената содржина на оспорениот член од Законот, произлегува дека е точно тврдењето во поднесените иницијативи за оставена широка можност за избор на знаме како симбол на припадниците на заедниците. Таквата можност, иако вклучува и избор на знаме на туѓа држава, како симбол на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, сама по себе, според оцена на Судот, не може да предизвика основано сомнение по однос на согласноста на оваа одредба со Уставот и членовите кои го уредуваат прашањето на суверенитетот на Република Македонија.

Имено, со оставањето на ваква можност законодавецот ја имал предвид и историската реалност во создавањето на националните симболи, кои во некои случаи се поклопуваат со знамињата на други држави.

Исто така, законодавецот при креирањето на овој член од Законот ја имал предвид поставеноста и значењето на ова демократско право во Уставот. Ова од причина што Амандманот VIII на Уставот, според системската поставеност во Уставот, спаѓа во делот II.Основни слободи и права на човекот и граѓанинот, со поднаслов 2.Економски, социјални и културни права, од каде произлегува дека вака предвиденото право е на исто рамниште со останатите предвидени и гарантирани основни човекови слободи и права. Впрочем, ова право не е непознато и за поранешните уставни системи во Република Македонија во досегашниот развој на демократијата како политички процес.

Оттаму, изборот на знаме на друга држава како знаме кое ќе служи за симболизирање на идентитет и особености на одредена група на припадници на заедници кои не се мнозинство во Република Македонија не би можел да го загрози суверенитетот и државниот интегритет на Република Македонија се до тогаш до кога така избраното знаме во неговата употреба ќе значи само изразување припадност на одредена заедница во функција на Амандманот VIII на Уставот.

Употре­бените зборови во членот 2 став 2 од Законот во минато време “го избрале и го употребуваат”, според мислење на Судот упатува на констатација дека законодавецот со ваквата формулација всушност ја верификува постојната фактичка состојба на направен избор на свое знаме на припадниците на заедниците. Бидејќи и во точката 1 на Амандманот VIII на Уставот е користена истата терминологија “употребуваат” според Судот тоа е потврда дека законодавецот при креирањето на нормата се движел во дадената уставна рамка.

Во оној момент кога со употребата на така избраното знаме не би се означувала припадност кон одредена заедница, туку би се означувала припадност на друга држава би можело да се постави прашање за согласност со Уставот. Тоа сепак е прашање што не би можело да се разгледува преку оценката на уставноста на членот 2 став 2 од Уставот, туку преку останатите одредби од Законот, како што се член 4, 5, 6 и 8 кои ја уредуваат употребата на знамето на припадниците на заедниците заедно со знамето на Република Македонија пред одредени објекти, по повод одредени настани, средби, случувања и слично.

Врз основа на наведеното произлегува дека член 2 став 2 од оспорениот закон и Законот во целина не би можеле да се стават под сомнение по однос на нивната согласност со одредбите од Уставот на кои се повикуваат подносителите на иницијативата.

9. Тргнувајќи повторно од содржината на Амандманот VIII на Уставот, произлегува дека во него не се предвидува право на употреба на симболи на припадниците на заедниците според нивната процентуална заста­пеност на ниво на единицата на локална самоуправа, туку такво право е дадено на сите припадници на заедниците без оглед на нивната процентуална застапеност.

Според тоа по однос на членовите 4, 5, 6 и 8 од Законот во кои се предвидува право на употреба на знаме само по однос на граѓаните припадници на заедниците кои се мнозинство во единицата на локална самоуправа, според Судот може да се изрази основано сомнение, во наведениот дел, по однос на согласноста со Амандман VIII на Уставот, во кој правото на употреба на симболите на припадниците на заедниците не е поврзано со нивната процентуална застапеност .

Заради ваквата определба би можело да се изрази основано сомнение по однос на согласноста на делови од членовите 4, 5, 6 и 8 од Законот со Уставот и од причина што законодавецот на овој начин ги доведува во привилегирана положба граѓаните припадници на заедниците кои се мнозинство во конкретна единица на локална самоуправа, по однос на останатите припадници кои не се мнозинство. Ова особено ако се има предвид дека определбата на Уставот во Аманданот VIII е на сите припадници на заедници во Република Македонија, а не само на оние кои се мнозинство да им овозможи слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите на своите заедници, што во себе во крајна линија го содржи и принципот на еднаквост на припадниците на сите заедници пред Уставот и законите.

Впрочем, во Амандманот IV на Уставот, со кој се заменува Преамбулата на Уставот, меѓу другото, се уредува дека, граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите,

еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро-Република Македонија, одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.

Оттаму, од содржината на Амандманите IV и VIII на Уставот произлегува дека Република Македонија има определба преку владе-ењето на правото да се изгради како суверена држава што почива на мултиетничка основа во која основните слободи и права имаат значајно место, меѓу кои спаѓаат и правата на сите припадници на заедниците да ги употребуваат симболите на својата заедница со цел изразување, негување и развој на својот идентитет.

Ова особено ако се има предвид дека Уставот во член 5 и Амандманот VIII прави разлика помеѓу знамето како симбол на државата и симболите на припадниците на заедниците, а таква разлика произлегува и од законските одредби, посебно од членот 8 од Законот кој води сметка за почесното место на кое треба да се наоѓа знамето на Република Македонија, во ситуациите кога се истакнуваат и државното знаме и знамето на припадниците на заедниците. При тоа знамето на припадниците на заедниците во согласност со Амандманот VIII на Уставот, во членовите 1, 2 и 3 од Законот е определено како симбол за изразување на идентитетот и особеностите на припадниците на заедниците.

Оттаму, за членовите 4, 5 и 6 во деловите: “и се мнозинство во таа единица на локална самоуправа”, како и членот 8 во делот: “а се мнозинство во таа единица на локална самоуправа” од Законот Судот изрази основано сомнение по однос на нивната согласност со Амандманот VIII, како и со членот 9 став 2 од Уставот.

10. Тргнувајќи од содржината на член 1 од Уставот произлегува дека Република Македонија е конституирана како суверена, самостојна, демократска и социјална држава, во која суверенитетот на Републиката е неделив, неотуѓив и непренослив.

Оттаму, Република Македонија ја има највисоката и неограничена власт и позиција на државната територија. Суверенитетот на државата преставува битно својство на државата со чија помош таа станува независна од надворешните фактори (надворешен суверенитет) и повисок фактор по однос на внатрешните субјекти (внатрешен суверенитет). Притоа Уставот на Република Македонија во член 2 го определува граѓанинот како извор и носител на суверенитетот со што се афирмира теоријата за граѓански многунационален суверенитет, а сите граѓани кои живе­ат во Републиката се еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро-Република Македонија.

Со оглед на околноста што со оспорениот Закон се уредува истовремена употреба на знамето на Република Македонија, како државен симбол, заедно со знамето на припадниците на заедниците неминовно беше да се воспостави релација помеѓу член 1, член 2, член 3 и членот 5 од Уставот со одредбите од оспорениот Закон.

Имено, тргувајќи од членот 5 од Уставот, знамето е еден од државните симболи преку кои се изразува државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Република Македонија, при што со истакнувањето на државното знаме и воопшто со неговата употреба се симболизира припадност кон одредена држава на кој начин се изразува државниот идентитет и државните особености.

За разлика од тоа, употребата или истакнувањето на знамето на припадниците на заедниците има за цел да симболизира припадност кон одредена заедница заради изразување на идентитетот и особеностите на таа заедницата.

Оттаму, се постави прашањето дали со поедини делови од одредени одредби (член 4, 5 и 6) кои ја уредуваат употребата на двата по вид исти, но по суштина различни симболи, во и пред одредени објекти за предвидени празници, прилики и настани може да се доведе во прашање суверенитетот на Република Македонија утврден во член 1, член 2, член 3 од Уставот, како и државните симболи како израз на државниот суверенитет утврдени во член 5 од Уставот.

а) Имено, тргнувајќи од содржината на член 2 точка 1 од Законот за локалната самоправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), според кој општината е единица на локална самоуправа, како заедница на жителите на одредено подрачје утврдена со закон, произлегува дека единиците на локалната самоуправа се конституирани, основани заради задоволување на потребите на сите жители на тоа подрачје.

Оттаму, постојаното истакнување на симбол (знаме) пред и во објектите на органите на единицата на локалната самоуправа, (советот и градоначалникот, спо­ред член 31 од Законот за локалната самоуправа), како што определува член 4 од оспорениот закон според оцена на Судот единствено би можело да значи дека во тоа подрачје сите жители, а не само оние што се мнозинство во таа единица на локална самоуправа, во организиран облик, ја остваруваат власта и ги задоволуваат своите потреби на локално ниво.

Во споротивно тоа би значело дека во мултиетничката единица на локална самоуправа власта на локално ниво ја остваруваат само оние припадници на заедници чие знаме постојано е истакнато пред и во предвидените објекти со Законот. Тоа воедно ќе означи дека суверенитетот на локално, па и пошироко на државно ниво не им припаѓа на сите граѓани, туку само на оние чие знаме постојано е истакнато во единицата на локалната заедница со што, според Судот се постави прашање за согласноста на наведените одредби од Законот, со членот 1, членот 2 став 1 и членот 5 од Уставот.

Оттаму, ако единицата на локалната самоуправа е заедница на жителите на одредено подрачје утврдена со закон, според Судот, пред и во објектите на единицата на локалната самоуправа постојано би можело да биде истак­нато единствено општинското знаме, како симбол што ја разликува таа единица на локална самоуправа од останатите и означува дека на таа географски определена територија живеат и делуваат во организиран облик, на локално ниво, граѓаните на Република Македонија од таа општина, без оглед на нивната национална припадност. Впрочем, за реализација на таквата цел служи и членот 10 од Закон за локалната самоуправа, според кој општи­ната може за свои симболи да има грб и знаме.

Врз основа на наведеното, по однос на делот: “постојано” од членот 4 од Законот, според оцена на Судот постои основано сомнение за неговата согласност со член 1, член 2 став 1 и член 5 од Уставот, според кои суверенитетот на Република Македонија е неделив, произлегува од граѓаните и им припаѓа на сите граѓани на Република Македонија, а знамето на Република Македонија е државен симбол.

б) Во членот 5 од оспорениот Закон е уредено истакнување на знамето на Република Македонија и знамето на припадниците на заедниците што се мнозинство во единицата на локалната самоуправа пред и во објекти на државните органи, јавните служби и правните лица основани од државата и јавните служби и правните лица основани од единицата на локалната самоуправа за време на празници, настани, средби, посети на странски државници или високи преставници на меѓународната заедница и слично.

Тргнувајќи од содржината на членот 5 од Законот, меѓу другото произлегува дека истиот предвидува повремено истакнување на знамето на припадниците на заедниците и знамето на Република Македонија пред и во објектите на државните органи, јавните служби и правните лица основани од државата, од каде се поставува прашањето каква е симболиката на употреба на знамето на припадниците на заедниците пред и во овие објекти.

Имено, ако се има предвид дека во овој случај станува збор за употреба на знаме пред и во објекти на државни органи, јавни служби и правни лица основани од државата, според оцена на Судот уставно е издржано единствено истакнување на државното знаме како израз на државниот суверенитет, но не и на знамето на припадниците на заедниците како израз на идентитетот и особеностите на заедниците.

Оттаму, за делот: “државните органи, јавните служби и правните лица основани од државата” од членот 5 од Законот, Судот изрази основано сомнение по однос на неговата согласност со член 1, член 2 став 2 и Амандманот VIII на Уставот.

Понатаму, по однос на делот: “и други инфраструктурни објекти” од истиот член од Законот според оцена на Судот постои основано сомнение по однос на неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Имено, ако се има предвид дека изразот “и други инфраструктурни објекти” опфаќа во себе, покрај децидно набројаните објекти истакнување на знамињата и во секој друг објект што има инфраструктурен карактер, тоа значи дека знамињата се истакнуваат и на: касарни, гранични премини, театри, железници, водоводи, домови за стари лица, паркови, музеи и слично од каде по повод настаните предвидени во членот 5 став 1 од Законот пред и во секој објект изграден од човечка рака што е наменет за јавни потреби ќе бидат истакнати државното знаме и знамето на припадниците на заедниците.

Според оцена на Судот нејасно е зошто законодавецот пристапил кон ваква општа формулација, а при состојба кога во одредбите пред општата формулација претходи исцрпно и сеопфатно набројување, што ја прави нејасна и целта на ваквото нормирање.

Оттаму, според Судот, ваквата недореченост и произволност на нормите ја доведува во прашање согласноста на членот 5 од Законот со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок. Ова од причина што за целосна реализација на оваа темелна вредност е неопходно нормите да бидат јасни, целосни и недвосмислени, со што нема да се остава можност за произволност во толкувањето и нивната примена.

Ваквиот широк и недоречен нормативен зафат е присутен и во делот: “и други“ од член 5 алинеја 3 од Законот. Притоа, за Судот неспорно е истакнувањето на знамето на припадниците на заедниците за време на празници на заедниците, во кои моменти истото симболизира дека одредени припадници на заедницата имаат свој празник како израз на нивниот идентитет и особености. Меѓутоа, при состојба кога законската одредба децидно ги набројува сите видови на можни празници, како државни, општински и верски, Судот не наоѓа уставна оправданост за наведената формулација „и други“ и оставената можност покрај децидно наброените празници знамето на припадниците на заедниците да биде истакнато и на недефинирани, неопределни празници.

Оттаму, и по однос на овој дел, од погоре наведените причини, Судот изрази основано сомнение за неговата согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Понатаму, Судот, исто така, и по однос на алинеите 4 и 5 на членот 5 од Законот изрази основано сомнение за нивната согласност со Уставот.

Имено, за Судот е неспорно истакнувањето на државното знаме по повод пречек и испраќање на претседателот на Република Македонија, како лице што ја преставува Република Македонија во земјата и надвор од неа и како врховен командант на вооружените сили на Република Македонија; на претседателот на Собранието на Република Македонија, како лице што ги преставува највисокиот преставнички орган на граѓаните и законодавната власт, како и на претседателот на Владата на Република Македонија, како лице што ја преставува извршната власт (член 5 алине­ја 4). Ова од причина што наведените функции според поставеноста во уставниот систем неминовно подлежат на укажување на почит и соодветни почести и преку личностите што ги вршат овие функции се изразува суверенитетот и државноста на Република Македонија.

Притоа Судот имаше предвид дека знамето е симбол на секоја држава преку кој се определува нејзиниот внатрешен и надворешен суверенитет и индивидуалитет, од каде граѓаните на Република Македонија независно од нивната припадност имаат општа граѓанска должност да го почитуваат овој државен симбол, па следствено на тоа прописите што ја уредуваат материјата за употреба на државното знаме со било кое друго знаме, вклучувајќи го и знамето на припадниците на заедниците мораат да ги задоволат критериумите за исполнување на наведената функција и граѓанска должност.

Меѓутоа, во случај кога при пречекот или пак испраќањето на носителите на највисоките државни функции или пак при посети на странски државници или високи преставници на меѓународната заедница (алинеја 5) се истакнува знамето на припадниците на заедниците, истакнувањето на знамето на припадниците на заедниците не може да добие третман на знаме со кое се изразува и негува идентитет на припадниците на заедниците, затоа што по повод вакви настани не може да се изразува идентитет на заедниците, туку државен суверенитет. По повод вакви настани, според оцена на Судот уставно е оправдано единствено истакнување на државното знаме.

Оттаму, по однос на алинејата 4 и 5 на членот 5 од Законот Судот изрази основано сомнение по однос на нивната согласност со член 1, член 2 став 1 и член 5 од Уставот, кој како државни симболи ги утврдува грбот, знамето и химната на Република Македонија.

Во анализата на согласноста на оспорениот закон и поедини негови одредби Судот се задржа на содржината и на одредбите од Виенската конвенција за конзуларните односи, кон која Република Македонија пристапи со Одлука бр.23-2185/1 од 28 јули 1993 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.48/1993).

Имено, во членот 29 од Конвенцијата се уредува употребата на националните знамиња и грбови на странски држави. Според став 1 на овој член, на државата што испраќа и се дава право да го употребува своето национално знаме и грб во земјата што прима. Според став 2, се дозволува веење на националното знаме на државата што испраќа и истакнување на нејзиниот грб на објектот каде е сместено конзуларното преставништво, како и на резиденцијата на шефот на конзуларното преставништво и на неговото превозно средство кога е во службена употреба. Според став 3, во реализирање на правата од став 1 на овој член мора да се обрне внимание на законите, прописите и обичаите на државата што прима.

Од содржината на наведената одредба, како и од целината на текстот на Конвенцијата, произлегува дека државите потписнички не предвиделе директна забрана или резерва за употреба на нивното знаме, како државен симбол за намени што не се уредени со оваа Конвенција. Впрочем, истакнувањето на знаме на друга држава за ситуациите од Конвенцијата има за цел да се искаже промовирање на пријателски односи меѓу државите со респектирање на нивните разлики во уставното и општественото уредување.

в) Во член 6 од оспорениот закон е предвидено истовремено истакнување на знамето на Република Македонија и знамето на припадниците на заедниците што се мнозинство во единицата на локалната самоуправа пред и во објекти во кои се одржуваат меѓународни средби, натпревари, собири, прослави, свечености и манифестации и тоа во случаите кога единицата на локалната самоуправа е организатор, учествува или е презентирана или пак кога наведените настани и поводи се од значење за единицата на локалната самоуправа.

При тоа, според Судот, симболиката на истакнување на знаме на припадниците на заедниците на една меѓународна политичка средба или меѓународна политичка манифестација нема уставна оправданост ако се има предвид дека според концепцијата на Уставот на Република Македонија тоа спаѓа исклучиво во надлежност на државата и нејзините органи, односно во надлежност на Претседателот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија кои можат да се јават како организатори или пак да учествуваат на меѓународни политички средби. Исто така, според листата на надлежности на единиците на локалната самоуправа определена во член 22 од Законот за локалната самоуправа истата не може да се јави како организатор или учесник на меѓународна политичка средба.

Исто така, Судот не можеше да согледа уставна оправданост на употреба на знамето на припадниците на заедниците на меѓународен спортски настан во кој државата, треба да ги брани државните бои на меѓународен план, при тоа изразувајќи го идентитетот и суверенитетот на Република Македонија.

Според оцена на Судот неспорно е правото на припадниците на заедниците да го истакнат своето знаме заедно со знамето на Република Македонија во случаите кога се организираат натпревари и други средби од културно-уметнички или спортски карактер или пак прослави и свечености што имаат за цел изразување, негување и развивање на идентитетот на припадниците на заедниците. Ова од причина што истакнатото знаме на припадниците на заедниците во такви случаи ќе ја одрази нивната особеност и идентитет и ќе овозможи да се разликуваат од останатите учесници на ваквите манифестации за што впрочем и се употребуваат знамињата како симболи.

Меѓутоа, тоа не може да се каже и за меѓународните политички средби, меѓународните натпревари, меѓународните научни собири на кои исклучиво може да се претставува или да учествува Република Македонија со цел изразување, негување и развивање на идентитетот на Република Македонија, како суверена држава.

Оттаму, по однос на деловите: “меѓународни средби,” и “политички,” од алинејата 1 на член 6 став 1, како и делот: ” политички,” од алинејата 2 на истиот член од Законот, Судот изрази основано сомнение по однос на нивната согласност со членовите 1, 2 став 1, 5 и Амандманот VIII на Уставот.

Врз основа на сумираната анализа на членовите 4, 5 и 6 од оспорениот закон и одделни нивни делови по однос на нивната согласност со уставните одредби произлезе дека може да се изрази основано сомнение по однос на нивната уставност.

Од направената анализа на: уставните одредби, меѓународните акти, компаративните согледувања и одредбите од оспорениот Закон, произлезе основано сомнение по однос на согласноста на наведените делови од член 4, член 5, член 6 и член 8 од Законот по однос на член 1, член 2 став 1, член 5, член 8 став 1 алинеја 3 и Амандманот VIII од Уставот.

Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова Решение.

11. Почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, од каде произлегува и правото на националните малцинства, односно кај нас припадниците на заедниците слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особености.

Ценејќи го правото на припадниците на заедниците заради изразување, негување и развивање на својот идентитет да ги употребуваат своите симболи, утврдено како такво во Амандманот VIII на Уставот, но и според одредбите од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, Судот утврди дека Уставот на Република Македонија отишол во проширување на правата на припадниците на заедниците, за разлика од меѓународните акти што се составен дел на внатрешниот правен поредок.

Имено, Уставот им дал за право на припадниците на заедниците да употребуваат свои симболи, како израз на нивниот идентитет и особеност, меѓутоа во ниту еден меѓународен акт не е предвидено вакво право. Гледано пак од аспект на регулативата на други земји што го уредуваат на уставно ниво оваа право, само Република Словенија во членот 64 став 1 од Уставот за автохтоните италијански и унгарски етнички заедници и нивните членови утврдила право слободно да ги користат нивните симболи со цел да го зачуваат нивниот национален идентитет. Од аспект на законска регулатива вакво право е утврдено во Република Словенија и Република Хрватска.

Меѓутоа, според оценка на Судот, без оглед на недостатокот на регулатива во меѓународните акти по однос на ова право, неспорно е дека припадниците на заедниците во Република Македонија можат да го уживаат уставно утврденото право, на начин што ќе овозможи почитување на националното законодавство и правата на другите, посебно правата на припадниците на мнозинството или на другите припадници на заедници, со воздржување од активности што би биле спротивни на основните принципи на меѓународното право и посебно на суверената еднаквост, територијалниот интегритет и политичка назависност на државите во кои таквите права им се гарантираат, што произлегува од содржината на членовите 20 и 21 од Рамков­ната конвенција.

Оттаму, ценејќи го оспорениот закон генерално, произлегува заклучок дека во него се вградени и поголеми права за припадниците на заедниците од оние што се прифатени во општоприфатените норми и акти на меѓународното право.

Меѓутоа, одделни делови од член 4, член 5, член 6 и член 8 од Законот, заради значењето на симболиката на употребата на знамето на припадниците на заедниците во дадените ситуации, особено заради даденото вакво право само по однос на припадниците на заедниците што се мнозинство во единицата на локалната самоуправа, но не и на сите припадници на заедници, одстапуваат од целта на членовите 20 и 21 од Рамковната конвенција.

Имено, целта на наведените одредби е да овозможат заштита на суверената еднаквост, територијалниот интегритет и политичка независност на државите во кои има припадници на национални малцинства од уживање на даденото право на начин што не би ги довел во прашање суверенитетот и територијалниот идентитет, кои секако свој израз имаат и преку државното знаме како симбол на државата. Исто така, во уживањето на дадените права припадниците на националните заедници не би смееле да се издигнат со тоа право над останатите припадници на заедниците или пак над правата на припадниците на мнозинството.

Оттаму, уживањето на даденото уставно право за употреба на знамето на припадниците на заедниците во никој случај не може да биде манифестирано на начин што би можел да предизвика чувство на недоволна почит или одсуство на почит кон државното знаме, или знамето на останатите припадници на заедници.

По однос на наводите за несогласност на оспорениот Закон со член 5 и член 21 од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, Судот оцени дека во меѓународните акти, вклучувајќи ја и наведената Конвенција не постои меѓународен стандард кој во корпусот на правата на националните заедниците го уредува правото на нивни симболи.

Оттаму, тоа што оспорениот Закон предвидел поголеми права за припадниците на заедниците од оние што се прифатени во општо­прифатените норми и акти на меѓународното право, не може да биде основ за доведување под сомнение на целината на Законот по однос на неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 11 и член 118 од Уставот.

12. Понатаму Судот оцени дека нема место за ставање под основано сомнение на целината на Законот, како и посебно оспорените членови 1 до 6 и целината на членовите 4, 5, 6 и 8 од Законот по однос на одредбите од Уставот. Ова од причина што Законот и наведените одредби ценети во целина не го доведуваат во прашање државниот суверенитет на Република Македонија, од причина што со уредувањето на уставно даденото право за употреба на сопствени симболи на припадниците на заедниците само се зацврстува државниот суверенитет на Република Македонија, како мултиетничка средина и мултиетничка заедница.

Врз основа на наведеното, направената анализа на уставните одредби, меѓународните акти, одредбите на оспорениот Закон, уставно-судската практика и добиените компаративни согледувања, Судот одлучи како во точката 2 од ова Решение.

13. Во однос на наводот од иницијативата на Томе Тодоровски од Свети Николе за потребата од постапување на Судот на ист начин како што постапил во предметот У.бр.141/1997 и У.бр.146/1997 заради придржување кон воспоставената практика на Судот, како и по однос на наводот од иницијативата на Лигата за демократија по однос на постоење на пресудена работа и можната повреда на членот 112 став 3 од Уставот, Судот оцени дека вака изнесените наводи се неосновани.

Ова од причина што во времето на важење на Законот за употреба на знамињата преку кои припадниците на заедниците на националностите го изразуваат својот идентитет и националните особености, подоцна укинат со Одлука на Судот У.бр.141/1997 и У.бр.146/1997 од 18 ноември 1998 година во сила беше член 48 од Уставот. Оваа уставна одредба не познаваше право на припадниците на заедниците на употреба на свои симболи и таквото право е востановено со Амандманот VIII на Уставот. Исто така, покрај пооделни содржински сличности меѓу тогаш и сега оспорениот закон постојат и одредени суштински разлики.

Оттаму, не може да се прифати наводот за повреда на членот 112 став 3 од Уставот, ниту пак наводот за целосно придржување на Судот во овој случај кон воспоставената уставносудска практика.

Исто така, неоснован е наводот на Ѓорѓи Наумов од Скопје за несогласност на оспорениот закон со уставните одредби од причини што пред да биде донесен оспорениот закон законодавецот требало да донесе закон за симболите на припадниците на заедниците.

Имено, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд, меѓу другото, ја оценува согласноста на законите со Уставот од каде произлегува дека оцената на уставноста се однесува на она што е содржано во оспорениот акт, а не она што било пропуштено да се уреди со него, или пак што според мислењето на подносителот на иницијативата би требало да претходи на донесувањето на конкретен закон.

Прашањето за евентуален недостаток на регулатива по однос на формата и содржината на знамето на припадниците на заедниците и начинот на неговиот избор може да биде разгледувано само преку постоечка, важечка регулатива во релација со уставните одредби. Исто така, прашање на оценка на законодавецот е дали материјата за употреба на државното знаме и знамето на припадниците на заедниците ќе ја уреди во посебни закони или пак во еден закон.

Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Врз основа на наведената уставна одредба, јасно произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на законите или поконкретно на оспорениот закон со Законот за грбот, знамето и химната на Република Македонија, како што се бара во иницијативата на Македонска народна партија, поради што Судот одлучи како во точката 3 од ова Решение.

Повторно поаѓајќи од надлежноста на Судот определена во членот 110 од Уставот, произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примената на Законот на која се укажува во поднесените иницијативи, бидејќи неговата примена е фактичко прашање.

По однос на предлогот за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Законот, според Судот не постојат тешко отстранливи последици, од каде не се исполнети деловничките претпоставки за донесување на Решение врз основа на членот 27 од Деловникот на Судот.

14. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов. Решението под точка 1 Судот го донесе со мнозинство гласови, а Решението под точките 2 и 3 Судот го донесе едногласно.

У.бр.133/2005
6 јуни 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи